Каква е пресметката на крајот на Октоберфест?
7 октомври 2012Во Минхен заврши Октоберфест. Милиони луѓе и годинава не ја пропуштија најголемата светска народна прослава. Многумина дојдоа стилизирани во ледерхозе (кожни пантолони, н.з.) и дирндл (традициоален женски фустан, н.з.).
Посетителите испиле околу 6,9 милиони литри пиво, објави денеска раководителот на фестивалот Дитер Рајтер, при затворањето на 179-от по ред најголем светски народен собир. Бројките што тој ги објави покажуваат пад во споредба со минатата година, а Рајтер се обиде да го објасни тоа со параленото одржување на секои четири години на централен покраински земјоделски фестивал.
Октоберфест траеше две недели. Традиционално, првото пивско буре со два удара со чеканот го отвори градоначалникот на Минхен Кристијан Уде, а првата кригла пиво беше наменета за баварскиот премиер Хорст Зехофер.
Најголемата светска народна прослава е фестивал на суперлативи. Пред фестивалот се прогнозираше дека до затворањето на Октоберфест ќе дојдат меѓу шест и седум милиони посетители од целиот свет, и оти ќе се испијат околу осум милиони литри пиво и ќе се изедат стотици илјади печени кокошки.
Секогаш на Октоберфест е спектакуларен почетокот на фестивалот, кој и годинава беше отворен со парада со традиционални кочии и баварска носија. Но, времето во Минхен оваа година не се погоди – беше сиво и студено. Сепак, се чинеше дека тоа никому не му пречи во големите пивски шатори. Таму се славеше со полна пареа.