Кавги во ДИК, досега избришани само починатите
6 април 2016ДИК го изгласа извештајот за досегашната обработка на спорните гласачи, но не даде одговор на клучното прашање: има или не услови за избори на 5 јуни. Повеќечасовната седница се претвори во пресметка меѓу претставниците на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ околу Извештајот и теренските проверки. Членовите од СДСМ сметаат дека избирачкиот список не е прочистен, додека за членовите на ВМРО-ДПМНЕ работата е во најголем дел завршена.
Досега извесно е само дека од Избирачкиот список ќе бидат избришани околу илјадa лица кои се починати според евиденцијата на МВР и Управата за матични книги.
Од ДИК соопштија дека од 87.128 лица кои биле теренски проверувани, 37.435 лица не биле пронајдени дома. Од МВР сè уште не се докрај обработени податоците на повеќе од 100.000 лица кои се појавија како спорни по вкрстената проверка.
Претседателот на ДИК, Александар Чичаковски изјави дека нема да го потпише избирачкиот список ако остане макар и еден спорен гласач. Според изборниот законик, кога ќе се распушти Собранието, а тоа во случајов е вечерва, на 6-ти април, ако изборите се закажат за 5-ти јуни, следниот ден Министерството за внатрешни работи треба да достави Избирачки список до ДИК.
Од граѓанската асоцијација МОСТ денеска оценија дека ДИК носеше нелогични одлуки и дека изврши нетранспарентна теренска проверка.
Претседателот на Собранието, Трајко Вељаноски најави дека постои можност за „тактизирање“, односно да се одложи одлуката за распишување на изборите со што би и се овозможило на ДИК да ги заврши своите задачи.