1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Од понеделник комерцијални летови од Кабул

Јенс Јенсен
11 септември 2021

Државната пакистанска авиокомпанија ПИА има намера во понеделник (13.09) да почне повторно со комерцијални летови од Кабул. Многумина се надеваат дека на тој начин ќе го напуштат Авганистан.

Pakistan International Airlines
Фотографија: picture-alliance/AP

„Ги добивме сите технички дозволи за авиосообраќај“, изјави портпарол на пакистанската државна авиокомпанија ПИА за агенцијата АФП. Првиот лет би требало да стартува во пакистанскиот главен град Исламабад.

Со повлекување на американските трупи од Авганстан на крајот на август, летовите за евакуација од Кабул, кои почнаа откако талибанците ја презедоа власта во Авганистан, беа запрени. Преку меѓународниот воздушен мост за неколку недели беа евакуирани околу 123.000 луѓе од Авганистан. Но, тоа е далеку од вистинскиот број странци кои сакаат да ја напуштат земјата и Авганистанци кои се загрозени поради соработка со западните воени сили.

Чартер-летови

Најавата од Пакистан ги подгрева надежите за повторен почеток на регуларен воздушен сообраќај. Неделава со чартер-летови од Авганистанбеа изнесени над 250 луѓе, меѓу нив и голем број Американци, како и Германци. Тие беа однесени во Катар.

Авганистанците кои се на безбедно, а кои сакаат по престој во меѓустаница да продолжат за САД, мора да чекаат. По појавата на случаи на зараза со морбили, американската влада засега не ги пушта во земјата.

Неделава со чартер-летови од Авганистан беа изнесени над 250 луѓе, меѓу нив и голем број Американци, како и ГерманциФотографија: Karim Jaafar/AFP

Морбили се дијагностицирани кај четворица од неодамна пристигнатите Авганистанци, изјави портпаролката на Белата куќа, Џен Псаки. Заразените лица мора да бидат во карантин. Летовите со Авганистанци кои сакаат во САД засега се запрени како „мерка на претпазливост“. Бегалците од Хиндукуш кои пристигнале во воените бази на САД сега се вакцинираат, меѓу дугото и против морбили, заушки и рубеола.

Според Псаки, владата во Вашингтон ја преиспитува можноста да се вакцинираат и оние кои се наоѓаат во воени бази во други земји. САД, на пример, ја користат базата Рамштајн во германската покраина Рајнланд Пфалц како транзитна точка за илјадници луѓе од Авганистан кои треба да бидат распределени во САД по евакуацијата.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми