1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Каков парламент (не) сакаат граѓаните?

16 јуни 2020

Летово земјата ќе го добие десетиот парламентарен состав. Според анкетата на Институтот за демократија „Социетас Цивилис“, деветиот си заминува со оценка 2,6.

Mazedonien, Skopje: Parlamentssitzung über Verfassungsänderung
Фотографија: Regierung Mazedonien

Откако лидерите на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ постигнаа согласност за избори на 15-ти јули, Владата вчера предложи, а претседателот Пендаровски синоќа го прифати владиниот предлог, и прогласи вонредна состојба во период од 8 дена, (од 15-ти до 22-ри јуни). Целта е да се овозможи непречена подготовка на изборите за пратеници, и на мерки за заштита на јавното здравје во услови на пандемија.

До денеска, Северна Македонија помина точно четири месеци без парламент. Пратениците од деветтиот парламентарен состав на 16-ти февруари донесоа одлука за самораспуштање на Собранието заради изборите закажани на 12-ти април. Во март изборите беа одложени заради корона-кризата, а во изминатиов месец не беше постигнат консензус за новиот изборен датум. Отако вчера тој договор беше постигнат, извесно е дека Северна Македонија летово ќе го добие десетиот парламентарен состав.   

Контролирано од Владата

Со секој нов парламентарен состав се зголемуваат и очекувањата на граѓаните од законодавен дом чии главни одлики ќе бидат посветеност на интересите на граѓаните, отвореност, транспарентност и ефикасна контрола на извршната власт. Со какви оценки си заминува деветиот парламентарен состав? Одговор дава теренската анкета за перцепциите на граѓаните и јавноста за работата на Собранието, која Институтот за демократија „Социетас Цивилис“ ја спроведе  во периодот од 17-ти февруари до 6-ти март, во рамки на Програмата за парламентарна поддршка, помогната од Швајцарската агенција за развој и соработка. Анкета е спроведена лице в лице со 1.000 полнолетни испитаници. 

Според резултатите, 73% од испитаниците сметаат дека избраните претставници во Собранието секогаш тргнуваат од своите лични или од интересите на својата политичка партија, додека 49% сметаат дека пратениците само понекогаш ги имаат предвид интересите на граѓаните.

Повеќе:

-Зошто Собранието стана „несаканото дете“?

-Заев и Мицкоски договориле избори на 15 јули

-Изборите во политичка и правна кармакаша


Граѓаните како најкарактеристично од работата на овој Собраниски состав го издвоиле усвојувањето на Договорот со Грција (20%) и донесувањето на Законот за употреба на јазиците (16%). Уставните промени кои произлегоа од Договорот со Грција се на трето место (11%), а за Договорот со Бугарија се изјасниле 8% од испитаниците.   

Според резултатите од анкетата, над две третини од граѓаните се убедени дека во извршувањето на своите функции Собранието е до извесен степен контролирано од страна на Владата, и покрај тоа што уставната надлежност на законодавниот дом го предвидува токму спротивното, законодавниот дом да ја избере и да врши политичка контрола и надзор над Владата. 

Оценката се топи

Институтот за демократија „Социетас Цивилис“ посочува дека перцепцијата за учество на јавноста во работата на законодавниот дом, како еден од механизмите за поголема отчетност, транспарентност и одговорност на самата институција кон граѓаните, е исклучително ниска.

„Само 5% од граѓаните одговориле дека некогаш се обиделе да учествуваат во работата на Собранието. Ова се должи пред се и на фактот што доминантен дел од граѓаните, над 80%, воопшто не се информирани како можат да се вклучат во работата на Собранието, додека половина од граѓаните имаат впечаток и дека Собранието до извесна мера е непристапно за учество на јавноста во неговата работа. Ваквата перцепција на граѓаните во однос на работата на Собранието е релативно константна во последните три години“, посочуваат од Институтот. 

Фотографија: DW/ P. Stojanovski

Работата на Собранието во текот на последната година граѓаните ја оцениле со средна оценка од 2,6 на скала од 1 до 5. Овој резултат, покажува благ пад на средната оценка со која граѓаните ја оценуваат работата на Собранието, имајќи предвид дека минатата година граѓаните ја оцениле работата со 2,9, а во 2018 со 2,7.
На прашањето дали сметаат дека општо животот во Северна Македонија се движи во правилна или погрешна насока, 51% од испитаниците одговориле дека се движи во погрешна насока, а 38% сметаат дека се движи во правилна насока. Гледано според региони, најголеми песимисти во однос на ова прашање се граѓаните од источниот регион во државата (71%) од североисточниот (65%) и од пелагонискиот регион (61%).
Во однос на довербата на граѓаните во институциите, Претседателот на државата ужива највисока доверба меѓу граѓаните, споредено со Владата, Собранието и Судството. На скала од 1 до 10, граѓаните довербата до Претседателот на државата ја оцениле со 4,6, по неа следат Владата (4,1) и Собранието (4), а со најниска доверба го оцениле судството со 3,1.
 

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми