1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Како да мине денот со третина евро

Свето Тоевски11 јануари 2014

Социјална помош во Македонија примаат меѓу 25 и 40 отсто од вкупното двомилионско население. Невладиниот сектор бара воведување „минимален достоинствен приход“ за социјално загрозените лица.

Фотографија: DW/S. Toevski

Бездомници, безимотници, долгорочно невработени лица, самохрани родители со едно, или две деца, стари изнемоштени лица со исклучително ниски пензии, деца на улица кои питаат, луѓе кои чепкаат по контејнерите во потрага по храна, обувки и други за нив животно важни предмети – ова е моментната социјална слика во Македонија, во која бројката на невработени официјално изнесува околу 225 илјади лица, а според тврдења на невладини организации и дел од експертите таа бројка е значително повисока од 300 илјади лица. Стапката на сиромаштија во оваа земја е околу 31 отсто.. Најмногу се исплатува социјална парична помош во Тетово, Гостивар, Дебар, Македонски Брод и Куманово, каде што социјална помош примаат од 25 до 40 отсто од жителите. На маргините на ваквата за се поголем број луѓе очајна социјална реалност во Скопје веќе неколку месеци невладината организација „Граѓанска иницијатива 8 - ми септември“ подготвува свои предлози за измени во постојната законска регулатива за социјалната заштита и одржува серија јавни трибини низ државата со учество на граѓани во тие јавни расправи.

Ниту половина долар

Џелал Хоџиќ од оваа „граѓанска иницијатива“ истакнува. „Загрижени сме поради се поголемата сиромаштија на луѓето. Социјалната помош е трагикомична, со неа не можат да се покријат ниту сметките. Денеска едно трочлено социјално загрозено смејество има само 20,7 денари за еден член да го преживее денот! Тоа не е ниту половина долар. Со тие пари треба да се прехранат, да платат сметки, превоз, облека. Едноставно невозможно! Целиот систем за социјална заштита е нефункционален и мора да претрпи коренита промена, за да може да ги задоволи потребите на граѓаните. Според Уставот сме социјална држава, ама во пракса сме земја на социјална неправда. Досега имаме одржано 7 јавни трибини со граѓаните. и ни остануваат уште 10 трибини низ општините во Македонија. Кон крајот на јануари 2014 година во Прламентот ќе поднесеме предлог - измени на законот на социјална заштита. Ќе предложиме и предлог - мерки кои ќе бидат доставени до Владата и локалните власти. Бараме: Владата да ги преземе долговите и плаќањето на сметките за електрична енергија на социјално загрозените граѓани, а локалните власти обврските за сметките за вода и комуналии; потоа, oслободување од партиципација за здравствени услуги на социјално загрозените граѓани, зголемување на социјалната помош; бесплатен јавен превоз за членовите на социјално загрозените семејства: бесплатно сместување за ученици и студенти од социјално загрозените семејства.

Фотографија: DW/S. Toevski

ДВ праша: реално ли е да се очекува Владата да ги преземе долговите од сметките за струја, а локалните власти обврските за сметки за вода и за комуналии на социјално загрозените слоеви?

Хоџиќ: одговара: „Реално е! Пари има, но се фрлаат на глупости. Една цела социјално загрозена категорија – социјалните работници – може да се реши со 8 милиона евра. Владата одбива да го направи тоа, а само на ’Панорамското тркало’ во 2014 година ќе бидат фрлени 12 милиона евра - пари на граѓаните! Струјата не би била неограничена: ќе се измери колку струја е потребно за едно социјално загрозено смејество и ќе им се плати таа количина на струја. Ако се сака - се може. Потребна е политичка волја на владејачките партии. Што се однесува до сметките за вода и комуналии, тоа веќе функционира во Куманово и Струмица.“

Субвенционирањето продолжува и во 2014.

Побаравме став од владиното Министерство за труд и социјална помош во врска со овие барања на оваа невладина организација. Во писмената изјава на одделот за врски со јавноста на ова министерство за ДВ се нагласува: „Согласно со законот за социјална заштита, од септември 2010 година Владата донесува годишни програми и ја субвенционира потрошувачката на електрична енергија, огревно дрво, јаглен, екстра - лесно масло, нафта и централно греење за домаќинствата. Ваквото субвенционирање ќе продолжи и во 2014 година за најзагрозените категории на граѓани - корисници на социјална парична помош и постојана парична помош. Висината на месечниот надоместок за субвенција за потрошена енергија изнесува 700 денари.“ Околу барањето за ослободување од партиципација за здравствени услуги на социјално загрозените граѓани. споменатото министерство напоменува: „Согласно со законот за социјална заштита, право на здравствена заштита имаат корисниците на постојана парична помош, лица сместени во згрижувачко семејство, корисници на паричен надоместок за помош и нега од друго лице, како и други категории на граѓани.“ Министерството за труд и социјална помош најавува дека и на 1 – ви март 2014 година ќе се зголеми социјалната парична помош и постојаната парична помош за 5 отсто.

Фотографија: DW

ДВ побара ставови и од експертската јавност. Марјан Петрески, економски експерт од „Американ Колеџ Универзитетот’. Тој коментира: „Не поддржувам предлози за зголемување на социјалната помош. Сега системот за социјална заштита е добро поставен, имајќи предвид дека сиромаштијата без социјалните трансфери би изнесувала 43, а не како сега 27,3 отсто. Но, онака како што е поиставен, системот за социјална заштита содржи одредени демотиватори, кои ги одвраќаат тие луѓе да бараат работа. Во нашиот универзитет развивме нов модел за воведување ’политика на исплатливост од работата“, каде примањето на социјалната помош е поврзано со остваруввање приход од вработување: износот на социјална помош се зголемува со зголемувањето на платата до одредено ниво – околу 5 илјади денари - а потоа социјалната помош постапно се повлекува со секој заработен денар над овој износ. На ваков начин примателите на социјална помош би биле стимулирани да бараат работа, или ако некој од нив работи во ’сивата економија’ да не се плаши да го пријави својот приход. Ако постојниот систем на социјална парична помош се замени со овој систем на ’исплатливост на работата’, тогаш би се намалила невработеноста од 28 на 20 отсто, особено кај сиромашните и жените, како најранливи категории од населението.“

Минимален достоинствен приход

Професорката Маја Геровска – Митева од Институтот за социјална работа и социјална политика во Државниот Филозофски факултет од Скопје се надоврзува кон овој социјален модел на „Американ колеџ Универзитетот“: „Во овој момент политиката и надоместоците за социјална помош се базирани на голем број дестимулациски елементи, кои оневозможуваат комбинирање платен труд и користење на социјалната парична помош за повеќе членови во домаќинството. Ако се вработи некој член од домаќинството на лице, кое е корисник на социјална парична помош, дури и сезонски, за минален надоместок, корисникот на социјална парична помош се соочува со ризик да го загуби правото на таа помош. На тој начин е отежнат излезот од системот на социјална заштита и преминот кон пазар на труд, со што се создава ’стапица на сиромаштијата’ - имање можност да се вработите, за минамален надоместок, но ако тоа се прифати, се губи правото на парична помош, бидејќи вкупните приходи го надминуваат прагот за остварување на помошта. Подобреноста на насочувањето на социјалната помош дава основа таа да може да обезбедува поголема подршка на работоспособните ранливи категории, преку комбинација на платен труд и надоместоци за надополување на износот од платениот труд со сума што ќе обезбедува минимален и соодветен приход“.

Фотографија: picture-alliance/dpa

Уште една невладина организација „Македонска платформа против сиромаштија“ се залага за промени во системот на социјалната заштита на тој начин што во неа дефинитивно ќе се вгради и „минималниот достоинствен приход“. Мила Царевска, координатор во оваа организација појаснува: „Ваквата категорија на приход е и европски модел , кој и Европската комисија наложува сите земји во ЕУ да го воведат. ’Минималниот достоинствен приход’ е веќе ставен во ’Стратегијата за намалување на сиромаштијата и социјалната исклученост во Македонија’ и ние се повеќе ќе се залагаме се ова да биде применето. Тоа значи дека ќе мора и висината на социјална помош да се зголеми, за да се обезбедат подобри услови за живот на сиромашните и социјално погодени граѓани.“

Останува да се види каков ќе биде резултатот од овие државни стратегии, од споменатите иницијативи и проекти: дали и кога навистина во оваа земја ќе се намали бројот на очајни лица и на подадени раце, кои ја очекуваат туѓата милостина.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми