Кавга во коалицијата: СПД не сака да биде само нем посматрач
Сабине Кинкарц | ЕМФ
3 јули 2018
Во судирот меѓу ЦДУ и ЦСУ, социјалдемократите делуваа чудно дистанцирани. Во меѓувреме и во СПД почна да кружи страв и растечка лутина. За постигнатиот компромис меѓу ЦДУ и ЦСУ социјалдемократите ќе се изјаснат денеска.
Реклама
Социјалдемократите во последните две недели беа вчудовидувачки воздржани. Судирот меѓу ЦДУ и ЦСУ кој постојано се зголемуваше од нивна страна беше негативно коментиран и беа упатувани повици за разумност, но сето тоа со јасно видлива дистанца.
Во меѓувреме и во централата на СПД беше спозната сериозноста на ситуацијата. Зашто, ако се распадне пратеничката група на унијата (ЦДУ и ЦСУ), тоа неминовно ќе има последици и за коалициониот партнер СПД. Со мрачен поглед шефицата на СПД Андреа Налес вчера зборуваше за „безобѕирна драма“ на Унијата. Нејзиното трпение е истенчено. „Тоа така не оди. Во претседателството на СПД и раководството на СПД сите само вртат со главите поради хаосот во ЦДУ и ЦСУ.“
Налес оцени дека „ЦСУ е на опасен 'еготрип', Германија и Европа се парализирани, ЦДУ со оглед на ултиматумите, обидите за уцена и заканите со оставки е притисната до ѕид.“
На СПД не ѝ одговара распад на коалицијата во која и таа е партнер. Нови избори би дошле во многу неповолен момент за социјалдемократите. Анкетите покажуваат дека рејтингот на СПД и натаму е многу низок. Претстојното ново ориентирање на партијата е сѐ уште на стартот, а идниот правец во никој случај не е јасен.
Експертите и партиските тела во СПД денеска ќе го разгледуваат она што доцна вчеравечер произлезе како компромис од судирот за мигрантите меѓу ЦДУ и ЦСУ, а во 18 часот би требало да се состане Коалициската комисија.
Генералната секретарка на ЦДУ Анегрет Крамп-Каренбауер изрази увереност дека СПД ќе го поддржи компромисот за транзитни зони за одредени бегалци. „И СПД рече да, таа сака забрзување на постапката“, изјави Крамп-Каренбауер изутринава за вториот канал на германската телевизија - ЗДФ.
Судирот меѓу ЦДУ и ЦСУ околу мигрантите беше надминат вчеравечер, со договор за транзитни центри на германско-австриската граница за оние бегалци за чија постапка за азил се надлежни други земји на ЕУ, на пример затоа што во тие земји првпат стапнале на територија на ЕУ. Од овие центри барателите на азил може да бидат и директно враќани во тие земји, доколку за тоа постојат соодветни договори. Доколку за барателите на азил се надлежни земји со кои нема вакви договори, бегалците би се враќале во Австрија, за што би требало да се постигне договор со Виена.
Социјалдемократите во 2015 година се спротивставија на отворање транзитни центри, иако ЦДУ и ЦСУ тоа уште тогаш го предлагаа, но за сите бегалци, а не за одредена група за чија постапка за азил се надлежни други земји во ЕУ.
Пријателите и непријателите на Меркел
Во потрагата по „европско решение“ за миграциската криза, на Ангела Меркел ѝ се потребни сојузници меѓу шефовите на влади во ЕУ. Но, сојузници има сѐ помалку, а некои настапуваат се поодлучно против неа.
Фотографија: picture-alliance/AP Photo/O.Matthys
Партнер
Ако постои политички пријател на сојузната канцеларка, тогаш тоа е францускиот претседател Емануел Макрон. И тој, како и Меркел, сака европско решение, зашто исто така се плаши за опстанокот на ЕУ. Баварската ЦСУ пак верува дека Макрон ја поддржува Меркел зашто го „купила“ со финансиско-политички отстапки.
Фотографија: picture-alliance/Tass/dpa/M. Metzel
Хуманист полн со разбирање
Новиот шпански премиер Педро Санчез постапи во согласност со политиката на Меркел, дозволувајќи во неговата земја да пристигне брод со африкански бегалци, одбиен од владата на Италија. Толкава доза хуманост е ретка деновиве. Но, социјалистичкиот политичар сепак нагласи дека на неговата земја ѝ е потребна помош во совладувањето на миграцијата.
Фотографија: Getty Images/AFP/J. Soriano
Посредник
Холандија е трговска нација, отворените граници во ЕУ се многу важни за Холанѓаните. Во тоа премиерот Марк Руте се согласува со Ангела Меркел. Од друга страна, расположението во неговата земја во меѓувреме е повеќе антимигрантско. Руте воопшто не сака во ЕУ да влезат лица кои немаат право на азил. Во тој контекст, тој би можел да преземе улога на посредник.
Фотографија: Reuters/F. Lenoir
Тактичар
Меѓу Ангела Меркел, демохристијанка и левичарот Алексис Ципрас постојат огромни идеолошки разлики. А сепак грчкиот премиер се залага за „европска солидарност“ во решавање на миграциската криза и лично ја поддржува Ангела Меркел. Причина за тоа би можело да биде разбирањето кое Меркел го покажа во контекст на грчката криза - Ципрас се надева на нови отстапки.
Фотографија: Reuters/A. Konstantinidis
Радикал
Данецот Ларс Леке Расмусен не изгледа како радикал, но е радикален по прашањето на миграцијата. Данската влада спроведува строга политика на „застрашување“ на азилантите, построга отколку другите земји. Расмусен прв ја лансираше идејата за прифатни центри надвор од ЕУ. Тој не сака прераспределба на азиланти во земјите членки на ЕУ.
Фотографија: imago/Belga
Противник
Австрискиот канцелар Себастијан Курц се однесува љубезно кон Ангела Меркел, но не го крие длабокото несогласување кон нејзината либерална бегалска политика. На друга страна, Курц одлично се согласува со противниците на Ангела Меркел на внатрешнополитички план - министерот за здравство Шпан и министерот за внатрешни работи Хорст Зехофер, како и баварскиот премиер Маркус Зедер.
Фотографија: picture-alliance/dpa/P. Kneffel
Притиснат
Непартискиот италијански премиер Џузепе Конте е еден од најтврдите ореви за Меркел. Конте никако не сака да прифати (вратени) бегалци, првпат регистрирани во Италија. Притисок врз него врши пред сѐ италијанскиот министер за внатрешни работи Матео Салвини од ксенофобната Лега: „Ние не можеме да прифатиме веќе ни едно единствено лице“. Со такви изјави, во Италија расте популарноста на Лега.
Фотографија: picture-alliance/ZumaPress
Незаинтересиран
Никој толку жестоко не ја критикуваше политиката на отворени граници на Ангела Меркел како унгарскиот премиер Виктор Орбан. За него, кризата е проблем на Меркел, а не негов. Тој воопшто не отпатува на мини-самитот за бегалците, за разлика од другите лидери на т.н. Вишеградска група (Чешка, Словачка, Унгарија и Полска). Сите тие категорично одбиваат прераспределба на бегалци.