Дали вака изгледа раскрстувањето со досегашните елити? Гласачите на Трамп би требало да се замислат, смета Оливер Кин од „Франкфуртер алгемајне цајтунг“.
Реклама
Никогаш досега во историјата на САД во еден владин кабинет немало толку многу богаташи. Самиот Доналд Трамп, идниот американски претседател, според Форбс располага со имот од околу 3,7 милијарди долари, со што ни оддалеку не е најбогатиот во владата која од 20 јануари 2017 година треба да ја води земјата.
Министерка за образование треба да биде Бетси ДеВос, негов заменик Тод Рикетс, исто така милијардер. И семејството на идната министерка за сообраќај, Елејн Чао располага со милијарди долари. Доколку министер за енергетика биде токму Харолд Хем, се надоврзуваат уште 15 милијарди долари. Стив Мнучин, банкарот од Голдман-Сакс, избраникот на Трамп за министер за финансии, со своите 40 милиони долари имот се чини во овој контекст речиси сиромашен.
Богатството не е неморално, посебно не во американскиот политички систем, каде дури и изборната кампања за мандат во Сенатот чини повеќе милиони долари. Но, со номинацијата на министрите Трамп има голем проблем: неговата веродостојност. Со месеци на своите симпатизери во изборната кампања Трамп им ветуваше, доколку биде избран, ќе го исуши мочуриштето во Вашингтон. Ова популистичко ветување му го донесе најголемиот дел од гласовите на белите, не толку имашливи делови од населението. Со ваквото ветување тој беше атрактивен дури и за некои демократи, зашто со него се најде на линијата на Бени Сандерс, кој пак себе си сепак се декларираше како социјалист.
Составот на кабинетот на Трамп ќе наиде на неразбирање токму кај оваа категорија гласачи, зашто сите кандидати припаѓаат на високата класа од Источниот брег, а Трамп вети ставање крај токму на предоминацијата на олигархијата. Не е чудно што сега пукотат токму демократите, го потсетуваат на неговите изборни ветувања и уште сега, уште пред тој да ја преземе официјално функцијата, го обвинуваат за „кршење на зборот“. Трамп и неговите гласноговорници се обидуваат да се одбранат со аргументацијата - речиси сите идни членови на кабинетот се политички аутсајдери, со што би имале поголем преглед какви промени треба да се преземат во престолнината. Освен тоа, поради нивното богатство тие не би биле поткупливи, а со своето богатство веќе ја докажеле својата способност на „победници“.
Но, дали овој кабинет на милијардери и милионери воопшто може да ги разбере проблемите на Американците од средната класа, е големо прашање. Навистина, најавено е намалување на данокот на приход, што е во полза на просечните вработени. Но, од него се разбира ќе профитираат и богатите и тоа уште во поголеми размери. Ако во следните четири години успее да се пробие политика на растоварување на имотливите, без да се подобри ситуацијата на средниот и пониските слоеви, резервоарот на разочараните и гневните, со чии емоции Трамп толку виртуозно играше во изборната кампања, ќе стане уште поголем. Освен тоа, тоа би била победа на капитализмот над демократијата.
Трамп: популист, могул, претседател
Тој е градежен претприемач, бестселер-автор, ТВ-ѕвезда, а сега и 45-ти претседател на САД. Во Трамп многумина гледаа комична фигура, но тој сега се вселува во Белата куќа.
Фотографија: picture-alliance/dpa
Семејството, империјата
Во кругот на најмилите: Доналд Трамп со сопругата Меланија, ќерките Иванка и Тифани, неговите синови Ерик и Доналд јуниор, како и внуците Кај и Доналд јуниор III. Трите деца работат како заменици во „Империјата Трамп“.
Фотографија: picture-alliance/dpa
Неговиот татко: Фредерик јуниор
Почетниот капитал за своите бизниси Трамп го добил од својот татко Фредерик. Тој на почеток му подарил еден милион долари, а по смртта во 1999 на Доналд и неговите три останати деца им оставил во наследство имот од 400 милиони долари.
Фотографија: imago/ZUMA Press
Милијарди заработени со помош на марката Трамп
Трамп инвестира агресивно, постојано доживува неуспеси, но долгорочно има успешен биланс, на пример со Кулата Трамп во Њујорк. Својот имот Трамп денес го проценува на десет милијарди долари. Експертите сметаат дека пореална е третина од оваа сума.
Фотографија: Getty Images/D. Angerer
„Многу добар, многу паметен“
Тао го вели Трамп самиот за себе, додавајќи дека студирал на елитниот универзитет Вортон во Филаделфија, каде се стекнал со бечелор-диплома во 1968. година.
Претходно неговиот татко го испратил 13-годишниот Доналд во воен интернат во Корнвол за да учи диспциплина. На крајот на школувањето се стекнал дури и со офицерски чин.
Фотографија: picture-alliance/AP Photo/
Со коскен шилец избегнат ангажман во Виетнам
Трамп меѓутоа успеал да избегне учество во војната во Виетнам. Спортскиот млад човек бил прогласен за неспособен за војска поради коскен шилец во петицата.
Фотографија: picture-alliance/AP Photo
Првата сопруга: Ивана
Во 1977 година Трамп се ожени со чешката манекенка Ивана Зелничкова. Три деца се родени во бракот кој постојано беше во сенка на гласините за различни афери.
Фотографија: Getty Images/AFP/Swerzey
Семејство број два
Во 1990 година Трамп се разведе од Ивана и се ожени со својата втора сопруга, 17 години помладата Марла. Заедничката ќерка се вика Тифани.
Трамп не се покажуваше радо во јавноста само со својата жена, туку милуваше да се фотографира опкружен со „мисици“ од различни избори на убавици. Од 1996 до 2015 година тој беше главниот спонзор на изборот за Мис универзум во САД.
Фотографија: picture-alliance/dpa/K. Lemm
Како се прават пари
Како брзо да се заработат милиони? Книгата на Трамп „Начинот на склучување зделки“ дава упатства, таа е делумно автобиографска, делумно советник за амбициозни бизнисмени. Ова дело на Трамп не само што стана бестселер, туку и го стави авторот во фокусот на вниманието на јавноста.
Фотографија: Getty Images/AFP/M. Schwalm
Трамп во политиката
Трамп настапуваше во свое ТВ-шоу, се појавуваше пред камери, но со политика не се занимаваше. Но, на 16 јуни 2015 година најави учество во трката за избор на републикански претседателски кандидат. Неговиот слоган е „Да ја направиме Америка повторно голема“. Кампањата ја водеше со настапи со семејството и со навреди кон доселениците, муслиманите, жените и своите конкуренти.
Фотографија: picture-alliance/dpa/J. Lane
Функција со достоинство
Дали популистот и шоумен сега ќе се претвори во предводник на слободниот свет?Многумина тоа не можат да си го замислат. Но, животниот пат на Доналд Трамп покажува: овој човек располага со преобразувачка способност на камелеон.