Кавга во германската влада за доселувањето
2 јануари 2014Германскиот министер за надворешни работи од Социјалдемократската партија, Франк-Валтер Штајмајер, во „Зиддојче цајтунг“ остро ги критикуваше позициите и барањата на Христијанско-социјалната унија за ограничувања на пристапот на луѓето од Романија и Бугарија кон германскиот пазар на труд. Оној кој го доведува во прашање слободниот на проток на работната сила и‘ наштетува на Европа и на Германија, смета тој:
„Европските слободи се сржта на нашата идеја за Европа, а слободата на движење на работниците е неразделен дел од европската интеграција. Германија од тоа исклучително многу прифитираше, сигурно многу повеќе од останатите“, дополнува министерот.
Еден од најблиските соработници на Штајнмајер беше уште подиректен:
„Христијанско-социјалната унија не ја разбира Европа, а очигледно не ни сака да ја разбере“, критикуваше државниот министер Михаел Рот во „Зиддојче цајтунг“.
Рот, исто така од СПД, е одговорен за прашањата во врска со Европа во германското министерство за надворешни работи. Според него, Германија како извозна земја, профитира од отворените пазари и флуктуацијата на работната сила. ЦСУ со глупави пароли создава атмосфера против мигрантите и не ја почитува ниту фактичката состојба, што е исклучително опасно, предупредува тој.
Повод за разгорувањето на дебатата е одредбата според која од почетокот на оваа година во ЕУ е во сила целосна слобода на движењето на работниците, која важи и за граѓаните од Романија и Бугарија, за кои досега постоеја преодни ограничувања. Сега тие имаат целосен слободен пристап и на германскиот пазар на труд. Од овој аспект, Христијанско-социјалната унија во документот за партискиот собир во Вилдбад Кројт бара воведување построги правила против злоупотреби од страна на т.н. сиромашни мигранти. Лидерот на ЦСУ, Хорст Зехофер вчера ја потврди позицијата. Неговата партија се залага за забрана за повторно влегување во земјата за доселеници кои лажеле или фалсификувале документи за да добијат социјална помош. Во игра е и опцијата во првите три месеци од престојот во Германија да не постои право да се прима социјална помош.
Германската влада, ако не се земе предвид оценката на Штајнмајер, реагираше воздржано на предлозите во Минхен. Министерството за труд, на чие чело исто така се наоѓа член на СПД, излезе со соопштение дека не се очекуваат поголеми влијанија на германскиот пазар на труд како последица на слободното движење на работниците од Бугарија и од Романија.
Плановите на ЦСУ ги критикуваа и претставници на стопанството.
„Во многу бранши претпријатијата и натаму имаат проблеми да најдат квалификувани кадри, таму доселениците се добредојдени“, изјави заменикот раководител на Германската комора за индусрија и трговија, Ахим Дерек за „Рајнише пост“.
„Тесните грла“ не важат само за академци и високо квалификувани работници, туку се‘ повеќе и за обичните професии.