1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Винтеркорн на удар на судските власти на САД?

Геро Шлис/З. Јордановски23 септември 2015

Дебаклот со издувните гасови на дизел-автомобилите ќе има правни последици за Фолксваген, а можеби и за неговиот шеф Мартин Винтеркорн. Правосудството на САД од неодамна остро постапува и против шефовите на компании.

Фотографија: picture-alliance/dpa/J. Lübke

Шефот на Фолксваген Мартин Винтеркорн и менаџерите од концернот многу внимателно треба да ја анализираат пресудата од пред неколку дена, со која судот во Атланта, САД, му изрече казна од 28 години затвор на поранешен шеф на фирма за производство на путер од кикиритки. Стјуарт Пернел беше прогласен за виновен поради небрежен однос оти во 2006. и 2007. година неговата фирма пуштила во продажба путер во кој имало салмонела. Тоа предизвика заболување на стотици луѓе и девет смртни случаи.

„Ова е навистина кривично дело“

Во скандалот со Фолксваген навистина нема смртни случаи, но измамата со бројките за издувните гасови сепак е кривично дело, смета Дебра Гордон од организацијата „Карнегиева фондација за меѓународен мир“. Фолксваген не само што свесно ги прекрши законите на САД, туку ја наруши и конкурентската борба на штета на другите производители на автомобили, смета Гордон: тие, за разлика од Фолксваген, инвестираа во развој на своите автомобили за да можат да одговараат на законските прописи за издувни гасови.

Случајот ФИФА покажува како постапуваат САД

Американското министерство за правда штотуку започна со проверката на кривично-правната релевантност. Но, за ориентација на менаџерите на Фолксваген може да им послужи скандалот со Светската фудбалска асоцијација - ФИФА: министерот Лорета Линч неодамна побара од Швајцарија израчување на неколкумина фудбалски функционери.

На почетокот на овој месец министерството донесе нови директиви за кривично гонење на стопански претпријатија. За прв пат гонењето на поединечните одговорни добива предност пред истрагата против целото претпријатие, оти, како што беше образложено, „претпријатијата можат да направат злосторство само преку дела на луѓе од месо и крв“.

Од што мора да стравува Винтеркорн?

Со тоа министерството реагираше на постојаната критика дека често на одговорност беа повикувани само претпријатијата, а ретко директно одговорните поединци. На пример, во скандалот со дефектните стартни уреди, што однесе најмалку 12 човечки животи, американскиот производител на автомобили Џенерал моторс беше казнет со 900 милиони долари, но ниту еден од неговите менаџери не беше повикан на одговорност.

Од времето кога Винтеркорн самиот ги проверуваше издувните гасови.Фотографија: picture-alliance/dpa/M. Murat

Мора ли сега и Мартин Винтеркорн да стравува од кривичен прогон поради заострената постапка на властите на САД? Ричард А. Пена, адвокат од Вашингтон, уште нема дефинитивен одговор оти новите директиви се многу кратко време во сила. „Ова е еден од првите случаи во кои тие би можеле да бидат применети“, вели тој за ДВ. „Тешко е да се каже што ќе стори министерството за правда. Но, ако внимателно се читаат новите одредби, тогаш би рекол: Да, тоа е апсолутно можно.“

Можна е покана за сослушување

Но, за тоа, според Пена, мора да има силни докази дека Винтеркорн лично знаел за манипулацијата на вредностите на издувните гасови. Тој смета дека сега ќе има темелна истрага и дури кога ќе бидат познати сите факти ќе биде оценето кои лица се засегнати и дали ќе има кривично гонење. Решенијата ќе бидат донесени веројатно по неколку недели. Дотогаш е прилично можно американското министерство за правда да го повика Мартин Винтеркорн или други менаџери на Фолксваген на сослушување во Вашингтон. Ако се случи тоа, Винтеркорн уште не треба да се плаши од апсење во таа фаза на постапката.

Парични казни за концернот и за Винтеркорн?

Дебра Гордон од „Карнегиевата фондација за меѓународен мир“ смета дека е веројатно американското правосудство да им изрече и финансиски казни - не само на Фолксваген, туку и на претседателот на неговиот управен одбор. Гордон притоа ги има предвид бонусите што ги добиваат врвните менаџери во зависност од успехот на претпријатието: „За министерството би требало да е прилично едноставно да утврди колкави му биле примањата на Винтеркорн во годините на подем на претпријатието и колку притоа дополнително заработил“. Нејзиниот заклучок е дека веројатно ќе има лична парична казна, можеби дури и во износ на целокупните бонуси, оти Винтеркорн финансиски профитирал од измамата.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми