„Целосно губење време“, критикуваше американскиот претседател по средбата со највисоките претставници на опозициските демократи. Доналд Трамп нагло го прекинал разговорот и излетал надвор од собата.
Реклама
Повторно во фокусот беа парите што ги бара Доналд Трамп за изградба на ѕид на границата со Мексико. Американскиот претседател во Белата куќа ги пречека лидерите на опозицијата во Претставничкиот домот и Сенатот, Ненси Пелоси и Чак Шумер. Тоа беше „целосно губење време", напиша Трамп на Твитер, откако ги напушти преговорите. „Прашав, што ќе се случи за 30 дена, ако брзо ги отворам работите (ја окончам блокадата на администрацијата) - ќе гласате ли тогаш за безбедност на границата, која вклучува ѕид или челична ограда? Ненси рече НЕ, јас реков чао, поинаку не оди!"
Лидерот на пратеничката група на демократите во вториот дом на Конгресот- Сенатот, Чак Шумер, пак на новинарите им изјави: „Доживеавме уште еден напад на лутина, бидејќи тој не го доби она што го сака, а потоа го напушти состанокот".
Потпретседателот Мајк Пенс, кој исто така беше присутен на средбата, негираше дека Трамп ја изгубил контролата. На почетокот на состанокот, Претседателот делеше слатки, раскажа Пенс.
Граница САД-Мексико: Бетон наместо челик
Ѕидот на границата со Мексико ќе се гради. Американскиот претседател Доналд Трамп потпиша соодветен декрет. На делови од границата веќе има ограда. Дали сега челикот ќе биде заменет со бетон?
Фотографија: Reuters/J. L. Gonzalez
Трамп има искуство со градење
„На нашата јужна граница ќе изградам голем ѕид. Никој не гради ѕидови подобро од мене и за тој ѕид ќе плати и Мексико.“ Тоа американскиот претседател Доналд Трамп го изјави во текот на кампањата. Досега тој градеше пред сѐ висококатници и хотели. Ѕидот на границата е на прво место на неговиот план од 10 точки во делот на политиката на доселување.
Фотографија: picture-alliance/AP Photo/C. Torres
Крај кој завршува „нигде-никаде“
Границата меѓу САД и Мексико е долга околу 3.200 километри. Од нив со жица се обезбедени околу 1.100 километри. Границата минува низ четири американски и шест мексикански сојузни држави, минува низ пустина и големи градови. Поради лошата пристапност, еден мал дел од границата во Њу Мексико е отворен. На други места пак патролираат службеници за заштити на границата.
Фотографија: Reuters/M. Blake
Несовладлив челичен џин
Бројот на илегални доселеници во САД се проценува на околу 350.000 годишно. Голем дел од нив доаѓаат од Мексико. Дел од доселениците од Мексико се толерираат. Од друга страна, мексиканските семејства не добиваат виза. Доселениците си посакуваат подобар живот, работа и повеќе пари за своите семејства.
Фотографија: picture-alliance/dpa/A. Zepeda
Само мал допир
Семејствата живеат разделени со ограда. Прегратка не е можна. Во најдобар случај низ челичните шипки може да се протне рака. Ако Доналд Трамп го оствари најавеното, тогаш наместо челик овде ќе има бетон. Тогаш и мал допир нема да биде можен.
Фотографија: picture-alliance/ZumaPress/J. West
Од изолација до предрасуди
„Кога Мексико праќа луѓе, тогаш не ги испраќа најдобрите“, рече Трамп во текот на кампањата. „Испраќа луѓе кои прават многу проблеми. Тие носат дрога, злосторства, силувачи. Некои, би рекол, се и добри луѓе.“ Трамп сака да ги протера илегалните доселеници, барем оние кои се со криминално досие. Сепак, и покрај заканите, многу Мексиканци не се откажуваат од своите планови за бегство во САД.
Фотографија: picture-alliance/AP Photo/G. Bull
Пустина, граница и назад
За некои Мексиканци сонот завршува на границата. Тие завршуваат в затвор. Други за илегално минување преку границата плаќаат со својот живот. Медиумите критикуваат дека безбедносните сили пукаат преку границата. Дури во 2015 година за тоа првпат е обвинет припадник на американската погранична служба.
Фотографија: Reuters/D.A. Garcia
Со сачмарка против непожелните гости
Џим Чилтон, американски фармер, во патрола низ својот имот. Неговата фарма на површина од 200.000 квадратни метри на југоистокот од Аризона граничи директно со Мексико. Помеѓу има само бодликава жица. Чилтон се смета себеси лично одговорен за безбедноста и одвреме-навреме посега по сачмарката.
Фотографија: Getty Images/AFP/F.J. Brown
Чуден крај
„Тортиља ѕид“ е потценувачкиот назив на 22,5 километри долгиот дел од границата меѓу Отеј Меса Бордер Кросинг во Сан Диего (Калифорнија) и Пацификот. Оградата завршува во водата. За да се побегне на другата страна е доволно само да се исплива околу оградата.
Фотографија: picture-alliance/dpa/A. Zepeda
8 фотографии1 | 8
Огорчениот спор околу граничниот ѕид е причина за таканаречениот „шатдаун“, кој парализира делови од американската влада од 22 декември. Крај на оваа буџетска блокада не е на повидок. Поради оваа причина, околу 800.000 вработени во федералните служби мора да работат без плата или да бидат испратени на принудно отсуство. Ако блокадата трае по петок, тоа ќе биде најдолг „шатдаун“ во историјата на САД.
Трамп порача дека ќе го потпише новиот закон за буџетот само ако во него има издатоци од 5,7 милијарди долари (околу пет милијарди евра) за изградба на ѕид на јужната граница на САД. Демократите - од чии гласови во Конгресот зависи усвојувањето на буџетот - одбиваат финансирање на ѕидот.
Трамп: популист, могул, претседател
Тој е градежен претприемач, бестселер-автор, ТВ-ѕвезда, а сега и 45-ти претседател на САД. Во Трамп многумина гледаа комична фигура, но тој сега се вселува во Белата куќа.
Фотографија: picture-alliance/dpa
Семејството, империјата
Во кругот на најмилите: Доналд Трамп со сопругата Меланија, ќерките Иванка и Тифани, неговите синови Ерик и Доналд јуниор, како и внуците Кај и Доналд јуниор III. Трите деца работат како заменици во „Империјата Трамп“.
Фотографија: picture-alliance/dpa
Неговиот татко: Фредерик јуниор
Почетниот капитал за своите бизниси Трамп го добил од својот татко Фредерик. Тој на почеток му подарил еден милион долари, а по смртта во 1999 на Доналд и неговите три останати деца им оставил во наследство имот од 400 милиони долари.
Фотографија: imago/ZUMA Press
Милијарди заработени со помош на марката Трамп
Трамп инвестира агресивно, постојано доживува неуспеси, но долгорочно има успешен биланс, на пример со Кулата Трамп во Њујорк. Својот имот Трамп денес го проценува на десет милијарди долари. Експертите сметаат дека пореална е третина од оваа сума.
Фотографија: Getty Images/D. Angerer
„Многу добар, многу паметен“
Тао го вели Трамп самиот за себе, додавајќи дека студирал на елитниот универзитет Вортон во Филаделфија, каде се стекнал со бечелор-диплома во 1968. година.
Претходно неговиот татко го испратил 13-годишниот Доналд во воен интернат во Корнвол за да учи диспциплина. На крајот на школувањето се стекнал дури и со офицерски чин.
Фотографија: picture-alliance/AP Photo/
Со коскен шилец избегнат ангажман во Виетнам
Трамп меѓутоа успеал да избегне учество во војната во Виетнам. Спортскиот млад човек бил прогласен за неспособен за војска поради коскен шилец во петицата.
Фотографија: picture-alliance/AP Photo
Првата сопруга: Ивана
Во 1977 година Трамп се ожени со чешката манекенка Ивана Зелничкова. Три деца се родени во бракот кој постојано беше во сенка на гласините за различни афери.
Фотографија: Getty Images/AFP/Swerzey
Семејство број два
Во 1990 година Трамп се разведе од Ивана и се ожени со својата втора сопруга, 17 години помладата Марла. Заедничката ќерка се вика Тифани.
Трамп не се покажуваше радо во јавноста само со својата жена, туку милуваше да се фотографира опкружен со „мисици“ од различни избори на убавици. Од 1996 до 2015 година тој беше главниот спонзор на изборот за Мис универзум во САД.
Фотографија: picture-alliance/dpa/K. Lemm
Како се прават пари
Како брзо да се заработат милиони? Книгата на Трамп „Начинот на склучување зделки“ дава упатства, таа е делумно автобиографска, делумно советник за амбициозни бизнисмени. Ова дело на Трамп не само што стана бестселер, туку и го стави авторот во фокусот на вниманието на јавноста.
Фотографија: Getty Images/AFP/M. Schwalm
Трамп во политиката
Трамп настапуваше во свое ТВ-шоу, се појавуваше пред камери, но со политика не се занимаваше. Но, на 16 јуни 2015 година најави учество во трката за избор на републикански претседателски кандидат. Неговиот слоган е „Да ја направиме Америка повторно голема“. Кампањата ја водеше со настапи со семејството и со навреди кон доселениците, муслиманите, жените и своите конкуренти.
Фотографија: picture-alliance/dpa/J. Lane
Функција со достоинство
Дали популистот и шоумен сега ќе се претвори во предводник на слободниот свет?Многумина тоа не можат да си го замислат. Но, животниот пат на Доналд Трамп покажува: овој човек располага со преобразувачка способност на камелеон.