1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Како да се измери припадноста на државата

1 февруари 2022

Едни Македонци им го одземаат правото на други Македонци да припаѓаат на Македонија, им го одземаат правото дури и за националната припадност, многу погрубо од негациите на соседите. Пишува Ерол Ризаов

Nord-Mazedonien Journalist Erol Rizaov
Фотографија: privat

Големите разлики и грубата партизација во македонското општество овозможуваат секој на секого да му го одзема правото на припадност кон државата, иако сите сме категорични на зборови дека ѝ припаѓаме на Македонија. Големите научници и филозофи кои го проучуваат развојот на современите општества во светот, што не така одамна, гледано од историска дистанца, ја преболеле оваа болест и за тоа платиле висока цена, велат дека тоа ќе трае сѐ додека поединците ја имат предвид само сопствената положба.

Емоциите експлодираат до губење на разумот кога нешто нѐ погодува и работите ги просудуваме само од сопствен агол. Ги губиме и духот и надежта кога нѐ издава трпението за меѓусебен разговор и кога наидуваме на арогантно одбивање. Од денот на независноста, веќе цели 30 години, едни Македонци им го одземаат правото на други Македонци да припаѓаат на Македонија, им го одземаат правото дури и за националната припадност многу погрубо и со подалекусежни последици од негациите на соседите. Едните се обвинети како предавници и непријатели, другите како лажни патриоти.

Демократијата како пандемијата

Разликите за припадноста кон државата се еднакво застрашувачки ако се вкрстат разликите и во другите етнички заедници и народи кои живеат во Македонија. Во науката има егзактни одговори на ваквите состојби, но кому му е денес до наука, или до поука од лошите искуства и стратегиските грешкиџ, кога и тие се злоупотребуваат при создавање на колективно погрешно мислење, за жал кај нас и од научни средини. По сѐ изгледа дека и демократијата, како и пандемијата не ќе можеме да ја совладаме додека на је платиме високата цена со колективен имунитет кон лагите и предрасудите.

За војна против пандемијата досега најефикасна одбрана е вакцината, која застана на 40 отсто од населението без оглед на национална, верска, образовна и политичка припадност. Дали овој процент има врска и е рамносилен на ефикасноста во надминување на примитивизмот и заостанатоста е тешко да се одговори, бидејќи за тоа нема вакцина. По сѐ изгледа таа војна ќе мора да се води против колективниот начин на мислење кој превладува во повеќе партиски табори.

Вистинските преобразби на општествата се одвиваат во поединците. Додека тоа не превладее кај големото мнозинство граѓани да ги согледаат државните интереси, сите битки за демократизација на општеството ќе бидат изгубени. Тоа што луѓето и одговорните политичари ќе го остварат во меѓусебната комуникација, ако е вистината за најзначајните придобивки и интереси, тогаш тоа станува проширена свест на мнозинството, што ја одредува иднината на едно општество.

Овие научно и искуствено докажани факти, ако ги разгледаме од аспект на реалната состојба во државата која се случува во моментот, ја откриваат целата трагика на партизацијата, делбите и натурањето колективно размислување. Да тргнеме од најголемата опасност со која се соочува светот, а со тоа и нашата земја. Тоа е пандемијата, која секој ден зема човечки животи. Од првиот случај на зараза до денес оваа планетарна здравствена криза се претвори во пропагандна војна за превласт, наместо за масовна имунизација. Предноста во помалиот број жители за ефикасно справување со брза вакцинација се претвори во колективен сомнеж за опасноста од вакцините. За речиси година и пол откако стасаа вакцините, имунизифрани се одвај 40 проценти од населението, иако здравствените авторитети тврдат дека барем со 60 до 70 проценти вакцинирани граѓани смртноста може значително да се намали.

Во многу подемократски земји и со високо развиена здравствена заштита, каде смртноста е помала, се воведени многу построги ограничувања на човековите права и слободи кои одат до задолжително вакцинирање. И сега, видете го апсурдот: Кога се работи за заштита на човечки животи сосема успешно на пиедестал стаса грижата за човечките права и слободи и правото на избор. Истовремено анкетите на јавносто мислење потврдија нешто што од поодамна е познато на овие простори - дека мнозинството граѓани претпочита цврста рака во управување со државата. Притоа демократијата и човековите права се во втор план. Во случај со пандемијата кај мнозинството граѓани беа прифатени лагите на социјалните мрежи дека во прашање е белосветски заговор на центри на моќ.

Не е проблемот само во изборниот модел

Втората работа околу која се создава колективно мислење без да има ниедно рацинално објаснување и дебата „за“ и „против“ е брзо менување на изборниот законик со воведување на една изборна единица и намалувањето на бројот на пратеници со отворање на Пандорината кутија за уставни промени.

Лаконските изјави дека тоа е демократски исчекор со една изборна единица и скратување на трошоците за 30 пратеници помалку, се многу лепливи и лесно прифатливи во поголемиот дел на јавноста. Ама сѐ што изгледа на прв поглед лесно остварливо, секогаш треба да се погледне уште сто пати, оти може да биде со многу неочекуван резултат.

Предупредувањата на поединци дека поголемиот проблем не е само во изборниот модел и дека злоупотребите се можни и во најидеално срочените изборни закони стануваат нечујни и невидливи пред партиските стратегии за брзи избори. Зад сета оваа врева на врат на нос да се менува изборниот законик нема ништо друго освен што побргу да се одржат предвремени парламентарни избори, по кои повторно ќе бидат оштетени малите политички партии, бидејќи влегоа во замката на домашниот есап кој не излегува на пазарот на големиот изборен циркус.

Ако нема добра и сеопфатна подготовка, првото изненадување за нив ќе уследи непосредно пред усвојување на законот, а второто уште поголемо по изборите.

По зајакот кој ќе втрча во промена на уставот, ќе се појави и мечката, која ќе наложи и поголеми уставни промени по кои, во пат позиција, ќе мора да ја свиткаат опашката. Не станува збор само за тоа колку прагот ќе биде висок или низок за влез во парламентот, или за неправдата дали некаде се потребни само шест, осум, или десет илјади гласови за едно пратеничко место, туку за веќе резервираните столчиња, не во Собранието, туку кај клинтелата која гласа. Таа пресметка со една изборна единица не е иста со равенката од минатите парламентарни, или локални избори. Тука има повеќе непознати. Големите партии не играат табланет, туку преферанс, а по потреба и џандар збира.

Што ќе се случи за 15 години

Третата работа која ја измачува Македонија и ја втурнува во колективно мислење се преговорите со Бугарија. Мнозинско уверување е дека од новиот пристап на новата бугарска влада и премиерот Кирил Петков нема да има ништо. Прашање на време е кога ќе се изјалови работата со историската комисија и ќе пропаднат преговорите, е најзастапеното мислење во јавноста . Како што се навестува и станува поизгледен почетокот на прговорите со ЕУ и симнување на бугарската блокада, така се изострува новата доктрина - колку ќе траат преговорите и колку вета ќе уследат во остварување на домашните задачи од 27-те поглавија, кога секоја членка на ЕУ, се разбира и Бугарија, можат да стават стотина вета и да нѐ враќаат назад колку пати сакаат. Во овие колективни сомнежи многу помногна и премиерот Петков со својата последна изјава дека преговорите на Македонија со ЕУ можат да потраат и цели 15 години додека не се остварат сите точки од договорот за добрососедство, вклучувајќи ги и резулататите од историската комисија.

Ете, на тој начин и во двете соседни земји е многу лесно да се врати недовербата едни кон други и покрај надежниот почеток. Со тоа и во овој случај поединечните напори лесно ќе ги проголта општата недоверба, добредојдена со една изјава кај сите кои не веруваат во заемно прифатливо решение, без оглед дали таа е кажана за домашна употреба во Бугарија, или за опомена во Македонија да не се брза со изјави за големи успеси.

За должината на преговорите со ЕУ и најавените вета многу е поучна една приказна. Еден осуденик на смрт во царските зандани му рекол на стражарот дека за една година може да го научи коњот на царот да лета. Владетелот му ја дал таа шанса на затвореникот. Стражарот, кога го пуштил, му рекол: „Свесен ли си што ќе ти се случи ако не успееш? Ти отиде главата“. „Знам“, рекол затвореникот, „мене и така за ден-два ќе ми отиде главата. Вака, за една година може коњот да умре, може јас да умрам ,а може и царот да умре. Шансите да се спасам се многу поголеми.“

За 10 до 15 години, колку и да траат преговорите, ќе се случат многу очекувани и неочекувани работи. Коњот нема да полета, ама Македонија може да стане членка на ЕУ. Тоа е сепак пореално.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми