1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаГлобално

Како автократите си честитаат едни на други

15 август 2020

Дали времето на траење на автократите истекува? Сосема сигурно дека не, но она што се случува во Белорусија сигурно е вознемирувачко за многумина од нив. Пишува Љупчо Поповски

Polen Krakau Solidaritätsproteste mit Belarus
Фотографија: picture-alliance/NurPhoto/B. Zawrzel

Образецот е одамна познат – еден автократ покажува солидарност кон друг автократ. Настаните во Белорусија се извонреден пример за тоа. Можете да го земете апелот на унгарскиот министер за надворешни работи, Петер Сијарто, кој еден ден пред состанокот на министрите за надворешни работи на ЕУ, на кој ќе се расправа за наместените избори во Белорусија и бруталната полициска акција против демонстрантите, ја повика Унијата да поттикнува „дијалог“ со претседателот Александар Лукашенко. „Ние се интересираме ЕУ да ги носи одлуките врз основа на дијалог, кои нема да ја направат невозможна изградбата на односите меѓу ЕУ и Белорусија во иднина“.

Шефот на дипломатијата Сијарто не е автократ, тоа е само висок бриократ во авторитарната машина на премиерот Виктор Орбан. Тој само ги спроведува политиките на автократот Орбан, како што Лидија Јермошина, шеф на Централната изборна комисија на Белорусија уште од 1996 година (и еден од најверните лојалисти на претседателот-автократ) и секогаш му испорачува победа на Лукашенко од 80 отсто. Без оглед кој учествува на нив. Орбан беше во јуни во Минск да се сретне во Лукашенко и оттаму да побара ЕУ конечно да ги симне сите санкции против Белорусија. Сега од официјална Будимпешта нема ни збор за бруталното насилство или украдените избори.

Но има од другите држави во Вишеградската група, што е прво посериозно пукање на шевовите на наизглед заедничките интереси на четирите престолнини. Полска (слична илиберална демократија како Унгарија) побара ЕУ да одржи специјален самит за настаните во Белорусија. Полска има граница со Белорусија од околу 400 километри и врските меѓу двата народи се длабоко во историјата. Министерот за надворешни работи на Чешка, Томас Петричек, го повика белорускиот амбасадор во Прага да го изрази строгото несогласување со „насилната пресметка со опозициските демонстранти“ и да ги отфрли обвинувањата на Лукашенко дека Чешка, наводно, стоела зад протестите во Белорусија. Чешкиот премиер Андреј Бабиш вчера побара во Белорусија да се одржат нови претседателски избори под стриктен надзор на странски набљудувачи.

Случајот на шефот на дипломатијата на Орбан покажува колку автократите наеднаш се почувствуваа осамени во Европа и дека е невозможно да се затворат очите пред безмилосното крадење на изборите и апсењето на сега веќе околу 8.000 лица за само неколку дена. Тоа е запрепастувачка бројка. Сведоци од затворот во Минск зборуваат дека во една ќелија од 12 квадратни метри биле напикани по 50 луѓе. Ако се суди според реакцијата на Сијарто, тоа на официјално Будимпешта не ѝ пречи – нејзе ѝ пречат демонстрациите на луѓето кои се борат за своите права и неверојатната измама.

Виктор Орбан беше во јуни во Минск да се сретне во ЛукашенкоФотографија: picture-alliance/dpa/AFP Pool/J. Thys

Не е само Орбан кој внимателно ги следи настаните во Белорусија и си мисли што би се случило ако такво незадоволство се истури на унгарските улици. Дури неговата реакција е на на некој начин внимателна, за да не остане единствениот во ЕУ кој поддржува еден диктатор од класичен советски тип. Треба да ги погледнете честитиките што стигнаа до Лукашенко за неговата „победа“ и да сфатите дека и испраќачите се на некој начин загрижени дали на нивните народи им е смачено од нивнато владеење.

Брзите честитики

Првата честитка до Лукашенко дојде од претседателот на Кина, Ши Џинпинг. Потоа следеше низата на добрите желби и пофалбите за победата на лидерите на Азербејџан, Русија, Таџикистан, Узбекистан, Ерменија... Нема тука некоја длабокомислечка политичка стратегија во овие честитки до деспотот во Белорусија – тие прво значат како да се обезбеди моќта во сопствената земја; и второ, како да се менаџира ситуацијата за да не се случат настани како во Минск и другите белоруски градови. „Високиот одѕив и бројот на гласовите уште еднаш ја покажа големата доверба на народот во Вас“, му напиша во честитката до Лукашенко претседателот на Узбекистан, Шавкат Мирозоев.

Љупчо ПоповскиФотографија: Petr Stojanovski

Во сличен тон е честитката на уште еден автократ – Емомали Рахмон, претседателот на Таџикистан. Тој е подолго на власт од Лукашенко, или кој било лидер од поранешниот Советски Сојуз, владее со Таџикистан уште од 1992 година. На 11 октомври се закажани претседателските избори во Таџикистан и нема сомневање дека ќе ги добие ако учествува. Според посматрачите, тој ги добива сите избори досега на ист начин како и Лукашенко. Откако презеде голем дел од таџикистанската економија сега размислува дали тој да истрча на изборите или местото да му го препушти на неговиот син Рустам, кој сега е претседател на парламентот и градоначалник на главниот град Душанбе. Аналитичарите велат дека Таџикистан е целосно авторитарна држава, најмногу од сите поранешни советски републики.

Други колумни од авторот:

Мицкоски – човекот што помисли дека може да биде лидер

Успехот на ДУИ е голем, но на Алијансата огромен

Кој ќе се олади во врелиот 15 јули

Во гнездото

Сите овие држави лошо се справуваа со епидемијата на корона вирусот и мака мачат што да направат со паднатата економија. Основиот страв на авторитарните лидери е дали настаните во Белорусија можат да бидат втор „Мајдан“ или уште една „обоена револуција“ која ќе ги симне нив од власт.

Случајот со честитката на премиерот на Ерменија, Никол Пашинијан, веројатно е најтригантната по белоруската кражба. Пашинијан упати брза честитка до Лукашенко поздравувајќи ја неговата голема победа во која рече дека „со заеднички сили ќе го продолжат јакнењето на пријателството меѓу двата народи“. Поранешниот новинар Пашинијан дојде на власт во 2018 на бранот на големите антивладини протести против авторитарното владеење на Серж Саргсјан. Она против што се бореше во Ерменија сега не му пречи на Пашинијан во Белорусија. Уште повеќе што во моментот во Ерменија се одвива судски процес против поранешниот претседател Роберт Кочаријан кој е обвинет дека имал улога во задушувањето на протестите во 2008 година кога загинаа 10 лица. Реално, изгледа апсурдно и како целосен анахронизам на принципите и вредностите – дома судиш политичари за истите постапки како оние на Лукашенко, а во исто време му испраќаш честитики на белорускиот автократ за сето она што го прави во неговата земја.

Дали времето на траење на автократите истекува? Сосема сигурно дека не, но она што се случува во Белорусија сигурно е вознемирувачко за многумина од нив. Извонредниот руски аналитичар Андреј Колесников, објаснувајќи што се случува со автократите кои произлегоа од поранешната советска империја вели вака:

„Русите носат два упорни митови во главите. Едниот е дека Украина е најлошата земја во светот, веројатно речиси исто толку лоша како и САД. Другиот е дека Белорусија - со својата смиреност, дисциплина и ред - е модел за имитација, неизвалкана верзија на Русија. Невидените протести, појавата на нови лидери и будењето на општеството го уништуваат овој мит за Белорусија.

Повеќе од тоа, за Русите постои долгорочно прашање: ‘Мислиш дека ние би можеле да го направиме тоа како таму’.

Тие можеа да стојат во редови на избирачките места за да го дадат својот глас против диктаторот. Можеа да протестираат, можеа да ги поддржат лидерите на опозицијата. Тие не можеа да се откажат по апсењата и зашеметувачките гранати“, анализира Колесников.

Александар Лукашенко и Владимир ПутинФотографија: picture-alliance/AP Photo/T. Zenkovich

Секако, тоа не значи дека вакви протести и гнев поради очигледни измами можат да се случат во Русија. Но упорените протести во Хабаровск, на далечниот исток, директно против Путин покажуваат дека има сериозни никулци на отпор на граѓанското општество. Владимир Путин долго време настојува да ја привлече Белорусија во својата најтесна орбита, што и покрај сите напори не му појде од рака. Двете земји се братски, но не се како едно. Испраќањето на „вагнеровските“ платеници (припадници на специјалната единица „Вагнер“ за највалкани операции) за некаков обид за вознемирување на белоруските власти неколку дена пред изборите не придонесе за поблиско разбирање меѓу Москва и Минск. Но приведувањата на десетици руски новинари и техничари во Минск за време на протестите и невројатната комуникација на граѓанските општества во двете земји, особено кога Лукашенко го укина интеренетот па се бараа линии преку Русија, ги обедини граѓаните од двете страни на границата и тоа на многу подобар начин од она што се обидуваат да го постигнат политичките лидери.

Грешките на Лукашенко

Со закажаните избори за руската Дума во 2021 година и претседателските во 2024 Кремљ ги проучува грешките што ги направи Лукашенко. Неговата прва грешка беше што ја потцени опозицијата. Откако го уапси поранешниот банкар Виктор Бабарико (кој за истакнување на кандидатурата собра 435.000 потписи), Лукашенко помисли дека работата во најголем дел е завршена. Особено затоа што заедно со Бабарико во затвор го испрати и неговиот син, обвинувајќи ги обајцата за финансиски измами. Друг силен кандидат беше Валери Цепкало, поранешен амбасадор во САД, кој пред да биде уапсен пребегна во Москва. Кога на сцената се појави Светлана Тихановскаја (чиј маж, популарен блогер, исто така беше уапсен) тој ѝ се потсмеваше навредувајќи ја дека жена не можела да се носи со претседателскиот товар. Па во неделата за време на изборите уште велеше дека таа „не е вредна за репресија“. За вечерта да испрати десетици илјади полицајци на улиците за да го совлада народниот гнев.

Втората грешка на Лукашенко беше со колку проценти да се фалсификуваат изборите. Митинзите на Тихановскаја низ цела Белорусија беа посетувани од екстремно многу луѓе, па кога изборната комисија каже дека Лукашенко победил со 80 проценти тоа ги разбесни граѓаните. Затоа што независните посматрачи јавуваа дека Тихановскаја освоила 70 отсто од гласовите.

Позната е неговата изјава од 2006 година кога го доби третиот мандат за претседател, исто со осумдесетина отсто поддршка: „Да, ние ги фалисфикувавме изборите“.

Франк Дикотер, холандски историчар, минатата година ја издаде книгата „Како да бидеш диктатор“, која предизвика општи пофалби од критичарите. Тој во неа ги опишува примерите на осум големи диктатори од 20. век. Еден од неговите заклучоци е дека „ниту еден диктатор не може да владее само преку страв и насилство. Голата моќ може да се грабне и да се држи привремено, но тоа никогаш не е доволно на долг рок. Тиранин што може да го принуди својот народ да го признава ќе трае подолго. Парадоксот на современиот диктатор е дека тој мора да создаде илузија на народна поддршка".

Александар Лукашенко се загуби во својата моќ, цементирана со страв и присила во мирна Белорусија. Сега она што се случува – протестите кои покажуваат дека неговиот народ веќе не го сака и од улиците грмат извиците „Оди си“, на некој начин го избезумува и го тера на посилна репресија затоа што мисли дека нема друг избор.

Оние што му ги испратија првите честитки сега ги прочуваат неговите грешки за да не ги повторат во нивните држави. Па се трудат да научат нешто од анализите на Дикотер, без оглед дали ги прочитале. Константин Затулин, важен член на рускиот парламент, кој постојано гледа западни заговори против Москва, оваа недела ги опиша изборите во Белорусија како „целосен фалсификат“, а официјалните резултати ги оцени како „некридибилни“. Изгледа дека поуките брзо се учат – барем фалсификувањето да биде во некоја прифатлива рамка.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми