1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Казни за говорот на омраза на интернет

20 октомври 2011

За да се превенира и санкционира говорот на омраза во интернет медиумите, судиите, тужителите и новинарите во Босна и Херцеговина неодамна одлучија да покренат заедничка акција наречена „Не сте невидливи“.

Граѓаните на Босна и Херцеговина можат да поднесат приговори за говорот на омраза, пласиран преку Интернет медиумитеФотографија: picture-alliance/ dpa

Советот за печат во Босна и Херцеговина е еден од првите во Европа, кој оваа година го прошири својот мандат и на онлајн медиумите. На неодамна одржаното годишно собрание на Алијансата на независни совети за печат во Европа, чиј член е и Босна и Херцеговина, дополнет е Етичкиот кодекс со правила кои се однесуваат и на онлајн медиумите. Усвоени се и посебни правила за коментарите на посетителите на веб страниците.

„Граѓаните на Босна и Херцеговина од неодамна можат да приложат и приговор на пишувањето на онлајн медиумите во оваа земја, за кој решава Комисијата за жалби во Советот за печат на БиХ“, објаснува за Дојче веле членката на комисијата, Нада Далипагиќ.

Во сузбивањето на говорот на омраза учествуваат новинарите, судиите, обвинителите и ИнтерполФотографија: AP

Се’ повеќе приговори

Нашата соговорничка наведува дека на Комисијата за жалби почнале да и’ пристигнуваат приговори за пишувањето на онлајн медиумите и оти бројот на жалби е во пораст, откако е информирана јавноста дека постои можност за приговарање на пишувањето на веб порталите.

Меѓутоа, кога сфатиле дека за сузбивањето на говорот на омраза на интернет не е доволно само да се прошири етичкиот кодекс на онлајн медиумите, членовите на Советот за печат одлучиле да покренат заедничка акција со правосудните органи на Босна и Херцеговина.

„Се одлучивме на заедничка акција, затоа што ширењето на говорот на омраза, што е многу опасно секаде, а посебно на вакво чувствително подрачје какво што е Босна и Херцеговина, не може да го реши само Советот за печат, од проста причина што Советот за печат се занимава со етичките, професионалните стандарди за известување. Тоа го може полицијата, која може да ја открие интернет адресата на посетителите и обвинителството, кое може потоа да ја процесуира личноста која шири говор на омраза“, изјави за Дојче веле извршната директорка на Советот за печат на БиХ, Лилјана Зуровац.

Интернетот не е над законите

Дека говорот на омраза на интернет може да биде процесуиран потврдува и обвинителот на Херцеговачко – неретванската жупанија, Нијаз Мехмедбашиќ.

Авторот на оставениот коментар може да се пронајде каде било во светотФотографија: Bilderbox

„Обвинителствата со сигурност можат да покренат процес против говорот на омраза на интернет порталите. Оние случаи каде од говорот на омраза може да произлезе национална, расна или друга нетрпеливост можат да бидат предмет на кривично – правна заштита, односно можат да бидат процесуирани од страна на обвинителствата“, вели Мехмедбашиќ.

Нашите соговорници нагласуваат дека интернетот не е простор над законите, како и дека посетителите на порталите мораат да бидат свесни дека не се невидливи и дека преку интернет адресите можат да бидат идентификувани и со посредништво на Интерпол да станат достапни на правосудните органи, ако со своите коментари се огрешат од законот, без оглед од кој дел на светот оставаат коментар.

Автор: Милан Шутало/ Александар Методијев

Редактор: Жана Ацеска

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми