1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кабинетот на Иванов го игнорира новото име на државата

20 февруари 2019

Веб-страницата на претседателот го „чува“ името Република Македонија. Доцнење или намера? Од меѓуресорската група потсетуваат на одговорност за кршење на Уставот

Mazedonien Präsident Gorge Ivanov
Фотографија: Investigative Reporting Lab Macedonia

Осум дена откако во сила влезе употребата на новото уставно име на државата - Република Северна Македонија, единствено на веб-страницата на институцијата претседател нема никакви измени: Ѓорге Иванов и натаму е „претседател на Република Македонија. Со истиот потпис „Претседател на Република Македонија“ на 18-ти февруари во „Службен весник“ се објавени седум укази и една одлука на Иванов. Оттаму велат дека тие не смеат да вршат корекции, и дека пристигнатите документи ги објавуваат така како што пристигнуваат.

Досега немаше промени и на веб-страницата на Агенцијата за разузнавање, која е под директна надлежност на шефот на државата. Од вчера таа не може да се отвори, а известувањето дека „страната е во изработка“ можеби навестува дека Агенцијата сепак ќе ги имплементира промените - побрзо од нејзиниот шеф, но подоцна од роковите што ги одреди владината Меѓуресорска работна група која беше формирана за извршување на обврските што произлегуваат од Конечната спогодба со Грција.

Постапка против администраторот?

Според динамиката што ја објави Меѓуресорската група на 12-ти февруари, во рок од 3 дена сите институции требаше да извршат промена на сите дигитални записи - логоа, меморандуми, електронски комуникации, веб-страници. Тој рок истече на 15-ти февруари, а за 6 дена истекува и рокот од две недели во кои треба да се изменат меморандумите, печатените материјали, папките и индикаторите.

Иако беше најавена одредена флексибилност во однос на роковите, прашањето е дали во Кабинетот на Иванов станува збор за доцнење или за намера? Оттаму не се достапни за одговор на ова прашање. Го прашавме Генералниот секретар на Владата, Драги Рашковски, кој ја води Меѓуресорската група, дали таа има некакви механизми за постапување кон оние кои не ги почитуваат обврските.

„Претседателот е независен во своето дејствување. Одговорноста за непочитувањето на законите важи за сите, така што, ако не се почитуваат Уставот и законите, ќе се преземе постапка против администраторот на домејнот“, вели Рашковски. Уставни експерти потсетуваат дека за непочитување на Уставот казните се најмалку три години затвор. 

Прашањето за почитувањето на новото уставно име постепено влезе и во арената за изборен натпревар. Запрашана - дали ако ја изберат за претседател ќе даде заклетва пред Уставот на Република Северна Македонија, кандидатката на ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Силјановска, потсети дека претседателот на Собранието ги распиша изборите за претседател на Република Македонија.

„Јас сè уште не сум тоа, но ако бидам, ќе чуете тогаш како ќе се заколнам. Се разбира дека го почитувам Уставот и законите и соодветно на тоа ќе се однесувам и при заклетвата. Но, да потсетам дека и претседателот, и премиерот, и министрите се заколнаа пред Уставот на Република Македонија, во ниту една програма не најавија промена на името, па немаа никаков проблем“, изјави Силјановска.

Но, нагласи дека „ќе ја почитува реалноста“.

„Ниту ќе го вадам називот или ќе ги фрлам печатот, но при секоја прилика дома и надвор ќе укажувам на проблемот со кршењето на меѓународното задолжително право и Уставот на РМ“, потенцира претседателската кандидатка на ВМРО-ДПМНЕ.

Ратификација на Протоколот во Софија

Додека во Република Северна Македонија трае ваква дебата, национални парламенти на земји- членки на НАТО го ратификуваат пристапниот Протокол за македонско членство во Алијансата под новото уставно име. По ратификацијата во Грција, Словенија и Албанија, денеска Протоколот беше ратификуван и во бугарскиот парламент, во присуство на претседателот на македонското Собрание, Талат Џафери, кој е во официјална посета на Софија. Тој претходно имаше средба со бугарската колешка Цвета Карајанчева, по што беше пречекан од пратениците во пленарната сала.

Парламентот во СофијаФотографија: Imago/R. Unkel

Најава за скорешна ратификација на протоколот стигна и од данската министерка за имиграција, интеграција и домување, Ингер Стојберг, која беше домаќин на средбата со македонскиот министер задолжен за дијаспора, Едмонд Адеми.

„Со нетрпение чека да и посака добредојде на Северна Македонија како 30-та членка на НАТО“, и заменикот- државен секретар на САД, Џон Саливан.

Ова тој го истакнал во телефонскиот разговор со премиерот Заев. Како што соопшти Владата, двајцата соговорници се согласиле дека успешниот епилог на Договорот од Преспа, како и постапката на ратификацијата на Протоколот за пристапување на Република Северна Македонија во НАТО, е од исклучително значење за двете земји, но и за регионот.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми