1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Каде ќе сврти СПД?

10 септември 2008

Оставката на Курт Бек на функцијата лидер на германската СПД и новото водечко партиско дуо, како и позиционирањето на социјалдемократите во германскиот политички спектар е во фокусот на коментарите во печатот.

Фотографија: AP

„Велт“ констатира:

„Курт Бек се збогуваше. Се добива желба зад него да се викне „конечно“! Кој до вчера беше убеден во доблестите на претседателот на СПД, по плачливиот настап на Бек пред медиумите, мора да признае: си оди шеф на партија кому му недостига лидерска способност. Оној што ќе биде избран на врвот на една народна партија, тој мора да биде способен за канцелар, значи да владее. Тој мора да владее со штедлива гестикулација и мек тон и, ако тоа не е доволно, да удри. Тој не смее да се жали на медиумите и на интриги од „втор ред“, туку да покаже резултати зад кулисите.“

„Алгемајне Цајтунг“, пак, има обѕири за Бек:

„Бек се враќа назад во Рајнланд Пфалц со претрпен удар, но во никој случај и победен. Се радува на илјадниците пораки на солидарност и на тоа што повторно ќе има можност за почести контакти со граѓаните. Тоа да се нарече провинцијализам е арогантно. Кога раните ќе заздрават, Бек со Штајнмаер и Минтеферинг, можеби некогаш повторно разумно ќе соработува. Тоа за СПД не е лоша перспектива.“

И покрај сите убедувања кои доаѓаат од СПД дека во политичкиот курс на партијата нема да се менува многу, „Тагесцјатунг“ денес оценува:

„СПД под водство на Штајнмаер и Минтеферинг ќе се сврти кон центарот. Таа ќе стави акцент на стопанскиот пораст и на образованието. А, за Штајнмаер воопшто да има барем малку шанса да стане канцелар на црвено-жолто-зелена коалиција, СПД и либералите ќе мораат малку да напредуваат.“

„Франкфуртер Алгемајне Цајтунг“, наспроти тоа забележува:

„Иако персоналните прашања се решени, судирот околу насоката на СПД не е. Штајнмаер и Минтеферинг можат да бидат веќе сега радосни ако, со поглед на претстојните избори, им успее повторно, од реформската СПД и СПД која влече назад, да сковаат полуударна формација која не се судрува секогаш кога Лафонтен ќе викне „буу“. “

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми