Каква е иднината на Корејскиот Полуостров?
10 јануари 2014 Изборите кои се најавуваат за 9. март ќе бидат прво гласање за „Врховното народно собрание“ на Северна Кореја под власт на Ким Јонг Ун (насловна фотографија). Иако, пратениците немаат речиси никаква моќ, а гласањето е само формалност- на минатите избори во 2009. година во сите 687 изборни единици се кандидираше само по едно лице. Државните медиуми тогаш јавија дека сите кандидати се избрани со 100 процентна поддршка.
Набљудувачите веруваат дека овие избори само ќе го зајакнат младиот лидер Ким Јонг Ун. Синот на покојниот Ким Јонг Ил владее со најизолираната земја во светот повеќе од 3 години, а на крајот на 2013. го егзекутираше својот тетин Чанг Сонг Тек, човекот кој важеше за сива еминенција на режимот, поради „обид за соборување на власта“. Јужнокорејските медиуми јавуваат и дека истовремено се сменети бројни службеници кои престојувале во странство.
Тетинот на Ким беше и член на собранието, а тоа се и многу други влијателни луѓе во власта на Северна Кореја. Собранието обично заседава два пати годишно и ги прифаќа заклучоците кои веќе ги донела Работничката партија, на чие чело се наоѓа Ким Јонг Ун.
„Обединувањето би било кошмар“
На почетокот на годината, од двете Кореи се слушаат помирувачки тонови. „Јужна Кореја постојано се обидува да разговара со северниот сосед, бидејќи не сакаат ни соборување на режимот ниту избивање на граѓанска војна“, смета Робер Дуџарик, директор на Институтот за современи азиски студии во Филаделфија.
„Мислам дека лидерите на Јужна Кореја не сакаат по секоја цена да бидат запаметени како луѓе кои ја обединиле земјата- тој процес на обединување ќе биде вистински кошмар“, предвидува овој стручњак. „Сепак, сакаат да направат нешто важно за да изградат односи со Пјонјанг“, вели Дуџарик за ДВ.
Во тоа спаѓа и предлогот на претседателката на Јужна Кореја, Парк Геун Хје да се продолжат средбите на членовите на семејствата кои ги раздвои Корејската војна 1953. година. Таква средба беше планирана уште за септември, но режимот на Ким Јонг Ун ја откажа. Образложението на Пјонгјанг гласеше дека Јужна Кореја користи „непријателски тактики кои ја навредуваат националната гордост на Севернокорејците.“
Парк во понеделникот (6.1.2014.) објави и долгорочен план за обединување на Корејскиот Полуостров. Претседателката ги отфрли стравовите дека обединувањето ќе биде незамислив товар за јужнокорејската економија. Наместо тоа, Парк пред новинарите изјави оти тоа би била можност економијата во нејзината земја да направи „голем скок напред“.
„Ким ни самиот не верува во она што го зборува“
Ким Јонг Ун во својот новогодишен говор исто така предложи чекори со кои двете земји би можеле да ги подобрат односите и намалување на воената тензија. Притоа беше поблаг во тонот отколку во претходните години. Истовремено, поголемиот дел од стручњаците верува дека тоа е само претстава за меѓународната јавност. „Сѐ останува на зборови“, вели Тошимицу Шигемура, професор на Универзитетот Васеда во Токио. „Ким всушност ни самиот не верува во она што го зборува, на Северна Кореја ѝ е потребна помош од надвор и инвестиции. Најдобар начин за тоа е повторно да се започнат разовори со Југот, дури и ако немаат намера да ги одржат своите ветувања“, смета овој стручњак за Северна Кореја.
„Тоа е речиси церемонијална работа“, вели професорот Шигемура. „ситуацијата на Корејскиот Полуостров ќе остане таква каква што е, сѐ додека не биде соборен режимот на северот. А никој не знае колку е тоа блиску или далеку.“
Односите на двете Кореи ги комплицираат и интересите на Кина и на САД. Во Јужна Кореја веќе се наоѓаат околу 28.000 американски војници, а Вашингтон најави дека до 1. февруари ќе испрати уште 800 војници и 40 тенка во близина на демилитаризираната зона.