Каде и зошто се најскапи цените на електрична енергија?
20 јули 2011
„Голем број региони во сверниот и југозападниот дел на Камбоџа немаат воопшто пристап до електрична енергија”, објаснува Петер Болстер. Тој работи за германската организација за развојна помош ГТЦ и веќе шест години живее во Камбоџа. Функционална електрична мрежа има само во главниот град Пном Пен и некои туристички региони. Онаму, пак, каде има струја таа е ногу скапа.„Цените на струјата во Камбоџа се меѓу највисоките во цел свет”, вели Петер. Главна причина за високите цени е фактот што струјата се произведува речиси исклучиво од дизел. А, пак, дизелот мора комплетно да се увезе од странство по цената што е на светскиот пазар.
Биогориво како замена за дизелот
Поради тоа во некои региони се експериментира со биогориво кое треба барем делумно да го замени скапиот дизел. Биогоривото се добива од растението „јатропа” што е лесно за одржување и може да расте и на не толку плодна почва. Маслото што се добива од неговите плодови, што изгледаат како ореви, може да се користи како гориво за работа на дизел генератор што произведува струја. Во еден пилот-проект со помош на ова биогориво беа снабдени 380 домаќинства со струја. Покрај тоа се користат и други алтернативни енергии, како на пример биогас. Меѓутоа, овие технологии се многу скапи за поголемиот број семејства, вели експертот Болстер.
Иднината е во хидроцентралите
Владата во Камбоџа се залага производството на енергија во иднина да се одвива со помош на хидроцентрали. За оваа цел минатата година беше пуштена во погон првата хидроцентрала со мал капацитет. Годинава треба да почне со работа уште една ваква централа. Многу енергија може да се произведе со помош на реката Меконг. Таа не е најголемата река само во Камбоџа, туку и во цела Југоисточна Азија. Меѓутоа за да се реализира оваа идеја мора да се согласат и другите погранични држави низ кои поминува реката Меконг. А, тоа се Кина, Виетнам и Таиланд. „Многу држави имаат право на глас”, вели Петер Болстер, „затоа не може да се смета со брзо решение.”
Нема пари за добри проекти
Лошата инфраструктура и високите цени на струјата непостредно влијаат врз стопанскиот развој на Камбоџа. Голем број претпријатија, како на пример од текстилната бранша, порадо сакаат да инвестираат во соседниот Виетнам. Таму енергијата, а со тоа и производните трошоци, се многу поефтини. Со цел да се реши основниот проблем на Камбоџа со електричната енергија владата мора да инвестира во изградба на национална енергетска мрежа, смета Фолкер Карл од Германската банка за развојна помош КФВ. Само доколку помали постројки би биле дел од една национална мрежа ќе може да се произведе вишок енергија, која потоа ќе ги снабди оние делови каде недостасува електрична енергија. Само на тој начин ќе може да се одржаваат помалите постројки за енергија. Но, за жал за вакви проекти и´ недостасуваат финансиски средства на владата во Камбоџа, смета тој.
За приватни фирми има многу малку нешта што би ги поттикнале да инвестираат во инфраструктурата на Камбоџа. Поради ниските просечни примања на луѓето речиси е невозможно и за инвеститорите да ги покријат своите трошоци само со продажбата на електричната енергија. Поголемиот број од луѓето во Камбоџа не можаат воопшто да си ја дозволат скапата струја, вели Петер Болстер. „Луѓето живеат со по еден долар на ден. Од каде да најдат уште еден долар за еден киловат час струја?”
Автор: Филип Билски/ Светлана Брик
Редактор: Александра Трајковска