1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Како АФД ги „минира“ митинзите на Меркел

Кај-Александер Шолц
31 август 2017

Протести на десничарската Алтернатива за Германија (АФД) ја следат кампањата на германската канцеларка Ангела Меркел и источногерманскиот град Битерфелд не беше исклучок.

Deutschland Wahlkampf CDU Kanzlerin Merkel in Bitterfeld-Wolfen Protest
Фотографија: Reuters/H. Hanschke

Битерфелд е еден од оние германски градови кој минуваше, и сѐ уште минува, низ тешки времиња. Градот сѐ уште ги носи лузните од минатото: уништување од Втората светска војна, загадување од ерата на Источна Германија, огромна невработеност по обединувањето на Германија. На пат од железничката станица кон центарот на градот, постари граѓани и бегалци се туркаат околу градскиот пазар. Само неколку постери ја најавуваат кампањата на Меркел. Битерфелд е територија на АФД.

Една од малкуте успешни приказни во градот е езерото Гоичке, на местото на некогашната огромна дупка останата од рударското минато на градот. Околу него се изградени мала марина и викенд-куќички. Токму тука доаѓа Ангела Меркел да одржи говор. Музички бенд се обидува да креира опуштена атмосфера неколку часови пред нејзиното пристигнување. Нејзината партија, Христијанско-демократската унија (ЦДУ) има поставено шатори во кои се продаваат колбаси и пиво.

Групи членови на АФД се собираат на маргините на настанот. Десно-популистичката партија е добро претставена на покраинско ниво во Саксонија Анхалт, откако освои повеќе од 20 проценти од гласовите на последните избори. Со денови пред настанот, преку социјалните медиуми АФД ги повикува своите симпатизери да протестираат против настапот на Меркел преку хаштагот #LautgegenMerkel (гласно против Меркел). Слични протести ја придружуваат Меркел со недели наназад за време на нејзините настапи. Поддржувачите на АФД се опремени со два вида опрема: едната за поддршка на лидерката на нивната партија Фрауке Петри, другата со слогани против Меркел.

Ангела Меркел и покраинскиот премиер Рајнер Хазелоф во БитерфелдФотографија: picture-alliance/dpa/H. Schmidt

Постара брачна двојка ги остава своите велосипеди пред местото на настанот. Брачниот пар Кригер носат знаменца на АФД. Не им треба многу за да ги искажат своите фрустрации. Се жалат дека парите кои се трошат за бегалци можат да бидат искористени за многу подобри нешта. За нив, „АФД е новата ЦДУ“, затоа што Меркел ја одвлекла партијата премногу в лево.

Постојано исвиркување

Кога покраинскиот премиер од ЦДУ, Рајнер Хазелоф излегува на сцената за да ја најави канцеларката, „поздравен“ е од гласен хор од негодување и исвиркување кои продолжуваат и за време на обраќањето на Меркел. Хазелоф е видливо изнервиран. Гестикулира кон публиката и им порачува на демонстрантите: „Ништо од ова немаше да биде можно без ЦДУ!“ Му одговараат со повици: „Оди си дома!“

Меркел започнува со она што секогаш го кажува во вакви ситуации: дека мнозинството е дојдено да ја слуша, и дека нема да биде заплашена. Но тука во Битерфелд, симпатизерите на Меркел се во малцинство.
Кога канцеларката ја отвора темата за бегалците и им се заблагодарува на волонтерите на нивната помош, бучавата и негодувањата се заглушувачки. Многу од демонстрантите ја мразат Меркел поради тоа што им дозволи на бегалците да дојдат во земјата- тоа јасно се гледа и на плакатите кои ги носат.
Меркел продолжува да говори и покрај протестите, и не дозволува да биде испровоцирана. Но, тоа не ја смирува публиката. Меркел вели дека владата ја намалила невработеноста за половина. „Само затоа што луѓето одат во пензија“, и дофрла гласно еден од публиката.

Симпатизерите на АФД со транспаренти и извици ја попречуваат кампањата на МеркелФотографија: DW/K.-A. Scholz

Група млади жени ентузијастички аплаудираат на говорот на Меркел. Им се допаѓа тоа што го кажува, велат, но едната од нив е незадоволна што канцеларката не го споменува недостатокот на учители во земјата. Демонстрантите, велат тие, се ништо друго освен насилници.

Кога Меркел најавува дека нема да влезе во коалиција со АФД, истовремено се слушаат гласни аплаузи и громогласно исвиркување. Публиката е поларизирана, а АФД игра клучна улога. Пред настапот во Битерфелд, Меркел релаксирано говореше за АФД, изјавувајќи дека се надева оти ќе успее да ги врати гласачите кои преминаа во таа партија во знак на протест. Судејќи според случувањата во Битерфелд, нејзината стратегија засега не функционира.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми