1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Türkei Erdogan Generäle

2 август 2011

Внатрешнополитичките промени во Турција добија сосема нова димензија, откако од функцијата се повлече речиси целиот армиски врв. Со тоа стравувањата дека земјата го напушта секуларниот поредок стануваат се` пооправдани.

Владејачката партија АКП на премиерот Реџет Таип Ердоган сега располага со моќ, каква што немала ниту една друга партија од основањето на повеќепартискиот систем во Турција пред шеесет години.

Каде си тргнал, Ердоган? Како премиерот, кој со речиси педесет проценти од гласовите на последните избори фактички стана демократски избран диктатор, ќе ја искористи моќта што му стои на располагање? Се` поголемиот притисок врз оние кои поинаку размислуваат, врз критичките гласови и критички настроените медиуми не се добар знак. Доколку на АКП и` појде од рака да придобие на своја страна барем неколку пратеници од опозицијата, Ердоган ќе биде во можност да го менува Уставот како што сака и да ја претвори Турција во президијална република.

Со мешањето во демократските процеси преку неколку пучеви, турската армија не секогаш и` беше од корист на демократијата во Турција. Но, истовремено војската беше еден вид гаранција дека земјата нема да им го сврти грбот на западните норми, на демократијата и на правната држава. Со повлекувањето на армискиот врв, таквата гаранција веќе ја нема.

Останува да се види дали Ердоган, со целата своја моќ, ќе остане разумен. Но, доколку демократијата во земјата почне да заслабува, тогаш за тоа делумно ќе биде одговорна и Европа. Турција имено е длабоко разочарана од ЕУ. Објаснувањето дека поради исламската религија и различните културни корени се` уште не е можен прием на земјата во Унијата придонесе за напуштање на европската агенда. Поранешната цел за членство во ЕУ веќе одамна е маргинализирана. Од друга страна, самодовербата на Турција порасна како никогаш досега, благодарение на економската сила и енормното геостратешко значење. Дали Ердоган ќе ја издржи таа сила и ќе остане со двете нозе на земјата, останува да се види. Засега никој не може да го гарантира тоа.

Автор на коментарот: Баха Гингер, уредник на Програмата на турски јазик на ДВ

Превод: Трајче Тосев

Редактор: Жана Ацеска

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми