1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Каде оди Словенија на чело со Јанша?

Норберт Мапес-Нидик
30 мај 2020

Третиот мандат на Јанез Јанша би можел да биде потурбулентен од претходните. Земјата се’ повеќе се поларизира, а во надворешната политика врските со Орбанова Унгарија се се’ посилни.

Slowenien | ehemaliger Premier Janez Jansa
Третиот мандат на Јанез Јанша веројатно ќе биде потурбулентен од претходнитеФотографија: picture-alliance/dpa/T. Brey

„Наскоро ќе бидеме најдобри во борбата против короната“, порача преку Твитер новинарката Евгенија Карл. И, продолжи во ист, саркастичен тон: „99,9 отсто од населението ја поддржува владата. Стануваме втора Швајцарија, без корупција, без невработеност.“

Повод за тој твит не се големите очекувања од новата словенечка влада, туку фактот дека владата на Јанша со кадровски промени во Државниот завод за статистика очигледно сака да создаде изгледи не само за една нова и убава Словенија, туку и на нова, убава статистика.

Словенечката „ноќ на долгите ножеви“

Јанез Јанша (61) е на власт нешто повеќе од два месеца. Ја презеде точно на почетокот на корона-рестрикциите. Истиот ден, во некаков вид словенечка верзија на „Ноќ на долгите ножеви“, паднаа „глави“ во армијата, полицијата и воената тајна служба. Следеа и други државни службеници на највисоки позиции. Но, најважното поле на некогашниот новинар Јанша се - медиумите.

Кога медиумите открија дека новиот министер за здравство Здравко Почивалшек во текот на набавката на заштитните маски му дал предност на „пријателско“ претпријатие, Јанша веднаш започна војна против „предавниците на татковината“, „југофилите“, „комунистите„ и „Удба-мафијата“.

Норберт Мапес-НидикФотографија: L. Spuma

Како изгледаат тие удари на сопствена кожа своевремено искуси и новинарката на словенечката телевизија Евгенија Карл, која од страна на Јанша во една прилика беше наречена „курва која наплаќа 30 до 35 евра“. Тој тоа смее да го прави и во иднина. Деновиве словенечкиот Врховен суд заклучи дека новинарите мора да истрпат такви навреди упатени од страна на политичарите.

Партизани и домобрани

Таков неумерен тон ја следи словенечката политика од самите почетоци. Независноста во 1991 година ја изборија комунистичкиот и антикомунистичкиот табор, но наскоро следеше раскол - поради тоа што комунистите останаа на власт, антикомунистичкото малцинство се чувствуваше изиграно.

Тонот се заоструваше со секој изборен пораз кој опозицијата го доживуваше од комунистите. Првиот претседател на Словенија, Милан Кучан, наеднаш во очите на опозицијата стана „сталинист“ и беше споредуван со Слободан Милошевиќ, иако токму тој беше еден од оние кои му се спротивставија на белградскиот диктатор, со што и започна процесот на распаѓање на Југославија. Словенечката комунистичка партија под водство на Кучан беше и таа која не прогонуваше дисиденти и ги штитеше од прогон.

Главната кавга помеѓу двата табора се води, слично како и во Хрватска, околу Втората светска војна. Левите и леволибералните политички сили кои произлегоа од комунистичкото движење, се трудат да одржат позитивно сеќавање на партизанското движење. За нив Југославија беше преодна фаза на патот кон независност на Словенија. Десницата се повикува на словенечките домобрани кои соработувале со италијанските и германските окупатори.

Во јавниот дискурс доминира борбата околу спомениците, масовните гробници и почесните водови. Економските контроверзи околу приватизацијата и странските инвестиции тука играат неважна улога. Словенија од сите поранешни комунистички земји кои заеднички пристапија во Европската унија во 2004 година имаше примања најблиски до просекот во ЕУ.

Од дисидент до националист

Јанез Јанша,кој во 1980-те како новинар на „Младина“ важеше за главен словенечки дисидент, кој поради својата работа заврши и во затвор, по прогласувањето на независноста се разви во лидер на десницата, а неговата партија, која на почетокот се нарекуваше социјалдемократска, стана собиралиште на националистите. Неговата Словенечка демократска партија (СДС) никогаш не освои повеќе од 30% на изборите. Од другата страна на политичкиот спектар, левицата постојано произведуваше нови партии и лидери кои потоа исчезнуваа по само еден изборен период.

Јанша во 2004 и 2012 година доаѓаше на власт само кога во лево-либералниот табор толку многу ќе се испокараа, што не беа во состојба да формираат влада. Причина за кавгите најчесто беа обвинувањата за корупција. Но, и таборот на Јанша често влегува во корупциски афери.

По безбројните превирања, левицата и либералите се додуша и натаму силни, но мнозинството, како што смета мариборскиот политиколог Борис Везјак, станува се’ понесигурно. По изборите во 2018 година на уште еден политичар од левичарскиот табор, на актерот Марјан Шарец, му појде од рака да формира малцинска влада, но таа, по бројни кавги, се распадна на почетокот на годинава. На почетокот на март Јанша успеа да собере парламентарно мнозинство со шарена коалиција - освен неговата СДС, тука се и католичката Нова Словенија, Партијата на пензионерите, на чие чело е 48-годишната (!) Александра Пивец, како и остатоците од некогашната владеачка партија на поранешниот премиер Миро Церар.

Јанша и Орбан - силни врски

Може да се очекува малите партии, кои се пред се’ заинтересирани за позиции и ресурси, да останат во таа коалиција. По бегалската криза во 2015 година, тирадите на Јанша против странците, хомосексуалците и ЕУ наидуваат на се’ помалку критики и во левичарскиот табор, кој се’ уште има најмногу приврзаници меѓу Словенците.

На надворешнополитички план Јанша се ориентира во насока на Орбанова Унгарија, чиј премиер во последно време настојува да исплете цврста и влијателна мрежа во регионот. Орбановиот Фидес негува добри односи со националистите во Северна Македонија, а настојува да и’ се приближи што повеќе и на се’ поавтократската Србија. Со Оливер Вархеји како нов еврокомесар за проширување, положбата на Будимпешта во регионот е зајакната. Тоа би можело да се почувствува веќе наредната година, кога Словенија, како прва земја со влада од орбитата на Виктор Орбан, ќе го преземе претседавањето со Европската унија.

Норберт Мапес-Нидик Норберт Мапес-Нидик, 1953, е германски новинар и автор на повеќе книги за Балканот.
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми