1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Можно ембарго: што да се прави без руската нафта?

Инза Вреде
12 мај 2022

Кој ќе мора да трпи? Тоа прашање се поставува и ако секне руската нафта. Има едноставни начини да се намали потрошувачката, кои и не се толку тешки за применување.

Deutschland | Greenpeace Ukraine Protest auf der Ostsee
Фотографија: Frank Molter/dpa/picture alliance

Земјите од ЕУ преговараат за можно нафтено ембарго за Русија. Некои се понаклонети кон мерката од други. Сепак секоја членка би била погодена и така се поставува прашањето: кој ќе добие помалку, кога вкупно ќе има помалку  нафта?

Додуша многу земји се трудат, пред сѐ Германија, да најдат алтернативни извори. Но, тоа не е по секоја цена паметно. Ако потрошената количина остане иста, бидејќи се најдени други лиферанти, тогаш и цената на нафтата ќе остане висока, што ќе го радува Путин. Затоа е поважно да се намали потрошувачката на нафта, меѓу другото и заради постигнување на климатските цели.

„Речиси половина од европските потреби за  руска нафта  може да бидат заштедени до 2023 и речиси целата количина до 2025", смета Вилијам Тодс, директор на организацијата „Транспорт и животна средина” која се залага за одржлив сообраќај. Нафта главно се користи за загревање, за сообраќај и за добивање енергија. Во ЕУ речиси 70% од нафтата се трошат во сообраќај, пред сѐ за патнички возила. 

Крај за слободно возење за слободни граѓани"

Едноставна мерка да се намали потрошувачката на нафта во  Германија е ограничување на брзината на патиштата. Досега на 70 проценти од делниците на автопатите такво нешто не постои. Околу 2,1 милијарди литри фосилно гориво би можеле да се заштедат во Германија на годишно ниво, доколку на автопатите се држи ограничување на брзината на 100 километри на час, а надвор од населени места на 80. Сојузната служба за заштита на средината пресметува дека така би се заштедиле 3,8% од горивото потрошено во сообраќајниот сектор. Ако дополнително на ова во одредени населени места ограничувањето на брзината се сведе на 30 километри на час, тогаш според пресметките би се заштедиле 3,7 милијарди литри бензин и дизел. Други мерки би биле: недели без користење на возило, поттик за користење јавни средства за превоз и повеќе работа од дома. Но, ефектот од работење во домашни услови би бил само краткотраен, вели Валдемар Марц од институтот Ифо. На долг рок луѓето од центарот на  градовите би се преселиле во поголеми станови, би имале подолги патишта ако некогаш треба да одат до работа и би имале помалку мотиви да купат возила кои штедат гориво. 

Базените во Берлин ќе бидат постудени

01:16

This browser does not support the video element.

Помала потрошувачка на нафта со повеќе е-возила

Среднорочно брзо префрлање на електрични возила може да има голем ефект, се вели од организацијата „Транспорт и животна средина”. Така  побарувачката за нафта  до 2023 би се намалила за 38,8 милиони тони нафта, што соодветствува на 48% руска нафта во рамки на европската потрошувачка во сообраќајот. Ова важи дотолку повеќе ако мерките се применат на возила кои особено често се во погон како службените, такси превозниците, автобусите, камионите и други возила за достава. Тоа се осум проценти од вкупниот број на возила, а трошат 19% од нафтата во сообраќајот. Кога службени возила би биле е-возила, краткорочно заштедата на гориво би била 2,25 пати поголема отколку ако се електрифицираат приватните возила, пресметуваат од организацијата. Ако возачите бидат обучени да возат со свеста за заштита на околината, би се оптимирал притисокот на гумите, возилата би се опремиле со аеродинамични уреди на страните и одзади, па така дополнително би се штедело на енергија.

Ограничување на брзината на германските автопатишта - спорна темаФотографија: Jochen Tack/picture alliance

Воз наместо авион

И во воздухопловниот сообраќај се користи керозин кој се рафинира од нафта. Ако сите земји во ЕУ го земат примерот на Франција за забрана на летови на кратки дестинации, кога истите може да се заменат со воз, увозот на нафта од Русија може да се намали за две милијарди евра годишно. Ова го вели анализа на Гринпис. Тие бараат и ставање крај на „летови на духови“ – авиони кои сообраќаат празни или полупразни со цел авиокомпаниите да си ги задржат термините за полетување и слетување. Според проценките на Гринпис, минатава зима имало 100 илјади вакви летови на полупразни авиони кои потрошиле околу 360 илјади тони керозин. Помалку службени патувања со авион, што веќе се практикуваше за време на локдаунот, исто така ќе придонесат кон намалување на потрошувачката на керозин.

Субвенции за бензин не придонесуваат кон штедење нафта

Од друга страна попуст на бензин, со цел да им се помогне на граѓаните поради растечките цени, нема да помогне во заштедата на нафта. Но, и покрај тоа оваа тема утре е на дневен ред на расправата во Бундестагот. Планот гласи: за трите летни месеци енергетскиот данок на горива да се намали на ниво на европскиот минимум.

Но, ако бензинот и дизелот поевтинат, тогаш нема поттик за штедење – напротив. Така, намалувањето на даноците за горивата во висина од 14 милијарди евра, во 18 европски земји од март досега донесе дополнителна потрошувачка на нафта од 3,3 милиони тони, велат од Т&Е.

Постојат голем број мерки со цел намалување на потрошувачката на нафта. Во ЕУ и понатаму се дискутира дали и кога е можно воведување целосно ембарго за руската нафта. Изминативе недели Европската Комисија предложи целосна забрана за увоз на руска нафта. Според предлогот на Комисијата, во рок од шест месеци треба целосно да запре увозот на сировата нафта од Русија, а до крајот на 2022 и увозот на рафинираните производи. Германија би била помалку погодена од ваквите мерки, бидејќи последнава година само една третина, или 12% од увозот на нафта во земјата е од Русија. Но, ситуацијата е сосем поинаква во Унгарија, Словачка, Чешка и Бугарија. Севкупно, една четвртина од нафтата што се троши во ЕУ доаѓа од Русија.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми