1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

120811 Sowjetunion Zerfall

18 август 2011

Во август 1991 година комунистичките хардлајнери во Советскиот Сојуз се обидоа да направат пуч против реформаторот Михаил Горбачов. Тие сакаа да спречат распад на СССР, а го постигнаа токму спротивното.

Советскиот сојуз се распадна во 1991 годинаФотографија: dpa


Се работеше за се‘ или ништо - во 1991 година Советскиот сојуз беше во „слободен пад“. Индустриското производство опаѓаше, а галопирачката инфлација ги јадеше заштедите на граѓаните. Избија етнички конфликти, во Грузија и Азарбејџан се пукаше. Литванија беше прва советска република што прогласи независност - во 1990 година. Во јануари 1991 година, Москва во Вилњус испрати специјални единици на КГБ. При упадот во телевизиската зграда во литванскиот главен град загинаа 14 луѓе. Но, обидот за враќање на Литванија во советското царство не успеа. Претседателот Михаил Гробачов се‘ повеќе ја губеше контролата во земјата.

Денес Горбачов вели дека „Советскиот сојуз можел и морало да се спаси“. Во тоа време тој стремеше кон еден вид „СССР 2.0“, во кој републиките требаше да добијат поголема самостојност. Во март 1991 година Горбачов организира референдум. Според официјалните резултати, повеќе од 70 проценти од граѓаните се изјаснија за „зачувување на Советскиот сојуз како обновена федерација на суверени републики со еднакви права“. Но, како да изгледа еден таков СССР?

Преговорите во резиденцијата на Горбачов, Ново Огарјово кај Москва, се покажаа тешки - учествуваа само девет од 15-те советски републики. Но, на претседателот, сепак, му успеа да издејствува нов државен договор со кој земјата требаше да се зачува во целина. Неговото потпишување беше планирано за 20 август 1991 година. Но, до тоа не дојде.

Обид за пуч на хардлајнерите

Еден ден пред планираното потпишување, на 19 август 1991 година, се случи она од што стравуваа многумина на Запад - пуч против Горбачов. Група советски хардлајнери, меѓу кои и министерот за одбрана, министерот за внатрешни работи, како и шефот на тајната служба КГБ, основаа „Комитет за вонредни ситуации“. Старите комунисти не веруваа во реформите на Горбачов. „Видоа дека со вообичаени политички мерки не можат да постигнат ништо, па се решија на пуч“, се сеќава Горбачов.

Михаил Горбачов стремеше кон еден вид „СССР 2.0“Фотографија: Veni Markovski/cc/by

Со образложение дека е болен, пучистите го затвораат шефот на државата и неговото семејство во неговата резуденција за одмор на Крим и го отсекуваат од надворешниот свет. Во Советскиот сојуз е прогласена вонредна состојба, а во Москва влегуваат тенкови. Пучистите тврдат дека сакаат да го спасат СССР од „катастрофа“.

Со полна брзина во пропаст

Пучот не успеа. Во август 1991 година доаѓаат ѕвездените мигови на новоизбраниот руски претседател Борис Елцин, кој се профилира како противник на комунистите. Десетици илјади луѓе се собраа кај неговиот кабинет во Москва за да демонстрираат против пучот. Се‘ беше мирно, но состојбата беше непрегледна. Кога колона тенкови во текот на ноќта минуваше низ центарот на Москва, животот го загубија три лица. Вонредната состојба е укината по три дена, а Горбачов на 22 август се враќа во Москва. Пучистите беа уапсени, дел од нив извршија самоубиство, а Комунистичката партија е забранета.

Хардлајнерите со пучот сакаа да го спасат Советскиот сојуз, но тој делуваше како катализатор. Уште за време на пучот Естонија прогласи независност, по што следуваа Украина и другите републики. Три месеци по пучот, претседателите на Русија, Украина и Белорусија ја основаа Заедницата на независни држави - ГУС. На 26 декември 1991 година Советскиот сојуз е официјално распуштен, Горбачов е обезвластен и се повлекува од функцијата.

„Сам да си ставиш јамка околу вратот“

Герхард Симон, експерт за Источна Европа на Келнскиот универзитет, смета дека во брзиот и условно ненасилен распад на СССР има нешто „загатливо“. „Може ли една светска сила навистина да ја снема, како што театар се спушта завесата и се оди дома?“ Симон смета дека силата на Советскиот сојуз била преценета. „По прашањето на атомското оружје државата била сигурно силна, но во делот на економијата СССР никогаш не беше конкурентен со САД“, вели тој. „Советскиот систем пропадна и поради тоа што постоеше Западот - подобра економија, поголема слобода, фасцинација од ’златниот запад’“. Милиони советски граѓани сонуваа за западните производи кои не можеа да си ги дозволат, вели експертот. „Голема грешка на советската пропаганда и идеологија беше што од почетокот се споредуваше со Западот. Самите си ставија јамка околу вратот.“

Архивска фотографија од 19. август 1991 година - Борис Елцин држи говор пред граѓаните на Москва откако пропадна пучот против ГорбачовФотографија: AP

Елцин сакаше крај на Советскиот сојуз

Експертот за Источна Европа смета дека развојот на ситуацијата во „срцето“ на СССР е вчудовидувачка, поради тоа што, историски погледнато, „носечката група во државата, Русите, односно нивната политичка класа, не го сакаше веќе Советскиот сојуз“. Притоа се мисли на Борис Елцин, кој се залагаше за зајакнување на суверенитетот на Русија и кој подоцна даде наредба да не се плаќаат веќе пари за советските власти во Москва. „Елцин сакаше крај на Советскиот сојуз, во тоа нема воопшто никакво сомневање“, заклучува Симон.

Рускиот претседател сметаше дека Москва ќе го задржи влијанието во државите на ГУС (Заедница на независни држави), вели Симон. Тоа што работите не излегоа според посакуваното покажува дека „и Елцин и неговите луѓе, како и претходно Горбачов, не ги проценија како што треба последиците од нивното дејствување“.

Автор: Роман Гончаренко / Елизабета Милошевска Фиданоска

Редактор: Симе Недевски

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми