1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Каде се бегалците?

2 септември 2017

Додека се собираат потписи за „будење“ и се најавуваат референдуми по општините, мигрантите ги снема од Балканот. Колумна на Љупчо Поповски.

Idomeni Flussüberquerung Flüchtlinge Mazedonien
Фотографија: DW/D.Tosidis

Веќе е совршено јасно дека приказната со бегалците, која овие месеци се појави речиси од никаде, ќе биде една од главните теми на опозицијата на локалните избори. Не е важно дали таа е поткрепена со факти, дали навистина Македонија ќе прифатела 150 или 200 илјади мигранти, ќе изградела станови за нив и ќе се обидела да им обезбеди работа. Важна е перцепцијата и поттикнувањето на стравот. Една политичка опозиција се труди да најде и најмала „квака“ за да може да продаде политичка агенда и тука нема што да ѝ се забележи на ВМРО-ДПМНЕ. Кога политиката била ексклузивно поврзана со вистината за да биде и во овој случај? Неброените седници на собраниската Комисија за труд, каде градоначалниците од сегашната опозиција еден по еден доаѓаа на јавна заклетва дека нема да дозволат нивните општини да се претворат во прифатилишта за мигранти (наводно, тоа било наведено во владината стратегија за наредните години), патетичните дебати на проопозициските медиуми, емотивните реплики на вмровските пратеници при расправата за разрешувањето на јавниот обвинител Марко Зврлевски - сето тоа е политички дозволено, па макар и да не било точно. ВМРО-ДПМНЕ сега преку општинските совети подготвува и референдуми во неколку градови против населување на бегалци кои би се одржале токму на денот на локалните избори, а паралелно се собираат потписи за „будење“ на граѓаните.

СДСМ зборува дека тоа биле фантомски приказни кои немаат никаква врска со вистината, но факт е дека со општите фрази се во дефанзива во оваа политичка тема. Ако ВМРО-ДПМНЕ зборува за некаква опасност од менување на демографската структура на Македонија и нејзино арабизирање или африканизирање (се разбира, сето тоа без факти - ако е податок оној дека само десетина души останале во Македонија во двегодишниот мигрантски цунами), тогаш СДСМ со слични фрази на негирање само ја одржува опозициската приказна во живот.

Ниту едните ниту другите не соопштија ниту еден податок што се случува сега со бегалците, зошто нив ги снема од границата, како се превенира влегувањето на оние што ги нема. Ако ВМРО-ДПМНЕ не сака да објасни зошто ги нема бегалците на границата (што е политички корисно за нив), необјасниво е зошто министрите кои се задолжени за овој проблем, не можат да кажат ништо – не знаат што се случува на југот после Гевгелија, не ги интересира или уште се егзалтирани од нивното владеење? Што велат податоците на УНХЦР, агенцијата за бегалци на ОН?

Во првите осум месеци од 2016-та 163.000 мигранти влегле од Турција во Грција, додека во истиот период оваа година, според УНХЦР, нивниот број се намалил за фрапантни 94 отстоФотографија: DW/V. Mircevski

Во првите осум месеци од 2016 година 163.000 мигранти влегле од Турција во Грција на својот пат кон богатите земји од Европа. Во истиот период оваа година, според податоците на УНХЦР, нивниот број се намалил за фрапантни 94 отсто. Или во бројки – во Грција за осум месеци по истата рута влегле само 14.000 мигранти. Тоа е речиси занемарлива бројка во однос на она што го гледавме минатите две години. Најголемиот дел од нив, според договорот на Европската Унија и Турција од 2016 година, се враќаат во бегалските кампови на турската територија. ЕУ се согласи да ѝ исплати на Анкара 6,6 милијарди евра за да ги задржи мигрантите да не го минуваат Медитеранот и да не заминуваат кон грчките острови и да ја подобри инфраструктурата во бегалските кампови. Според тој договор, на Грција ѝ беше дозволено да ги враќа мигрантите онаму од каде што дошле, во речиси сто отсто од случаите во градовите на турскиот брег. Оние што сега не се вратени назад во Турција се решаваат да останат во Грција, а многу мал број се обидува на легален начин да замине на север во Европа во потрага по нов живот. Затоа ги снема бегалците од границите на Балканот, заедно со смирувањето на граѓанската војна во Сирија и воените успеси на сили на режимот на Башар ел-Асад.

Но вистина е дека миграните можат да се појават наеднаш од никаде и манипулирањето со стравот од нив е една од главните алатки на популистичките и националистичките политичари. Така, бугарскиот министер за одбрана, Красимир Каракачанов, пред некој ден изјави дека на границата со Турција ќе бидат распоредени 600 високо обучени војници да го запрат „можниот наплив на мигранти“. Овде, пак, ќе се организираат референдуми по општините.

Го нарекуваат Малиот Пикасо

02:20

This browser does not support the video element.

Мигрантска криза не исчезна, само се промени

Каде, тогаш, отидоа бегалците, ако не се на Балканот? Се разбира, мигрантската криза не исчезна, туку таа се промени, отиде поназапад, а се промени и структурата на бегалците. Мигрантите во 2017 година доаѓаат главно од африканските земји и нивна цел се две земји – вообичаено Италија, а сега и Шпанија. Според Меѓународната агенција за миграции (ИОМ), агенција на ОН, вкупната бројка мигранти кои стигнале во Италија од Африка од јануари до 23 август изнесува 98.072 лица, што е за 7.000 помалку од истиот период лани. Но, бројката на оние што стигнала преку море во Шпанија, главно преку двете шпански енклави во Мароко, Сеута и Мелилја, и преку Гибралтар, за првите осум месеци е 9.500 луѓе, двојно повеќе од истиот период лани. Најголемиот број од мигрантите што пристигнуваат во Шпанија се од Камерун, Гвинеја и Гамбија. Според извештај на УНХЦР, се проценува дека досега оваа година загинале 2.253 лица додека пловеле преку Медитеранот (а 8.500 луѓе умреа од моментот кога светската јавност го виде мртвото тело на тригодишниот Сириец Алан Курти на турскиот брег во 2015 година). Оваа бројка и понатаму е алармантна – смртта во морето доаѓа кај еден од 39 души.

Но во јули и август почна драматично да се намалува бројот на мигранти кои од Либија стигнуваа во Италија. Отпрвин тоа се чинеше нелогично, дури и необјасниво, но работите овие недела-две стануваат поразбирливи. Мини-самитот во Париз во понеделникот на лидерите на Франција, Германија, Италија и Шпанија со првите луѓе на Чад и Нигер и премиерот на меѓународно признатата влада на Либија, ги оцрта рамките на планот на ЕУ да ги запре мигрантите на африканска почва. Планот е сличен на договорот со Турција, но паричната помош е многу поскромна. ЕУ треба да им додели 60 милиони евра на африканските земји за справување со барателите на азил, да им помогне на Чад и Нигер да ги контролираат границите (преку нив речиси сите мигранти од супсахарска Африка влегуваат во Либија) и да се обезбеди „човечка грижа“ за мигрантите во камповите во Либија. Плус, да се воведе систем во Чад и Нигер преку кој мигрантите ќе имаат прелиминарен преглед на нивните барања за азил и со тоа да ги обесхрабрат во нивните намери да тргнат на неизвесно патување. Шефицата на европската дипломатија, Федерика Могерини, која исто така беше на состанокот во Париз, изјави дека нема потреба „да се измислува нов Маршалов план“ за Африка, бидејќи европските земји поединечно го помагаат африканскиот развој со 20 милијарди долари годишно преку развојна помош и други програми.

Љупчо ПоповскиФотографија: Privat

Оваа средба во Париз беше дел од видливите и невидливите напори на ЕУ да го намали доѓањето на африканските мигранти. Една од поголемите мистерии е зошто во јули и август дојде до драматично намалување дури од 70 проценти на мигрантите кои преку морето стигнуваа во Италија. Според податоците на ИОМ од 1 јули до 20 август 14.177 африкански мигранти стигнале во Италија преку морето, додека лани во истиот период нивниот број бил 45.000. Што се случи и дали тој тренд ќе продолжи?

Еве што се случуваше летово во Медитеранот:      

Невладините организации ги запреа операциите во Медитеранот  Три групи за помош кои оперираат во Медитеранот – Лекари без граници, Спасете ги децата и Морско око ги суспендираа своите операции за спасување откако лидерите на либиските милиции им се заканија дека ќе ги нападнат нивните бродови ако дојдат преблиску до брегот. Италија испрати два воени брода во либиските води за да ја запрат нелегалната трговија со луѓе. Италијанскиот парламент во јули донесе еден сет контроверзни „правила на однесување“ за невладините организации кои имаат свои мисии за потрага и спасување во Медитеранот. Меѓу тие правила се и овие – забрана за влегување во либиските води освен во ситуација на голема опасност, забрана за телефонски повици да се помогне заминувањето на мигрантите, забрана за префрлање на спасените мигранти на други пловила, вооружена полиција треба да биде на бродовите за да ги контролира нивните активности. Лекари без граници соопштија дека овие правила се „непријателска околина“ за нив и драматично ја отежнаа нивната работа во морето.

Клучот е на брегот, а не на морето  Италија драматично ја промени својата политика спрема мигрантите и усвои драконски мерки откако лани во декември министер за внатрешни работи стана Марко Минити. Тој ја знае Либија многу добро затоа што долги години беше координатор на сите италијански разузнавачки служби. Во Италија има прекар „господар на шпионите“. Кога во понеделникот во Париз се одржуваше мини-самитот Минити во Рим ги собра на втора средба градоначалниците на 14 либиски градови и претставници од Чад, Нигер и Мали за да разговара за нивните потреби да се спречи трговијата со луѓе преку Медитеранот. Минити, всушност, ја има централната улога во спречувањето на мигрантите да дојдат во Европа. Тој е обвинуван дека е премногу тврд и нечувствителен кон човечките судбини, но дека неговата цврста рака досега има резултати.

Фотографија: picture-alliance/dpa/G. Forster

Што направи Марко Минити? Господарот на шпионите сфати дека клучот е на брегот, а не на морето и преку тајни канали Италија склучи договор со двете најмоќни милиции во либискиот западен пристанишен град Сабрата, од каде тргнуваат најголемиот број африкански мигранти. На чело на двете милиции се двајца браќа од големиот клан ал-Дабаши. Според разузнавачите во Сабрата, во јуни двете милиции склучиле „устен“ договор со италијанската влада да се борат против трговија со мигрантите. Италија дури им достави и соодветна опрема и бродови. И оттогаш драматично се намали бројот на бродовите кои испловуваат од Сабрата, а на криумчарите со луѓе им било кажано дека нивната работа завршила. Мигрантите се држат во ужасни услови во збирни кампови каде се изложени на масовни злоупотреби, а жените често се и силувани. Се разбира, за оваа работа милициите се парично наградени со редовни плати кои веројатно стигнуваат од Рим. Како дополнителна мерка Италија им понуди и парична помош на племињата во јужна Либија да го блокираат доаѓањето на економските мигранти преку Чад и Нигер.

Македонија, според Галуп, е последна на листата на земјите во светот кои прифаќаат мигранти Фотографија: Getty Images/M. Bicanski

Оваа широка мрежа на италијанскиот господар на шпионите за неколку месеци се покажа делотворна. Вчерашните трговци со луѓе денес се борци против трговијата со луѓе. Само прашање е до кога ќе трае оваа љубов меѓу милициите и Италијанците.

Во Македонија работата е попримитивна. Најголемите борби против бегалците што ги нема се политичките магли со потписите и најавените референдуми. А во меѓувреме дојдовме последни на листата на земјите во светот кои прифаќаат мигранти, без оглед од каде доаѓаат, дали од Полска или Иран. Според студијата на Галуп, објавена на 23 август, граѓаните од 138 земји во светот биле прашани за индексот на нивното прифаќање на мигрантите. Прв на оваа листа е Исланд со 8,26 поени од можни 9, втор е Нов Зеланд со 8,25 поени, а трета Руанда со 8,16. Македонија е убедливо последна со индекс од само 1,47 поени. Над нејзе се Црна Гора, Унгарија и Србија. Одговорот зошто е тоа така може да биде компликуван, но и многу едноставен, само со два збора – страв и предрасуди.     

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми