1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Каков и да е исходот на преговорите за статусот, ЕУ и во иднина ќе има поголема одговорност на Косово

20 јули 2005

Хавиер Солана е во посета на Белград и Приштина. ЕУ е цврсто решена да врши притисок за изнаоѓање решение за горливиот проблем Косово и сака уште во текот на наредната есен да започнат преговорите за иднината на формално се’ уште српската покраина, која сега е под протекторат на ОН.

Хавиер Солана: напори насочени кон забрзано барање решение за косовскиот проблем
Хавиер Солана: напори насочени кон забрзано барање решение за косовскиот проблемФотографија: dw-tv

Патот води во неизвесност, а сепак сите се решени за нов почеток: Белград и Приштина, Србите и Косоварите, ЕУ, САД и ОН. Сите сакаат веќе на есен да се разговара за идниот статус на Косово. Автономија во една конфедерација или независност – исходот на преговорите за секако најголемиот проблем во југоисточна Европа е се’ уште отворен. Ако изостане одговор, може трајно да биде загрозена стабилноста на западен Балкан.

Во изминатите месеци Солана постојано разговараше со сите страни. Ставот на министерот за надворешни работи на Србија и Црна Гора, со кого Солана ќе се сретне денеска, е познат: „Србија и Црна Гора е многу отворена за спогодба, за многу далекусежен компромис. Ние ја понудивме формулата ’Повеќе од автономија, помалку од независност‘ и со тоа покажавме најголема мера на компромисност“. Тоа, од белградски агол, и фактички е значителна отстапка. Таму Драшковиќ се вбројува меѓу умерените политичари, токму како и српскиот претседател Тадиќ. Тој смета дека решение може да биде донесено веќе во наредната година.

За најголемиот дел политичари од Косово тоа не е доволно. Кога денеска попладне Солана ќе ја посети Приштина, тамошниот претседател Ругова ќе го повтори старото барање: независност и тоа веднаш.

Никој, па ни Солана, не знае како ќе течат преговорите. Позициите, дури и на умерените сили на обете страни, се многу оддалечени. Од решавачко значење ќе биде што сакаат ОН и ЕУ: дипломатите од Брисел неодамна ја утврдија својата позиција, иако таа се’ уште не е усогласена со сите земји на Унијата. Така, веќе не е тема за дебата поделба на покраината, важен збор во се’ уште доверливиот документ е „децентрализација“.

На сите им е јасно дека многу работи се во прашање. На Драшковиќ му е важна безбедноста на српското малцинство на Косово: „Реков дека условите за Србите таму се повеќе од тешки, дури и трагични. Но, ние мораме да се бориме. Се надевам дека нашите пратеници ќе влезат во косовскиот парламент за таму да ја водат борбата. Со тоа ќе отпадне изговорот на албанското мнозинство дека Србите ги саботираат разговорите за сопствената судбина, заштитата на својот живот, сопственост, за својата иднина“. Солана во Приштина ќе се состане и со претставници на косовските Срби. Тие наскоро ќе решат дали ќе се вратат во парламентот. Со бојкотот на изборите загубија од влијанието.Но, од друга страна, не се исполнети многу од српските барања.

Се’ едно како и да резултираат преговорите за статусот, ЕУ и во иднина ќе има поголема одговорност на Косово. Таа ќе го преземе надзорот над обуката на полицијата.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми