1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Какво изненадување подготвува ДУИ?

ДТЗ
3 јуни 2021

Заев најави дека партијата на Ахмети во сабота ќе соопшти убава вест. Не открива дали со коалицискиот партнер ќе имаат заеднички кандидат за градоначалник на Скопје.

 Artan Grubi, Minister für politisches System in Nord Mazedonien und Ali Ahmeti, Parteivorsitzender der albanischen Partei DUI in Nord Mazedonien
Фотографија: Petr Stojanovski/DW

„ДУИ има убава работа да соопшти во сабота. Убава затоа што е целосно во корелација во работењето на Владата, затоа што е модерна и соодветна на 21 век. Мене ме бендисува тоа што вака се размислува во највисоките органи и тела на ДУИ. Јас ќе оставам ДУИ да соопшти затоа што тоа е нивна агенда, нормално споделена со нас“, изјави денеска премиерот Зоран Заев, откако претходно и лидерот на ДУИ, Али Ахмети најави новитети коишто ќе ги соопшти преку видео-обраќање викендов. Тоа ги подгреа шпекулациите во јавноста, кои во барабан веќе почнаа да ги вртат фаворитите за градоначалници на локалните избори во С. Македонија.

Како дел од изненадувањето кошто го подготвува ДУИ, неофицијално се споменува и можноста да биде промовиран заеднички кандидат на ДУИ и СДСМ за градоначалник на Скопје, кој ќе биде етнички Албанец. Како можен кандидат за таа позиција се споменува името на Изет Меџити, кој освои неколку изборни циклуси во Чаир.

Предлог добар за државата

Премиерот денеска не откри детали за изненадувањето коешто го подготвува Ахмети. „Да не шпекулираме порано, ќе се пушти теза која е неточна или точна, па на неа сите даваме шлакче, црешна или слично и правиме торта. Нема потреба од тоа. Еве, сабота е преку еден ден, ќе биде соопштено и ќе видите дека е нешто добро за државата“, рече Заев.

-повеќе на темата: ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ не сакаат на „свадба без невеста“

Тој вели дека во предлогот ќе се препознаат голем број од државните политики како биле вградени согласно новата агенда која ја има ДУИ. „Јас верувам дека сето тоа е во духот на унапредување на севкупниот политички амбиент во државата. Еве, ние во СДСМ направивме сериозни промени, непосредни избори со 50 проценти жени и мажи, поголема застапеност на младите итн. А тоа ДУИ што го прави е навистина освежување и убава новина, ама секако тоа е право на ДУИ да го соопшти“, изјави Заев.

ДУИ има убава работа да соопшти во сабота. Убава затоа што е целосно во корелација во работењето на Владата, затоа што е модерна и соодветна на 21 век, најави Заев.Фотографија: DW/P. Stojanovski

Лидерот на ДУИ, Али Ахмети завчера најави големо изненадување кое ќе го обелодени на 5 јуни, на роденденот на партијата. „На 5 јуни, повторно, нашето семејство ќе излезе со платформа која првично ќе биде дискутабилна и со големи дебати како што се дебатираше за „првиот албански премиер“, рече вчера Ахмети во Липково.

Комбинаторики

Интегративците веќе ја почнаа постапката за избор на кандидати за градоначалници и за советници за локални избори кои треба да се одржат во втората половина на октомври. Еркан Арифи, актуелниот градоначалник на Липково, најверојатно ќе биде кандидат за уште еден мандат на чело на оваа општина на претстојните локални избори, што треба да се одржат во октомври. Како можни кандидати за уште еден мандат се споменуваат и имињата на актуелните градоначалници во Тетово и Струга, Теута Арифи и Рамиз Мерко.

-повеќе на темата: Кавгаџиите и антихеројот во ДУИ

Во пресрет на престојните локални избори се шпекулира и дека опозициската ВМРО- ДПМНЕ ќе има заеднички кандидат со Левица во Кисела Вода и Аеродром. Градоначалникот на Кавадарци, Митко Јанчев за ТВ 24 најави дека повторно ќе ја бара довербата на граѓаните, но и ја очекува поддршката од ВМРО- ДПМНЕ и дека е време за обединување на партијата. Во јавноста како можен кандидат на опозициската ВМРО- ДПМНЕ во Кавадарци се споменува и името на  поранешниот министер за внатрешни работи во техничката влада, Наќе Чулев.

Пред есенските локални избори опозицискиот лидер Христијан Мицкоски најави ново парламентарно мнозинство. Премиерот Зоран Заев, пак, му возврати дека сегашното мнозинство ќе расте.

 

 

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми