1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Што би значело целосното откажување од АстраЗенека?

Лусиа Шултен
18 март 2021

Многу европски држави го прекинаа вакцинирањето со АстраЗенека. Грижата дека прекинот ќе ја забави и кампањата за вакцинација на населението е голема, но дали е и оправдана?

Symbolbild I Erste PFIZER Impfdosen erreichen Kolumbien
Фотографија: Guillermo Legaria/Getty Images

Од Португалија до Литванија, преку Кипар до Данска, многу земји особено во Европа го прекинаа вакцинирањето со АстраЗенека. Постојат сомнежи дека може да има поврзаност со појава на тромбоза во мозокот. Европската агенција за лекови ЕМА, која дури во јануари годинава ја одобри вакцината на АстраЗенека, ги истражува случаите на тромбоза. Засега ЕМА стои зад вакцината и од таму појаснија дека предностите од сузбивањето на пандемијата тежат повеќе од несаканите ефекти. И СЗО и натаму ја препорачува употребата на вакцината

ЕУ и АстраЗенека имаа спор уште пред да започне вакцинацијата. Во јануари компанијата најави дека нема да може да ги испорача договорените количини. Сега пак е нејасно како воопшто ќе се одвиваат работите во иднина со нивните вакцини. Што би значело за големата слика ако вакцините на АстраЗенека се исфрлат од употреба?

Процентуално АстраЗенека до сега не е многу застапена 

Прв поглед на податоците од Европскиот центар за превенција и контрола на заразни болести покажува дека најголемиот дел дадени вакцини во ЕУ се од компанијата Бионтек/Фајзер. 

До 17 март годинава тие сочинуваат 68 проценти од сите испорачани вакцини. АстраЗенека се на второ место со 24 проценти и на трето место е Модерна со два проценти. Севкупно се дадени 37,5 милиони дози од Бионтек/Фајзер, како и 60 проценти од вакцините на Модерна. Од околу 15 милиони испорачани дози АстраЗенека дадени се околу 49 проценти, односно 7,3 милиони.

Овие податоци се однесуваат на ЕУ, како и на земји економски асоцирани со неа. Според Центарот податоците потекнуваат од самите земји членки и подлежат на варијации и дополнителни корекции. Во однос на прибирањето на податоците Центарот се соочува со ограничувања. Сепак, и ваквите податоци нудат прилично добра слика за распределбата на вакцнините според производителот во ЕУ и неколку други земји. 

Ако се земе превдид дека од АстраЗенека се потребни две дози, а ЕУ има население од 450 милиони, вакцинацијата со нивната вакцина секако не би била клучна. Но, нејзиното значење може да се разбере само ако се погледнат бројките за вториот квартал. 

На колку вакцини може да смета ЕУ во вториот квартал?

Зацртана цел е до крајот на летото да бидат имунизирани 70 проценти од возрасната популација. Европската комисија потврди дека во вториот квартал очекува 300 милиони дози. Портпарол на Комисијата рече дека цифрата подлежи на „постојана контрола”. Моментално во ЕУ одобрение имаат вакцини на повеќе производители. 

Според ЕК, со Бионтек/Фајзер постигнат е договор во вториот квартал да испорачаат 10 милиони дози повеќе од очекуваното. Така испораката треба да достигне околу 200 милиони дози. Таквата понуда допрва треба да ја одобрат земјите членки во соодветното тело. 

Доставени првите вакцини од програмата Ковакс

00:47

This browser does not support the video element.

АстраЗенека според информациите споделени од компаниски извори на 12 март очекува да испорача за првиот и вториот квартал вкупно 100 милиони дози, од кои 70 милиони во вториот квартал на годинава. Според Ројтерс првично биле договорени 180 милиони дози. 

Од Модерна ЕУ очекува 35 милиони дози во вториот квартал, дознаваме од компанијата. Унијата за цела 2021 година очекува 310 милиони дози вакцини од американскиот производител. 

За вториот квартал не можевме да добиеме податоци од Џонсон и Џонсон околу количините, но испораката според нив треба да започне во втората половина од април. И изнесува 200 милиони дози за цела година. претставник на ЕУ за новинската агенција Ројтерс изјави дека Џонсон и Џонсон страхуваат дека нема да може да ја исполнат целта од 55 милиони дози за вториот квартал. Од сите производители на вакцини, само од нивната е доволно да се прими една доза.  

Не е толку страшно колку што изгледа?

 Ако се соберат бројките се добиваат 360 милиони дози, кои може да се очекуваат во вториот квартал. ЕК пак останува на проценката од 300 милиони за вториот квартал. Портпарол на Комисијата посочува дека се наоѓаме во променлива ситуација која може да земе позитивен, но и негативен тренд. 

Врз основа на наведените бројки АстраЗенека сочинува еден четврт од вакцините планирани за вториот квартал. Ако останатите производители испорачаат според договорните обврски, Унијата ќе дојде до 290 милиони дози и речиси до зацртаната цел. Дали нештата не се толку лоши колку што се претставуваат?

Можно одолговлекување на вакцинацијата во Германија за еден месец 

„Не е дека нештата не се толку страшни," вели економскиот експерт за здравствени прашања, Доминик фон Штилфрид во однос на Германија. Тој е претседател на Централниот институт за здравствено осигурување во Германија. Од таму пресметале дека во земјата може да дојде до 4-неделно одолговлекување на вакцинациите ако целосно се прекине со АстраЗенека. Но, и за тоа дека ќе мора во вакцинацијата да бидат вклучени лекарските ординации и останатите производители да ги исполнат договорените рокови и количини. Еден месец помалку или повеќе пандемија има голема разлика не само во однос на економските последици. 

Одолговлекувањето особено ќе дојде до израз кај лица кои припаѓаат на ризичните групи, вели фон Штилфрид, односно оние кои мора да страхуваат од тешка форма на болеста, па можеби и смрт. 

И тајмингот е битен бидејќи испораките на АстраЗенека би дошле во различно време отколку од другите производители, смета фон Штилфрид. Како пример ја наведува вакцината на Џонсон и Џонсон, која треба да дојде дури во подоцнежната фаза од вториот квартал. 

Фон Штилфрид смета дека од средината на април во центрите за вакцинација ќе има многу повеќе вакцини отколку што има капацитети да се дадат и дека почесто ќе бидат вклучени и лекарски ординации. Генерално секоја од вакцините може да се користи и во нив. 

Заклучок: Ако сите останати производители се држат до договорените количини, штетата се движи во прифатливи рамки. Но, бројките не ја покажуваат целата димензија на последиците од откажувањето од АстраЗенека. Во зависност од тоа колку брзо испораките ќе дојдат до одредена земја, настанува забавување на кампањата за вакцинација која може да чини многу човечки животи. 

Релевантната одлука околу тоа како ќе се продолжи со вакцината на АстраЗенека ја носи ЕМА во Амстердам. 

(Џана Грин помагаше во интерпретацијата на податоците) 

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми