1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Конфликти

Казахстан: „Обид за пуч“

Кристина Нагел
10 јануари 2022

Според податоци од казахстанските власти, речиси 8000 лица се уапсени по насилните протести во земјата. Нејасно е колкав е бројот на жртвите. Претседателот Токајев зборува за „обид за пуч”.

Konflikt in Kasachstan
Фотографија: Vladimir Tretyakov/NUR.KZ/AP/dpa/picture alliance

Речиси 8000 луца се уапсени по насилните протести во Казахстан. Според податоци на казахстанското Министерство за внатрешни работи, објавени на неговата интернет страница, точниот број на уапсени е 7939 лица. Само на два пазари од особено погодениот град Алмати биле уапсени преку 200 лица, меѓу кои и високи функционери, како поранешниот шеф на тајната служба, Карим Масимов. На Масимов, кој долги години беше човек од доверба на поранешниот претседател Назарбаев, му се префрла велепредавство.

Токајев со обвинувања за демонстрантите

Претседателот Касим-Жомарт Токајев се огласи со обвинувања за демонстрантите. „Групи вооружени борци", кои чекале на вистинскиот момент „стапиле во акција”, рече претседателот на видео-конференцијата со рускиот колега Путин и други нему наклонети претседатели на држави. „Главната цел“ се покажа, имено „се работеше за обид за пуч“, рече Токајев. Путин оцени дека ситуацијата не е предизвикана од спонтани протести за цените на горивото, „туку преку деструктивни сили однадвор, кои ја искористиле приликата".

Токајев појасни дека ситуацијата се смирила. „Во Казахстан повторно е воспоставен поредокот. Заканите за безбедноста на земјата се отстранети“. Т.н. анти-терор-ангажман на сојузот предводен од Русија наскоро ќе биде окончан.

Видео-конференција за ситуацијата во Казахстан на Советот на Организацијата на Договорот за колективна безбедност (ЦСТО)Фотографија: Aleksey Nikolskyi/Kremlin/Sputnik/REUTERS

Прогласен ден на жалост

Во поранешната советска република е прогласен ден на жалост. Според државната агенција Казинформ, сите знамиња се на половина копје. Претседателот Токајев издал указ за оддавање почит на „многуте жртви од трагичните настани во одредени делови од земјата.“

Не се знае бројот на загинати

И натаму не се знае точниот бројот на загинати. Државната казахстанска телевизија, повикувајќи се на информации од Министерството за здравство, објави дека досега во немирите загинале 160 луѓе, а над 2000 се повредени. Но, државните медиуми во неделата вечер ги избришаа овие бројки без да наведат причина.

Министерството за здравство пак објави дека на национално ниво има над 2200 повредени, а дека околу 700 лица во моментов се хоспитализирани. Според официјални извори, само во метрополата Алмати, загинале над 100 лица.

Во градот со денови имаше големи немири, беа запалени повеќе државни згради, многу продавници се ограбени, многу автомобили запалени, а очевидци јавуваа за рафали и експлозии. Ситуацијата во меѓувреме се смирува, раскажува една жена во онлајн разговор за ДВ. „Половина од големите супермаркети се повторно отворени. Во моето маало луѓето повторно почнаа да излегуваат надвор. Функционираат и банкоматите, а еве денес беше собран и отпадот. Автобусите од утре или задутре ќе почнат повторно да сообраќаат. Ситуацијата полека се нормализира,“ вели таа.

Запален автомобил во Алмати (6.01.2022)Фотографија: Pavel Mikheyev/REUTERS

„Не беа истите луѓе“

Многу луѓе во Алмати се прашуваат како мирни демонстрации се претворија во толку крвави нереди: „Луѓето кои протестираа на плоштадот и ограбувачите не беа истите луѓе“, вели една жена. Но, таа не знае кои се насилниците кои биле вооружени, ниту од каде дошле. Тешко е да се процени ситуацијата, вели таа.

Се шират многу лажни вести, а владата се обидува да го измери степенот на штетата. Според министерот за внатрешни работи во оставка, Јерлан Тургунбаев, низ земјата се уништени над 400 возила, од кои голем дел се полициски или воени.

„Ограбувачите ограбиле над 100 големи продавници и банки. Според првичните проценки, штетата е над 87 милијарди тенге“, вели Тургунбаев. Изразено во евра тоа е речиси 177 милиони евра.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми