1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Како да се забрани НПД?

19 ноември 2011

Серијата убиства, кои според обвинувањата ги направила десничарска екстремистичка мрежа, повторно ја натераа германската влада да бара начин да ја забрани екстремно десничарската НПД. Тоа во Германија не е лесна работа.

Dossierbild 1 NPD Demo
Серијата убиства во Германија ја поттикнаа владата повторно да се обиде да ја забрани НПДФотографија: AP

Германскиот устав ги штити сите партии, се’ додека ги почитуваат основниот демократски поредок на кој е заснован уставот. Федералната влада не може да забрани партија. Владата или мнозинството во парламентот можат само да побараат од највисокиот германски суд, Федералниот уставен суд, да стави забрана.

Во повоената историја на Германија беа забранети Социјалистичка партија на Рајхот и Комунистичката партија на ГерманијаФотографија: picture-alliance / akg-images

Забранети само две партии

Само двапати во поствоената историја на Германија беше успешно забранета политичка партија. Тоа се случи со екстремно десничарската Социјалистичка партија на Рајхот во 1952-ра година и Комунистичката партија на Германија во 1956-та година. Социјалистичката партија на Рајхот собра многу десничарски екстремисти, неколку од нив дури станаа и пратеници, а тоа беше нешто што само малкумина сакаа да го видат – екстремни десничари повторно да седат во германскиот парламент.

Комунистичката партија на Германија беше осомничена дека има скриени врски со режимите во Москва и Источен Берлин, а за време на Студената војна администрацијата на Конрад Аденауер на неа гледаше како на закана за зародишот на демократијата во Западна Германија. Но, и во тоа време не било едноставно да се забранат овие две партии. Зошто е толку тешко денес да се забрани еднаш за секогаш политичка партија која има десничарски екстремисти?

Неуспех во 2003-та

Фотографија: picture-alliance/dpa

Одреден број на криминални дела, кои произлегоа од екстремните десничари од Националната демократска партија (НПД) на Германија, ја натераа владата повторно да реагира во 2003-тата година и да побара забрана за постоење на партијата. НПД беше основана во 1964-та година и освои места во седум од десетте западно-германски републики, што значи дека освои најмалку 5 проценти од гласовите. По обединувањето на Германија во 1990-та година, партијата постигна дополнителен успех во Источна Германија, но до 2003-та НПД се сметаше за незначајна партија со само 6 000 членови. За споредба, двете најголеми партии во Германија, ЦДУ на Меркел и опозициската СПД, имаат околу 500 000 членови.

Во 2003-та парламентот се согласи дека НПД треба да биде забранета, но тоа не помина во Уставниот суд. Судиите се спротивставија на употребата од страна на властите на информатори за да соберат информации за активностите на партијата. Од 200 луѓе во водечките кругови на НПД, 30 беа платени информатори. Судот сметаше дека партијата била водена од надвор, или попрецизно дека ја воделе оние кои имале интерес да ја забранат. Судиите побараа и сите докази да се уништат, бидејќи можат да бидат злоупотребени.

Уставните судии не прифаќаат докази собрани од тајните службиФотографија: AP

Стандардите од 1950-та година, кога со тајни агенти администрацијата на Конрад Аденауер собра информации за Комунистичката партија на Германија, а судот ги прифати, очигледно дека повеќе не важеа. Одбивањето на предлогот беше засрамување за Бундестагот, во кој се обединија сите партии во желбата да се ослободат од НПД.

Министерот за внатрешни работи на Баварија во 2009-та година направи обид за забранување на НПД, но сојузниот министер за внатрешни работи, Волфганг Шојбле го советуваше да не го прави тоа, бидејќи беше загрижен дека тие повторно ќе загубат, а тоа нешто би било победа за НПД.

Начини за забрана

Фотографија: picture alliance/dpa

Поради стриктните правила за забрана на политичка партија во Германија, има само неколку насоки по кои може да се тргне за да се забрани НПД. Мора да се покаже дека партијата земала учество, поддржувала или дури само препорачала поддршка на неодамнешните убиства на турски и грчки имигранти. Правните експерти веќе кажаа дека има мали шанси за докажување на таквата поврзаност.

Ксенофобичните говори полни со омраза на членовите на НПД не се доволни да се оправда забрана. Дури и ако мнозинството Германци не го сакаат тоа, сепак тие можат да се толкуваат како слобода на говорот. Слободата на говорот е заштитена со германскиот устав, се’ додека тој говор не навредува некоја личност.

А, во однос на агресивното и криминално однесување на членовите на НДП, недоличното однесување на неколкумина не е доволно за да се забрани цела партија.

„Политиката си се најде во правна лудачка кошула“, коментираат германските експерти по уставно право. Обидите да се лиши НПД од пари ќе се сфати како акт на очај. Партијата се’ уште добива пари од државата за секој освоен глас на изборите и за пратениците во парламентот, што вкупно е над еден милион евра. Такви пари добиваат сите партии избрани да го претставуваат народот во парламентот.

Автор: Волфганг Дик/ Александар Методијев

Редактор: Александра Трајковска

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми