1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Конфликти

Кавга во Персискиот Залив: еден - нула за Катар

Керстен Книп
6 јули 2017

Анти-катарската коалиција предводена од Саудиска Арабија е воздржана по средбата во Каиро. Дополнителни санкции против малиот емират нема да има. За тоа постојат добри причини.

Ägypten Außenminister Treffen in Kairo
Фотографија: Reuters/K. Elfiqi

Воздржан тон во изјавите од Каиро: со жалење е примен „негативниот одговор" на Катар, велат претставниците на Саудиска Арабија, Бахреин, на ОАЕ и на Египет, кои пред речиси еден месец се здружија против емиратот Катар. Катар покажал „недоволно разбирање" за сериозноста на ситуацијата, изјави египетскиот министер за надворешни работи, Самех Шукри. Затоа блокадите кон Катар и натаму остануваат на сила.

Министрите за надворешни работи, по неодамнешните консултации, сепак ќе се воздржат од дополнителни санкции. Веројатно се надеваа дека Катар ќе попушти под притисокот на веќе постоечките мерки. Ваквите очекувања уште пред средбата ги отфрли министерот за надворешни работи на Катар, Мухамед Бин Абдулраман Ал-Тани.

Тој рече дека едно нешто не може да се очекува од неговата земја: дека би се откажала од својот суверенитет за да ја прекине блокадата од соседните земји. Блокадата ја смета за „јасна агресија и навреда на сите меѓународни договори, институции и правни договори", рече тој за време на средбата во лондонскиот тинк тенк Четам Хаус. Блокадите спрема неговата земја имале пред се за цел "на Запад да создадат непријателска клима кон Катар."

Катар: нема криза што не може да се реши

Катар истовремено испрати и пораки за помирување. „Криза постои, но може да се реши", се вели во весникот од Доха „Ал Ватан". Благодарност е упатена до Кувајт за ангажманот како посредник.

Саудиските весници досега не го делат истиот тон. „Тоа што го направија лидерите на Катар за да засолнат екстремистички и терористички групи во и надвор од земјата, за да ги поддржуваат и финансираат, ни ја наметнува претпоставката дека платеници и терористи на државата ѝ се поважни отколку почитуваниот катарски народ", се вели во весникот "Ал Ријад".

Катар и натаму се однесува сувереноФотографија: Getty Images/ANOC/M. Runnacles

Катар и неговите сојузници

И покрај таквата реторика, коалицијата се воздржа од заострување на мерките. Построги мерки кон Катар и онака би биле тешко спроведливи, бидејќи емиратот е важен партнер за САД. На воздухопловната база Ал-Удеид се стационирани околу 10.000 американски војници. Обединетите Арапски Емирати им понудија неодамна на САД база во земјата, веројатно и со идејата да се прекине врската меѓу Вашингтон и Катар. Сепак, веројатноста е мала дека Вашингтон ќе го прифати предлогот. Американската позиција ја зајакнува фактот дека на Арапскиот Полуостров има двајца сојузници кои меѓусебно конкурираат за нив, ОАЕ од една и Катар од друга страна.

Покрај тоа, на коалицијата против Катар ѝ е јасно дека и нивниот сојуз не е претерано силен. Минатиот октомври Саудиска Арабија привремено го прекина експортот на нафта кон Египет, бидејќи Каиро во Советот за безбедност на ООН два пати со Русија гласаше во корист на сирискиот претседател Асад. Веќе извесно време Каиро се труди да ги подобри односите со Москва, која со конфликтот во Сирија и во контекст на Иран повторно се етаблира како влијателен фактор во регионот.

Фрагилен сојуз: анти-Катар коалицијата во КаироФотографија: Getty Images/AFP/K. Elfiqi

Слабите страни на коалицијата

Тоа не го спречува претседателот Ал-Сиси да негува добри, па дури и пријателски односи со американскиот претседател Трамп. Пред средбата во Каиро, двајцата имаа телефонски разговор. „Ставовите на двајцата претседатели во однос на пристапот кон актуелната криза се поклопуваат, особено во поглед на договорите кои придонесуваат за сигурноста и безбедноста на регионот", сумираше Ал-Сиси. Тоа наведува на согласност, но не и на експлицитно одобрување за тврдокорни мерки против Катар од страна на Трамп.

Од перспективата на Ријад, релациите меѓу Русија и Египет се барем во основа проблематични. Саудискиот врв не е среќен ни со тоа што Каиро тесно соработува со главниот непријател Иран. Обратно пак, Египет не ги поздравува саудиските релации со Етиопија. Адис Абеба и Каиро почесто имаат спорови околу користењето на реката Нил.

Поголема тензија во релациите кон Катар пред се ќе го оптовари и односот на алијансата кон Турција. Анкара и Доха делат извесна блискост кон Египетските муслимански браќа, кои за Саудиска Арабија се „терористи".

Интересите на Турција

Релациите на Турција и Катар имаат и економска позадина. Анкара се обидува да привлече катарски бизнисмени за дополнителни инвестиции во Турција. Турски фирми се борат за зделки во Катар. Катар е таргетиран и како купувач на оружје од турско производство.

Турција игра ризично во политиката, бидејќи стави многу нешта на една карта. Со оглед на воздржаните изјави од Каиро, сега излегува дека играла правилно. Катар е побогат за еден близок сојузник на кој, како што изгледа, може и да се потпре.

Емиратот пак изјави дека не сака да стане „втор Бахреин", инсинуација на внатрешно и надворешнополитичкиот курс на малото кралство, кое од перспективата на Катар е премногу под влијание на Саудиска Арабија. Ова свое очекување Катар уште еднаш си го потврди.
 

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми