Како Германија загуби 6 милиони заштитни маски...во Кенија?!
БГ/ ДПА
24 март 2020
Германската царинска служба се обиде да открие каде се загубија 6 милиони заштитни маски, кои беа нарачани за протекција на здравствените работници од коронавирусот. И во Белгија претходно се случи нешто слично.
Реклама
„Надлежните се обидуваат да откријат што се случило“, изјави портпарол на германското министерство за одбрана, откако последната станица на која биле детектирани маските бил аеродром во Кенија. Портпарол на кениските аеродромски служби вели дека тие досега ништо не пронашле.
Се работи за маски од типот ФФП2, кои филтрираат над 90% од честичките, а биле нарачани од германската царина. Царината заедно со обвинителството на вооружените сили сега се обидуваат да откријат што се случило со маските.
Пратката требало да пристигне во Германија на 20 март, но тоа не се случило, откако исчезнала на аеродром во Кенија. Нејасно е и како маските, произведени од германска компанија, воопшто стигнале до Кенија.
„Што точно се случило, дали се работи за кражба или се работи за провајдер кој не е сериозен, се расчистува од страна на царината“, вели владин извор во Берлин.
Германскиот магазин Шпигел пишува дека Германија порачала опрема во вредност од 241 милиони евра од производители на заштитна и санитарна опрема, која треба да помогне во справувањето со коронавирусот.
Од министерството за одбрана велат дека нема финансиска загуба поради неиспораката на маските бидејќи тие не биле платени.
Минатата недела и во Белгија беше откриено дека исчезнале шест милиони ФФП2 маски за заштита. Но таму работата брзо се расчисти: минатата година, непосредно пред појавата на коронавирусот, тие биле уништени. Тие имено биле набавени во екот на епидемијата на свински груп, а во меѓувреме, според официјалното образложение, им минал рокот. Во белгиското надлежно министерство сметале дека репарацијата на маските би ги чинело прескапо.
Германија во меѓувреме ги подготвува своите болници и здравствени работници за голем раст на бројот на заболени од коронавирус. Во земјата досега има 27,436 регистрирани случаи на заболени и 114 жртви.
Упатства: Како да се заштитите од коронавирус
Луѓето ширум светот ставаат заштитни маски за дишење за да спречат вирусна инфекција. Сепак, други мерки се поефикасни. Еве неколку совети засновани на упатствата на СЗО.
Фотографија: Getty Images/X. Chu
Подобро од ништо
Не е докажано дека маските за лице можат ефикасно да ве заштитат од вирусни инфекции. Овие маски веројатно се во можност да фатат некои микроби пред да стигнат до устата или носот. Но уште поважно е тоа дека тие ги спречуваат луѓето да ги допираат устата или носот (што повеќето луѓе го прават инстинктивно). Ако веќе сте болни, таквите маски може да спречат да не заразувате други.
Фотографија: Getty Images/Stringer
Дезинфицирајте ги рацете
Во својот список на препораки како да се заштитите од зарази, Светската здравствена организација не споменува маски за лице. На врвот е често миењето на рацете. СЗО препорачува дезинфекциско средство за рацете на база на алкохол, како на фотографијата, кои најчесто ги гледаме во болниците
Фотографија: picture-alliance/dpa/S. Pilick
И сапун и вода ќе завршат работа
Поедноставното секојдневно решение се водата и сапунот, ако ги имате при рака. Но, проверете дали темелно ги миете рацете...
Фотографија: picture alliance/dpa/C. Klose
Кашлање и кивање - но направете го тоа правилно!
Еве што препорачуваат лекарите: Кога кашлате и кивате, покријте ја устата и носот со вашиот подигнат лакот. Или користете книжни марамчиња - но потоа веднаш фрлете го марамчето и измијте ги рацете. А кошулата или џемперот? Не, нив не мора да ги фрлите. Но, перете ги често или однесете ги на хемиско чистење.
Фотографија: Fotolia/Brenda Carson
Стојте подалеку!
Друга препорака која можеби не функционира за сите: Избегнувајте близок контакт со секој кој има треска и кашлица! Ако треба да имате контакт со болни луѓе, погрижете се да преземете дополнителни заштитни мерки.
Фотографија: picture alliance/empics
Имате треска? Одете на лекар, а не на патување!
Ако имате треска, кашлица и отежнато дишење, побарајте лекарска помош навреме. Избегнувајте јавни места за да не ги инфицирате другите. И, исто така, објаснете му на вашиот лекар каде претходно сте патувале.
Фотографија: Reuters/P. Mikheyev
Избегнувајте контакт!
При посета на сточни и зелени пазари во области во кои во моментот има случаи на новиот коронавирус, избегнувајте директен незаштитен контакт со живи животни. Тоа исто така вклучува какви било површини кои се во контакт со животни.
Фотографија: DW
Добро термички обработено - не сурово!
Варете,печете и пржете го месото темелно. Потребно е да се избегне конзумирање на сурови, недоволно термички обработени производи од животинско потекло. Со суровото месо, млекото или животинските органи треба да се постапува внимателно за да се избегне инфицирање од термички необработена храна. Овие се добри практики за безбедност на храната и помагаат да се спречи ширењето на болести.