1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Каков е германскиот ангажман во Авганистан?

31 март 2009

Денеска (31.03.2009) во Ден Хаг се одржува меѓународна конференција за иднината на Авганистан. Авганистан ќе биде централна тема и на самитот на НАТО кон крајот на неделава. Што Германија досега сторила за оваа земја?

Војници на Бундесверот со министерот за одбрана Јунг во КундусФотографија: AP

Сојузната германска влада е горда на својата политика кон Авганистан: „Навистина можеме да се пофалиме со нашиот досегашен ангажман во Авганистан од 2002 година наваму“ ,смета канцеларката Ангела Меркел, и ова уште еднаш ќе го нагласи на претстојниот самит на НАТО.

Канцеларката Ангела МеркелФотографија: AP

Во Северен Авганистан во моментов се стационирани 3.700 германски војници, повеќе од кога и да било досега. Само во последната година ангажманот чинеше преку 530 милиони евра. Германската влада особено е горда на својот концепт за мрежна безбедност, за што бара дури и еден вид авторски права.

Министерот за одбрана Франц Јозеф Јунг, не е уморен постојано да ја фали како идеална стратегија за заедничко дејствување на воената безбедносна компонента и цивилната помош: „Имаме предност во Авганистан со тоа што почнавме да ја спроведуваме нашата стратегија на мрежна безбедност уште од летото 2003 година. Проширувањето на југот и истокот, почна во 2006 година и тоа не со оваа стратегија.“

Опозицијата бара практична примена на стратегијата

Дури откако сите партнери во Алијансата ќе почнат да ја спроведуваат оваа стратегија, работите во Авганистан ќе тргнат на подобро - ова е кредото на германската влада. Седум години по почетокот на ангажманот на НАТО, политичарот од редовите на опозициската партија на Зелените, Јирген Тритин, не сака веќе да чека: „Не можам повеќе да ги слушам овие расправии околу мрежната безбедност! Би сакал конечно, откако пред две години е усвоен овој концепт на ниво на НАТО, тој да почне да се практикува во Авганистан, на лице место, секој ден.“

Сеопфатна економска помош, која ќе биде реализирана во тесна соработка со авганистанскиот народ - ова е барањето на познавачите на Авганистан. Во изминатите години и Германија инвестираше повеќе милиони евра во училиштата во Авганистан, улиците и болниците. Истото го прават и други земји. И покрај некои помали успеси, се чини дека парите ни од далеку не се доволни, зашто истовремено цутат производството на дрога и корупцијата.

Очекувања од владата во Кабул

„Ова за мене пред се’ значи да барам уште поголема одговорност од раководството на Авганистан, за навистина да ги преземе сите мерки, и земјата да ја води добро и ефикасно, да се победи криминалот и со сета сила да се бори против трговијата со дрога.“ Вака германската канцеларка ги формулира нејзините очекувања од владата во Кабул. Но, полицијата и армијата во Авганистан се’ уште не се во состојба да ја гарантираат безбедноста и редот - опозицијата во Германија смета дека за ваквиот развој делумно е виновна и германската влада.

Германски војници во КабулФотографија: AP

Изминатите години владата испрати премалку инструктори за обука на полицијата - критикува Јирген Тритин од Зелените. „Потребни ни се најмалку 2.000 инструктори за полицијата од ЕУ, а Германија мора да учествува најмалку со 500 обучувачи.“

Но, ова е илузорно. Во меѓународната политика, ангажманот во Авганистан значи и влијание, а на ова поле германската влада веќе не е на водечката позиција. Германците во Авганистан веќе не извршуваат ниту воени, ни цивилни водечки позиции. Изминатите години беше поинаку. Германија го има третиот по големина контингент трупи, но воено сака да се ангажира само на северот на земјата. Најмалку до престојните парламентарни избори оваа есен, ситуацијата нема да се промени, а потоа ќе се прави нова стратегија за мисијата, којашто ја одбиваат повеќето Германци.

Автор: Нина Веркхојзер / Александра Трајковска

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми