1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Конфликти

Страв поради нападите врз атомските централи во Украина

Михаил Бушујев
18 март 2022

Чернобил и Запорожје: нападите врз украинските нуклеарни постројки предизикуваат загриженост не само во Украина. Експертката Ана Вероника Вендланд повикува на поголема објективност и подобра кризна комуникација.

Безбедносните камери во нуклеарката Запорожје бележат руски ракетен напад
Безбедносните камери во нуклеарката Запорожје бележат руски ракетен нападФотографија: Zaporizhzhya NPP/REUTERS

Очигледно, напојувањето со електрична енергија во поранешната нуклеарна централа Чернобил работеше само кусо време. Во понеделникот (14 март) украинскиот мрежен оператор Укренерго соопшти дека повторно е оштетен поправениот високонапонски вод во поранешната нуклеарна централа.

Натамошна работа на персоналот во нуклеарната централа веќе не е можна, луѓето се „физички и психички исцрпени“, напиша украинскиот оператор Енергоатом на својот канал Телеграм.

Руската армија од 24 февруари веќе нападна три цивилни нуклеарни централи, вклучувајќи ја и најголемата функционална нуклеарна централа во Европа, Запорожје, на 4 март.

Во понеделникот, руската армија поставила и разнела муниција во непосредна близина на првиот реактор, објави Енергоатом. За оваа информација засега нема независна потврда.

Ноќна фотографија од експлозии во атомската централа ЗапорожјеФотографија: Zaporizhzhia Nuclear Authority/AFP

Нападите врз нуклеарните постројки служат за ширење страв од нуклеарна катастрофа, вели Ана Вероника Вендланд во интервјуто за ДВ. Историчарката за технологија и експертка за Источна Европа е координаторка во Институтот Хердер за историски истражувања за Источна и Централна Европа и се залага за мирно користење на нуклеарната енергија.

Руината Чернобил

Покрај целта да се шири страв, „вториот фактор што игра голема улога кај руската страна е преземањето на инфраструктурни објекти“, вели Вендланд. Таа смета дека стравот кој таквите напади го предизвикале на меѓународно ниво е претеран или е контрапродуктивен поради неколку причини. Вендланд посочува дека јавноста треба поопширно да се информира за ризиците и можните штети - на пример во врска со разурнатата нуклеарна централа Чернобил, која е затворена веќе 20 години.

„Околу 1.900 горивни елементи кои сè уште треба да се изладат во Чернобил се надвор од реакторот речиси 21 година“, објаснува таа. Според тоа, нивното распаѓање е многу ниско, „така што Меѓународната агенција за атомска енергија IAEA и другите експерти се согласуваат дека нема акутна опасност во Чернобил“.

Нова заштитна купола за Чернобил

01:07

This browser does not support the video element.

Вендланд објаснува: Прво, централата има функционално итно напојување со дизел гориво, што ги одржува системите за ладење да работат околу 48 часа. Но, дури и да отпадне напојувањето за итни случаи, Вендланд објаснува дека, во зависност од временските услови, на располага се имаат до 14 дена за повторно да се воспостави напојувањето со струја за ладењето на горивните елементи.

„Неприфатлива ситуација“

Според стрес-тестот на ЕУ, најлошото сценарио е базенот со складирани горивни елементи да се загрее до околу 70 степени Целзиусови. Затоа, ИААЕ не ја смета ситуацијата во Чернобил за акутно критична.

Сепак, Вендланд јасно става до знаење „дека е неправилна и неприфатлива ситуација да се окупира нуклеарен објект, да се отсече од надворешниот свет во смисла на комуникација и надзор и да се земе неговиот персонал како заложник“.

Ова е веќе цел список на сериозни прекршувања на бројни конвенции што ги има потпишано и Русија.

Карта со локациите на атомските централи во Украина

Поинаква би била ситуацијата со нуклеарната централа Запорожје, која е поврзана со две големи високонапонски мрежи. Опасностите таму се многупати поголеми, вели  Вендланд, која од 2013 до 2015 година привремено работеше во споредливо големата нуклеарна централа во Ривне, во северозападна Украина.

 „Запорожје е друга лига“ 

Во Запорожје горивото за итно напојување на системите за ладење трае околу седум до девет дена. Отпаѓањето на овие системи брзо би станало исклучително проблематично и би можело да се развие во сценарио слично на она во Фукушима.

Во случај на хаварија, горивните елементи по единаесет до 15 часа би се загреале на 70 до 80 Целзиусови степени: „Тоа е сосема поинаква лига отколку во Чернобил. Но, како што реков, не сме стигнати дотаму“, појаснува Вендланд. .

Нејзината лекција: Во кризната комуникација, прво треба да опишете каква е ситуацијата. Меѓутоа, по рускиот напад на Запорожје, токму тоа не се случи.

Нуклеарната централа Запорожје е најголема во ЕвропаФотографија: Dmytro Smolyenko/imago images

„Во ноќта се редеа погрешни информации“, се сеќава експертката. „Истата вечер, украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба и претседателот Зеленски го извадија големиот речник. Веќе се зборуваше за мега-нуклеарна несреќа од скалата на шест Чернобила. Можам да разберам дека владата во Киев е под огромен притисок. Тоа е врисок за помош. Но, таквите носители на одлуки и лидери исто така мора да знаат - ова не е правилна кризна комуникација“.

Последица беше, сигурна е Вендланд, тоа што „луѓето во Германија наутро почнаа да итаат во аптеките за таблети со јод“. Тоа, во крајна линија води само кон ефект на десолидаризација според мотото:„ Драги Украинци престанете да давате отпор, за да не трпиме болки“.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми