1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Како потклекна режимот на ГДР

Мара Бирбах
9 октомври 2019

На 9 октомври 1989 година во Лајпциг околу 70.000 луѓе демонстрираа за повеќе слобода и демократија. Наспроти сите стравувања, безбедносните сили на ГДР не интервенираа.

Deutschland Montagsdemonstration in Leipzig 1989
„Слобода“ - стои на транспарентот истакнат на демонстрантите во ЛајпцигФотографија: picture-alliance/Lehtikuva Oy/H. Saukkomaa

На 9 ноември 1989 година, нешто по 18 часот, од црквата Свети Никола излегуваа луѓето кои присуствувале на вечерната миса. Пред црквата и на плоштадот „Карл Маркс“ ги чекаа десетици илјади демонстранти: млади луѓе, семејства, работници, пензионери. Најмалку 70.000 луѓе од сите слоеви на општеството во ГДР кои на овој 9 ноември ја собрале сета своја храброст за да му испратат порака на СЕД-режимот. Толку масовни демонмстрации во ГДР, каде критички протести беа генерално забранети, немало со децении.

Многу од демионстрантите сметаа со најлошото, па и со тоа дека полицијата би можела да пука. Тенкови и трупи со автоматско оружје беа во состојба на готовност и задача да ги запрат протестите. Свежи беа сеќавањата на масакрот на Тјенанмен во Кина, од јуни 1989 година.

Но, за чудо, државниот апарат ги дозволи демонстрациите тој понеделник. Луѓето шетаа низ улиците на центарот на Лајпциг, минуваа и покрај лајпцишката управа на Службата за државна безбедност. Демонстрантите извикуваа „Ние сме народот“, „Слобода, слободни избори“ и „Без насилство“. Многумина во рацете држеа свеќи.

„Тој ден воздухот можеше да се сече со нож“, се сеќава Катрин Малер ВалтерФотографија: picture-alliance/dpa/L.Heikki Saukkomaa

Очевидците се сеќаваат

Оттогаш минаа 30 години. Но, оние кои биле дел од тие демонстрации до денес добро се сеќаваат на атмосферата. „Тој ден воздухот можеше да се сече со нож. Луѓето знаеја дека е тоа ден на одлука“, се сеќава Катрин Малер Валтер. Таа тогаш имала само 18 години и била активна во граѓанското движење. Нејзиниот роден град Лајпциг - втор по големина град во ГДР по Источен Берлин - во 1980-те стана упориште на отпорот. Најважно место на среќавања - црквата Свети Никола, каде секој понеделник во 17 часот имаше бдеење за мир. „Откако таа вечер не се пукаше, ни беше јасно дека почнува процес на отворање, почнува процес на меѓусебно дискутирање“, вели Малер Валтер.

Режимот на ГДР во 1989 година, 40 години по основањето на државата, се наоѓаше во длабока политичка и економска криза. Сѐ повеќе луѓе се обидуваа да заминат од земјата, граѓанското движење добиваше сѐ поголема поддршка. Додека Михаил Горбачов започна реформски курс во братскиот Советски Сојуз, а држави од источниот блок, како Полска и Унгарија, се отвораа, Политбирото на ГДР и долгогодишниот шеф на државата Ерих Хонекер категорично отфрлаа реформи.

Зигберт ШефкеФотографија: picture-alliance/dpa/J. Woitas

Моќта на (западните) медиуми

Се разбира, телевизијата во ГДР не известуваше за настанот. Па сепак, за ударната сила на Лајпцишките демонстраци на 9 октомври наскоро дозна цел свет. И тоа благодарение на двајца камермани кои се скрија во центарот на Лајпциг во една црковна кула и тајно ги снимаа демонстрациите. Еден од нив е и Зигберт Шефке. Вели дека се наежил кога видел колку многу луѓе протестираат. Му било јасно дека „ако сликите утре бидат прикажани на телевизиите на Запад, тоа нема да ја промени само ГДР и Германија, туку и Европа и светот“. Во текот на ноќта видео-материјалот бил прошверцуван до западните новинари. Така јавноста во ГДР, чиј голем дел следел западни телевизии, дозна дека се можни отворени протести против сѐ послабиот режим и дека не треба да се смета со насилство.

Хероите на мирната револуција

05:07

This browser does not support the video element.

Потоа настаните се одвиваа брзо. Сѐ повеќе луѓе се охрабруваа да излезат на улица и тоа не само во Лајпциг. Ерих Хонекер е сменет осум дена подоцна. Но на луѓето и тоа не им е доволно. На 4 ноември 1989 година во Берлин најмалку половина милион луѓе бараа слобода на мислењето и на печатот.

Зошто немаше ескалација?

Но, зошто на 9 октомври полицајците и војниците дозволија луѓето да протестираат во Лајпциг? Зошто не се пукаше, како што тоа се случи во 1953 година во Берлин или во март 1989. во Пекинг?

Една од причините е што безбедносните сили биле префорсирани со целата ситуација. Тие не сметале со толкав број луѓе. И, сметале дека ќе има насилство од страна на демонстрантите. Немале развиено стратегија како да реагираат на комплетно ненасилни демонстрации.

„Постоеше консензус меѓу демонстрантите да не се употребува насилство против полицијата, затоа што знаевме - наспроти нас стои добро опремен апарат кој само чека некој да фрли камен или да нападне полицаец. Против вакви комплетно ненасилни протести државата беше немоќна, затоа што не ѝ  беше даден повод за интервенција“, објаснува историчарот Саша Ланге. „Раководството на СЕД и полицијата беа разоружани само со силата на зборот и на масите народ.“ Саша Ланге не само што лично ги има доживеано протестите на 17-годишна возраст, туку неодамна за мирната ревилуција објави и книга заедно со татко му - „Давид против Голијат“.

Против комплетно ненасилни протести државата беше немоќнаФотографија: picture-alliance/ZB/V. Heinz

Татко му, кабаретистот Бернд-Луц Ланге, е еден од „Лајпцишката шесторка“ - група која се погрижи за тоа на 9 октомври во Лајпциг да не се пролее крв и да не летаат палки. Тројца регионални раководители на СЕД  (Партијата на социјалистичко единство) и тројца познати граѓани на Лајпциг (меѓу кои диригентот Курт Мазур и Бернд-Луц Ланге) тогаш се здружиле и ги повикале и демонстрантите и полицајците и војниците на разумност. Истовремено, ветиле дека ќе се залагаат за мирна размена на мислења. Нивниот повик е емитуван во текот на демонстрациите преку разглас во центарот на градот. Луѓето од СЕД за своите постапки не се договриле со своите шефови во Берлин.

Премало признание?

Точно еден месец по судбинските демонстрации во Лајпциг, на 9 ноември 1989 година, падна Берлинскиот ѕид. Денес речиси секој Германец знае за значењето на овој датум. За она што се случи еден месец претходно во Лајпциг знаат многу помалку луѓе, пред сѐ слаби познавања имаат младите во западниот дел од Германија.

Тоа кај многу борци за граѓански права до денес предизвикува незадоволство. Така е и со Катрин Малер Валтер. „Мислам дека е многу важно да се види дека источногерманските жени и мажи тогаш самите се ослободија од диктатурата, дека го победија стравот, демонстрираа заеднички на 9 октомври и во понеделниците пред овој датум и по него.“ Протестот влезе во историјата како прва целосно мирна некрвава револуција во Германија.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми