Во повеќе турски градови, кандидатите на Републиканската народна партија (ЦХП) извојуваа победа на локалните избори. За каква партија станува збор?
Реклама
Републиканската народна партија - ЦХП (на турски: Cumhuriyet Halk Partisi) - беше формирана во 1923 година од основачот на модерната турска држава Мустафа Кемал Ататурк. Таа е првата, најстарата и најуспешна партија на земјата. Ниту една друга партија не била толку често вклучена во турските влади како ЦХП. Освен тоа, до 1945 година таа беше и единствената партија во Турција.
Профилот на партијата е одбележан од таканаречените „шест столбови', кои го претставуваат и логото на партијата:
- републиканизам
- лаицизам
- реформизам (модернизам)
- етатизам
- популизам (народен суверенитет/демократија)
- национализам
До денес ова се главните аспекти на „кемалистичката идеологија“, која ЦХП сака да ја зачува и заштити.
Идеолошки развој
Во шеесетите додини од минатиот век ЦХП дополнително се отвори и кон социјалдемократските вредности. Оттогаш наваму на партијата може да се гледа како на турски пандан на Социјалдемократската партија на Германија (СПД). Таа е проевропски настроена и смета дека пристапувањето на Турција кон ЕУ е неопходен чекор кон модернизација на земјата. Севкупно Републиканската народна партија има позитивен однос кон Европа и кон Западот. Уште нејзиниот основач Ататурк го предводеше доцноосманлиското прилагодување на Запад и ги реформираше правосудниот систем, економијата, војската и политиката по примерот на европските држави.
Партијата има значително пообразовано избирачко тело со поголеми примања, отколку исламско-конзервативната владејачка партија АКП, која има тенденција да му се обраќа на помалку образованото население во турската провинција. Приврзеници и симпатизери на ЦХП со децении беа на важни позиции во правосудството, војската образованието и културата.
Со тоа религиозните и Турците во провинцијата се чувствуваа запоставени. Овој слој од турското општество го смета кемализмот за антирелигиозен и непријателски настроен кон постоечките традиции. На пример, Кемал Ататурк воведе забрани за фесот - традиционална, ориентална машка капа и за шамиите во јавните објекти. Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган и неговата партија АКП, можеа да создадат капитал од ваквото расположение.
Драстичен пад на ЦХП - воздигнување на АКП
Влијанието на ЦХП на турската политичка сцена значително се намали по првата изборна победа на АКП во 2002 година. Оттогаш наваму републиканците јасно каскаат зад АКП. Конзервативниот ривал дури успеа да обезбеди апсолутно мнозинство на повеќето парламентарни избори.
Како резултат на тоа, во текот на изминатите дваесет години, дојде до целосен пресврт на односите на моќ во целокупното општество како и до културолошки промени. Ердоган ја осигура својата моќ така што ја замени старата кемалистичка елита, особено во медиумите, правосудството и војската, со нова конзервативна елита. Ривалството меѓу ЦХП и АКП е повеќе од политичко. Страните дејствуваат повеќе или помалку како спротивни полови во своевидна културолошка борба.
Патот на Турција кон авторитарност
Преминот на Турција кон авторитарност е во тек веќе 10 години. Но, по неуспешниот воен пуч во 2016 година, претседателот Ердоган и АКП ја забрзаа консолидацијата на власта.
Фотографија: picture-alliance/dpa/O.Weiken
Јули 2007: Абдула Ѓул станува прв исламистички претседател
По повеќегодишни реформи на пазарната економија, транзицијата на Турција полека почнува да оди наназад. Кандидатурата на исламистот Абдула Ѓул за претседател во 2007 сигнализира напуштање на секуларистичката политика и ги затегнува односите меѓу АКП и армијата. Сепак, со широка поддршка на исламистите и либералите, Ѓул е избран за претседател, а АКП победува на парламентарните избори.
Фотографија: A.Kisbenede/AFP/GettyImages
Септември 2010: Уставни реформи
Тогашниот премиер Реџеп Таип Ердоган предлага уставни измени за зголемена контрола над правосудството и армијата, овозможувајќи и на владата да бира судии и високи воени офицери. Амандманот, комбиниран со мерки за заштита на децата и засилување на правото на жалба, е одобрен со големо мнозинство на референдум.
Фотографија: picture-alliance/dpa/A. Tumer
Мај 2013: Ерупција на незадоволство во Гези Парк
Насобраниот гнев на младите луѓе кон Ердоган, Ѓул и исламистичката АКП достигнува точка на вриење во мај 2013. Насилното полициско расчистување на мал собир за заштита на Гези Парк предизвикува масовни анти-владини протести. Најмалку 11 луѓе загинаа, а повеќе од 8.000 се повредени, пред демонстрациите да згаснат еден месец подоцна.
Фотографија: picture-alliance/abaca
Јули 2015: Офанзива против Курдите
Нестабилното примирје меѓу турската влада и курдската бунтовничка ПКК се распаѓа поради тензиите кои ги создава војната во Сирија. Воените сили ги продолжуваат операциите во југоисточниот дел на Турција против Курдите. На почетокот на 2016, групација на ПКК ја презема одговорноста за два бомбашки напади во Анкара во кои гинат речиси 80 луѓе.
Фотографија: picture-alliance/abaca/M. Coban
Јули 2016: Неуспешен воен пуч
Воен удар против владата до темел ја потресува Турција и накусо ја претвора земјата во воена зона. Околу 260 цивили ги загубија животите во ноќните судири со армијата во пет големи градови. Ердоган ги повикува своите поддржувачи на отпор, и веќе следното утро војници се во заседа на илјадници цивили на мостот Босфор, каде и се предаваат.
Фотографија: picture-alliance/dpa/T.Bozoglu
Јули 2016: Ердоган воведува вонредна состојба
По неуспехот на пучот, Ердоган воведува вонредна состојба. Се апсат десетици илјади луѓе осомничени за учество во пучот, но и политички противници. Меѓу уапсените се воени и судски функционери и избрани претставници на про-курдската ХДП партија. Чистчката подоцна опфаќа и јавни службеници, универзитетски професори и учители.
Фотографија: Reuters/U. Bektas
2016: Задушување на медиумите
Како дел од пресметката на Ердоган со наводните „поддржувачи на тероризмот“, Турција станува една од водечките земји во светот по бројот на уапсени новинари.Владата затвора околу 110 медиуми по пучот и затвора повеќе од 100 новинари, меѓу нив и Германецот со турско потекло Денис Јуџел.
Фотографија: Getty Images/S.Gallup
Април 2017: Ердоган победува на референдум
Ердоган тесно успева да победи на референдумот на кој се гласа за проширување на неговата моќ. Турскиот парламентарен систем практично се напушта во корист на силна егзекутивна власт. Ердоган добива можност да владее до 2029 година. Меѓународните набљудувачи велат дека на гласањето имало неправилности, а медиумската кампања во целост била во корист на кампањата на Ердоган.
Фотографија: Reuters/M. Sezer
Јуни 2018: Нова изборна победа на Ердоган
Ердоган си обезбедува нов петгодишен мандат и огромни извршни надлежности откако убедливо победува на изборите на 24 јуни. Неговата АКП и нивните националистички партнери добиваат убедливо мнозинство во парламентот. Меѓународните набљудувачи го критикуваат гласањето, со оценка дека медиумското покривање и вонредната состојба му дале огромна предност на Ердоган.