1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Каде со целиот отпад?

Ања Штајнбух
15 мај 2018

Во Германија има сѐ повеќе пластичен отпад чија рециклажа станува сѐ покомпликувана. Здруженијата и екологистите бараат помалку пластични пакувања, а машинопроизводителите развиваат нови постапки за селекција на отпадот.

Symbolbild Deutschland Müll
Фотографија: picture-alliance/dpa/J. Wolf

Што да се прави со отпадот откако Кина го запре речиси сиот увоз на отпад од Германија? Сѐ повисоките планини отпад би можеле всушност да се претворат во голема шанса за германската индустрија. Порано Германија само во Кина и Хонгконг со бродови транспортираше 1,5 милиони тони стара пластика. На Кина таа ѝ беше неопходна како суровина, од нејзе изработуваше пластични играчки и облека. Бизнисот со отпадот беше лукративен и за Германија - Азијците плаќаа околу 20 евра по тон пластичен отпад повеќе отколку германските претпријатија за рециклирање. На тоа сега му е ставен крај, зашто Пекинг инсталираше сопствен систем за рециклажа.

Сега сѐ поголеми количества стара пластика се трупаат на депониите меѓу Фленсбург и Бодензе. На рециклирање чекаат и текстил, отпад од хартија и метална згура. Ширум Германија недостигаат постројки за селекција на отпадот и за рециклирање.

Кинеската забрана за увоз на отпад не падна од небо

Притоа, забраната за увоз на отпад не дојде изненадувачки, вели Петер Курт, претседател на БДЕ, сојуз кој ги обединува индустријата за отпад, вода и суровини. Курт посакува значително проширување на „крвотокот“ во индустријата за отпад, и тоа не само во делот на пластиката: „Не се работи само за подобро собирање на платсичното ѓубре и негова селекција. Сега на потег се и производителите на пакувања.“

Индустријата за пакувања произведува кеси, фолии и пакувања од комликувано градени повеќеслојни материјали, кои може да се рециклираат само со обемна постапка. Тука се итно неопходни промени. Шефот на БДЕ бара од политиката да ги заостри правилата за рециклирање и да се погрижи за поправедна распределба на задачите во комуналната сфера: „Средните претпријатија мора да бидат исто толку земани предвид како и градските фирми.“

Недостигаат постројки за селекција на отпадотФотографија: picture-alliance/dpa/J. Wolf

Нови ЕУ-прописи за квотите за рециклирање

На крајот на оваа година претстои прилагодувањето кон прописите на ЕУ за квотите за рециклирање. Ако досега се рециклираа 36% од пластичните материи, до 2022 година чекор по чекор ќе треба да се стигне до рециклирање на 63% од пакувањата.

Машинопоризводителите во Германија веќе работат забрзано на решенија. Сѐ што денес е технички можно, може да се види на саемот за вода, суровини и отпад ИФАТ, кој од 14 до 18 мај се одржува во Минхен.

Претпријатието Штајнерт од Келн, на пример, има направено машина за сортирање на тенки фолии. Поради тоа што во постоечките машини лесните пластични парченца буквално се качуваат нагоре, тие можат да се сортираат многу бавно. Во новата машина „УниСорт Филм“ е монтиран т.н. тунел за смирување. Со притисок на воздухот фолиите се притискаат за лентата и потоа се сортираат. „На ваков начин можеме да работиме со брзина од пет метри по секунда“, објаснува Хендрик Беел, раководител на групацијата „Штајнерт“. Постројката за еден час успева да сортира повеќе тони вештачки материјали. Професионалците од Келн прават и машини за меѓусебно одвојување на црна пластика, црвена пластика, дрво и метал.

#DE_facto: Парите се во ѓубрето

02:33

This browser does not support the video element.

Проблематични за рециклирање се т.н. повеќеслојни пакувања. Тука пластиката е залепена со хартија, други вештачки материјали и регранулати. За да може да се одделат ваквите материјали, претпријатието АПК од Мерзебург, во покраината Саксонија Анхалт, применува раствор со кој можат на пример да се одвојат полиетиленот и полиамидот. На крајот постројката ги пере суровините, така што тие се погодни за повторно користење.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми