1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Најголемо признание за запоставените деца

Габриел Домингез/ Симе Недевски11 октомври 2014

Каилаш Сатиарти заедно со далеку попознатата Малала Јусафзаи е добитник на годинешната Нобелова награда за мир. Во ексклузивно интервју за ДВ овој активист за детските права, говори за својата работа, но и за признанието

Фотографија: AFP/Getty Images/C. Khanna

Дојче Веле: Што за Вас значи Нобеловата награда за мир?

Каилаш Сатиарти: Таа ми дава сила во борбата против држењето на децата во ропство и нивното експлоатирање, бидејќи тоа е најголемо признание кое досега е доделено во областа на бората за правата на децата и посебно во борбата за ставање крај на детскиот труд. Тоа е голема чест и големо признание за гласовите на стотици милиони запоставени деца.

Што Ве поттикна на ангажман против детскиот труд?

Таа тема ме преокупираше уште од детството и ме следеше за време на студиите. И на крајот заклучив дека морам да се ангажирам за децата на кои им е украдено детството. Кога започнав со својот ангажман, не постоеше свест за проблемот на детскиот труд. Немав од кого да научам, ама полека сфатив дека детскиот труд е повреда на основните човекови права, одземање на слободата и на шансите за квалитетна иднина. Ние се фативме во костец со тој проблем и со текот на времето нашата борба започна да наидува на одек.

Фотографија: Reuters/Imago

На какви пречки наидувавте на тој пат?

Детскиот труд е општествено зло, што значи дека мора да се бориме за промена на начинот на размислување на луѓето. Детската работа е противзаконска и злосторство против човештвото. Поради тоа е важно да се обезбеди постоење на соодветни закони и нивна примена во праксата. Тоа е борба против мафијата и организираниот криминал. Тоа отсекогаш била тешка бора. Загубив двајца колеги: еден е ликвидиран, а другиот претепан до смрт. И јас и моето семејство сме напаѓани во повеќе наврати. Не беше лесно. Во меѓувреме сфатив дека мојата работа е предизвик и провокација за оние кои сакаат да ме убијат мене и моите најблиски.

Што уште мора да се стори за да се запре детскиот труд во Индија?

Уште многу. Но како што реков, оваа награда ќе инспирира многу активисти и граѓански здруженија и ќе го привлече вниманието кон оваа борба и на владите и на приватниот сектор. Се надевам дека ова ќе помогне за зголемување на свеста за овој проблем и ќе го зголеми притисокот врз оние кои ги искористуваат децата и профитираат од нивниот труд.

Фотографија: imago/Eastnews

Нобеловата награда за мир ѝ е доделена и на Пакистанката, активистката за човекови права Малала Јусафзаи. Што мислите за фактот дека ова престижно признание го делат еден Индиец и една Пакистанка?

Ја почитувам Малала. Таа е извонредна млада жена. Разговарав со неа по телефон по објавувањето на добитникот на наградата и долго разговаравме за тоа како заедно можеме да се бориме за многу работи, вклучително и за образованието на девојчињата и против детскиот труд. Но, она што е најважно: разговаравме и за тоа како да создадеме атмосфера на мир - и во регионот и во светот.

Ќе го промени ли оваа награда на каков било начин Вашиот начин на работа?

Борбата против детскиот труд ќе продолжи како и досега. Единственото нешто што би можело да биде поинакво е поврзано со фактот дека сум ангажиран во 140 земји под покровителство на мрежата „Глобален марш против детскиот труд“ ( Global March against Child Labor). По оваа награда моите партнерски организации и колеги активисти ширум светот можеби повеќе ќе го бараат моето присуство и моето внимание. Затоа мислам дека само ќе морам повеќе да патувам.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми