1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Каде исчезнаа Грундиг, Телефункен, Нордменде?

СН/ агенции
4 септември 2017

Модерната забавна електроника корени влече од Германија. Но звучните имиња поврзани со техниката „Мејд ин Џермани“, како Телефункен, Грундиг и Нордменде исчезнаа. Што се случи со нив?

Radio - Altes Röhrenradio
Фотографија: picture-alliance/K. Ohlenschläger

Историјата на модерната забавна техника е тесно поврзана со Германија. Инженерите од Телефункен во 60-тите години од минатиот век беа пресудни за развојот на ТВ-приемниците во боја. На токму пробивот на телевизиорите во боја го означи почетокот на падот на традиционалната германска компанија основана уште во 1903 година, и тоа по налог на царот Вилхелм II. На крајот на Телефункен му пресуди конкуренцијата од Азија. Ни спојувањето со електронскиот џин АЕГ не ѝ помогна на бавната, но сигурна пропаст на марката која едноставно не пронајде одговори за идеите и импулсите на јапонските концерни како Сони. На крајот во 80-тите години од Телефункен не остана ништо повеќе од името. Телефункен денес егзистира на пазарот само како име зад кое делуваат многу производители, што не влева некоја голема доверба кај потрошувачите.

Телефункен налепница, содржина од Турција

На овогодишниот саем за забавна електроника во Берлин ИФА, кој ќе трае до 6 септември, Телефункен се појави со еден ТВ-приемник кој го произведува за западниот пазар целосно непознатиот турски концерн Вестел. Турскиот концерн пазарот го снабдува и со апарати за домаќинство кои го носат амблемот на традиционалната германска марка.

Фотографија: picture-alliance/ dpa

Но, на пазарот се појавуваат и производи со налепница на Телефункен кои не доаѓаат од погоните на турскиот концерн Вестел. Трговскиот ланец Реал продава звучници со ознаката Телефункен. Една фабрика во Брилон продава Телефункен производи за осветлување, а забуната кај потрошувачите да е уште поголема, јужногерманската компанија Керер, која корисниците ја знаат по уредите за чистење, на пазарот токму што претстави електричен велосипед од брендот Телефункен.

На Грундиг му остана само германското име

Листата на германски традицонални марки кои се тесно поврзани со развојот на збавната електроника, а кои сега егзистираат исклучиво како име, е подолга. Метц, кој многу повозрасни Германци го поврзуваат со поимот ТВ-приемник, сега во сопственост на кинескиот концерн Скајворт и на ИФА гордо го покажува својот најнов ЛЦД-телевизор со ХДР- технологија. Метц уште еден мал дел од своите уреди навистина ги произведува во Германија. Исто како и традиционалната марка Леве, основана во 1923 година.

Но, додека овие две традицонални марки се’ уште задржаа помал дел од производството во Германија, некогашниот електронски гигант Грундиг целосно се повлече од својата „татковина“. По бројни проблеми, Грундиг, кој е основан „дури“ во 1946 година, и се поврзува со поимот германско економско чудо, од 2007 година се наоѓа во рацете на турскиот Холдинг Коч. Турскиот инвеститор во Германија задржа само неколку работни места во логистиката. Многу повредно е самото име кое, благодарејќи и на многуте „гастарбајтери“, стана синоним за блескавото протрошувачко општество на Запад. И денес по излегувањето од воз во Минхен ќе ве пречека огромна реклама на Грундиг- призор кој за многу странци е првото нешто што ќе го видат во Германија. Но Грундиг со Германија, освен историјата, нема  никаква врска.

Фотографија: Imago/Schöning

Враќање на Нордменде

На овогодинешниот саем ИФА една друга култна германска електронска марка слави скромно враќање на пазарот. Нордменде, основан 1923 година во Дрезден, по Втората светска војна стана еден од најважните производители на радио и ТВ-приемници во Германија. По пропаста во 60-тите и 80-тите години Нордменде е продаден на француски Томсон, за на крајот само како име да заврши во рацете на германскиот производител на сателитска опрема ТехниСат. Иднината на Нордменде новиот сопственик ја гледа во развојот на дигитално радио. И Нордменде по речиси 100 години се врати во Дрезден.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми