Казни за сите, бодови никому
24 октомври 2014УЕФА одлучи да го регистрира прекинатиот меч во Белград со службен резултат од 3:0 за Србија, но во истовреме и одзема три бода на српската репрезентација како казна за инцидентот.
Натпреварот беше прекинат во 42. минута откако знаме на голема Албанија се појави над теренот, по што следуваше тепачка меѓу играчите и публиката.
Србија ќе мора следните два меча од квалификациите да ги игра пред празни трибини. Првиот следен меч е против Данска на 14 ноември.
Српската и албанската фудбалска федерација се казнети со по 100 илјади швајцарски франци.
Албанските претставници ја критикуваа казната и најавија жалба. Претседателот на федерацијата Арманд Дука рече дека очекуваат да им биде доделена победата, а одлуката на УЕФА ја оцени како „плод на политички притисок“.
„Не сум задоволен затоа што очекувавме правно решение од УЕФА. Не разбирам каков преседан се прави на овој начин кога еден тим ќе ги претепа противничките играчи на теренот. Не знам дали имало поголем скандал од ова“.
И албанскиот селектор Џовани де Бјази изјави дека е разочаран.
„Ни го одзедоа она што го заслуживме на теренот. Не знам што ќе се случува понатаму“.
Кон критиките се приклучи и албанскиот премиер Еди Рама, оценувајќи ја одлуката како неправедна. „Фудбалскиот сојуз на Албанија треба да ја истера судската постапка до крај. Денес немаше правда за она што се случуваше на стадионот во Белград“, порача Рама преку Твитер.
Од српската федерација најавија дека ќе одржат итна седница во текот на денот. Потпретседателот на сојузот, Горан Милановиќ само кусо изјави дека не е задоволен од одлуката, поради одземањето на бодовите.