1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кавга во Полска - како да се одбележи независноста

Моника Ширацка
10 ноември 2018

На 100-годишнината од повторното стекнување независност на Полска, во Варшава се организираат два паралелни маршеви. Националистите и владата ќе се судрат на истата рута.

Polen Warschau Rechtsradikale beim Marsch zum Unabhängigkeitstag
Фотографија: picture-alliance/NurPhoto/J. Arriens

Националистите  сепак добија дозвола да организираат демонстрација на 11. ноември, Денот на независноста на Полска. Градоначалничката на Варшава, Хана Гронкиевич-Валц издаде претходно забрана за одржување на манифестацијата, но судот вчера донесе поинаква одлука. Градоначалничката беше раководена од загриженоста дека учесниците на демонстрацијата, како во претходната година, ќе истакнуваат транспаренти со ксенофобични пораки: „Историјата на Полска и посебно на Варшава, веќе доволно страдаше поради агресивниот национализам“.

Но, организаторите, меѓу кои и Национално-радикалниот лагер, ОНР, не попуштаа и се обратија до судот, кој пак процени дека искуството од лани не мора да се преслика врз годинашните учесници. 

Државно организирана демонстрација како алтернатива

Всушност, претседателот Анджеј Дуда и владејачката партија Право и правда, ПиС, потајно се радуваа, зашто со забраната на демонстрацијата, која во изминатите осум години прерасна во масовна манифестација, градоначалничката всушност ќе ѝ одеше од рака на власта. Одамна различни влади се трудат да популаризираат други свечености како алтернатива за националистичкиот марш, но без успех. Овојпат тоа се чини можно. Претседателот Анджеј Дуда и  премиерот Матеуш Моравјецки повикаа на учество во државна прослава под мотото „Бело-црвен марш за 100-годишнината од повторната независност на Полска“.

Маршрутата на маршот се поклопува со онаа која традиционално со години ја користат националистите. На таков начин ПиС сака да постигне политичка маргинализација на од година во година сѐ подобро организираните националисти и кон светот да демонстира дистанцираност од радикалите. Меѓутоа, сега во Варшава ќе бидат одржани два марша.

Националистичко наследство

Причина за манифестацијата е 100-годишнината од повторната независност на Полска, која од крајот на 19. век не егзистирала како држава на картата на Европа и чии делови 123 години биле под власт на Прусија, Австрија и Русија. Политичкиот пејзаж на земјата пред 100 години и во предвоено време бил сличен на денешниот. Меѓу либералите и конзервативците владеела идеолошка борба, а на десната маргина настанувале радикални националистички движења. 

И денешните полски националисти со своите Маршеви на независноста се надоврзуваат на предвоените традиции. Годинешното мото гласи: „Бог, чест и татковина“, во 2017. година беше: „Го сакаме господ“. За време на маршот можеа да се видат деснорадикални транспаренти и симболи, меѓу кои и келтски крст, кој се смета за неофашистички симбол и се употребува наместо забранетиот кукаст крст. На транспарентите стоеја пароли како: „Европа треба да биде само бела“, „Чиста крв“ или „Бела Европа на братските нации“. Еден од говорниците беше Роберто Фиоре, лидер на десноекстремистичката италијанска Форца Нова.

Ланскиот Марш на независноста на националистите во ВаршаваФотографија: picture-alliance/dpa/PAP/R. Pietruszka

Политичка двојна игра

Државното обвинителство го истражуваше однесувањето на учесниците на маршот во насока на ширење „забранети идеологии“ и „јазик на омраза со расистичка, етничка и верска заднина“, но досега не е донесена никаква одлука. Полскиот претседател Анджеј Дуда во полските медиуми изрече осуда на екстремистичките пораки, со кои „не смее да се согласува ниеден чесен човек во Полска“, но според него, само мал дел од учесниците употребувале спорни транспаренти и симболи, додека убедливото мозинство било патриотски мотивирано, со желба во радосна атмосфера да ја прослави повторната независност на земјата. Истиот тенор преовладуваше во сите коментари од владата. Многумина критичари во тоа препознаваат  двојна игра на полската влада,  нејзино официјално дистанцирање од националистите, но во основа - нивно толерирање и заштитување.

Конкурентска прослава

Тоа што државно организираниот марш сега конкурира на националистичкиот, сведочи сепак за заострување на фронтовите во рамките на десноконзервативниот табор. Националистите се обидуваат да се дистанцираат од владата, повторувајќи дека нивниот од 2010. година организиран марш претставува спонтана иницијатива „од долу“, сосема спротивно на „од горе“ наложената државна прослава. „Важно е Маршот на независноста да го задржи својот општествен карактер, зашто само така соодветствува на желбата на Полска и на патриотите за прослава на независноста “, напиша Роберт Бакиевич, шеф на здружението кое го организира Маршот на независноста и член во раководството на деснорадикалната групација Национално-радикален лагер.

Сепак, за многумина Полјаци в недела ќе биде тешко да ги разликуваат двете демонстрации. Државниот марш започнува еден час пред маршот на националистите, на исто место и ја следи истата рута низ Варшава. Речиси сигурно е дека двете демонстрации делумно ќе се прелеат една во друга. Тоа не е според желбата на националистите, зашто силната автентичност на нивниот марш можно е да биде загубена во корист на државната демонстрација.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми