1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Како да се казни Трамп?!

8 јануари 2021

Тешко е да се казни и навреди луциден параноик кој секоја своја деструктивна одлука, секој свој пораз, секоја своја грешка, ги претвора во заговор против него и народот. Пишува Ивор Мицковски

Ivor Mickovski
Фотографија: Privat

Америка на 6 јануари го доживеа својот најмрачен и парадоксално, најсветол момент во последните 4 години. Затоа што во земјата на парадоксите, додека разулавената толпа на Трамп го напаѓаше Конгресот и изведоа нешто што веќе може да се дефинира како „државен удар“, во Атланта и во Вашингтон веќе се размотуваше дефинитивниот демократски пораз на претседателот во заминување.

Поразот се оконча во Џорџија каде Демократите добија уште 2 сенатори и со тоа го освоија идното мнозинство во високиот дом. Поразот продолжи во Вашингтон преку изјавата на лидерот на Републиканците во Сенатот Меконел, пред седницата да биде насилно прекината, дека мора да се потврдат јасните изборни резултати. Потоа поразот се потврди и од потпретседателот Пенс, кој пред да биде евакуиран од салата, одби да подлегне под притисокот од Трамп и да го промени изборниот резултат од ноември месец.

Нападот врз Конгресот не беше изненадување

Настаните на денот на Богојавление само докажаа дека и покрај 4-те години тотално лудило на Трамп, САД се уште ги има неопходните демократски антитела за да ги издржи авторитарните пулсации на еден поразен претседател кој е подготвен на се - само да не го признае поразот и да не си замине од функцијата. Со срамот и штетата која Трамп и ја нанесе на американската демократија, и со освојување на Сенатот, Бајден излегува двојно посилен: Демократите конечно ќе имаат „унифицирана Влада“, каде идниот претседател ќе има поголема моќ и способност да ги контролира политичките и законодавните процеси клучни за спроведување на неговите политики.

Нападот врз Конгресот беше се освен изненадување. Ако се потсетите ќе ви текне дека Трамп во првата дебата со Бајден ги повика на оружје и бунт своите симпатизери и екстемистички поддржувачи. Екстремизмот и неодговорноста на Трамп само дополнително ескалираа во последниве денови. Прво со аудио „бомбата“ каде Трамп експлицитно бара 11 илјади гласови во Џорџија за да го промени изборниот резултат, разговор каде се обраќа како шеф на мафија и директно се заканува. Потоа со митингот на кој повтори дека никако нема да ги прифати изборните резултати, потпалувајќи ги илузиите на своите поддржувачи дека се уште има начин за негова победа, и консекветно наведувајќи ги да го извршат срамниот напад врз Конгресот.

Други колумни од авторот:

2020 – година на Македонија

Merry Brexmas!

Европа ги спаси парите, но го загуби образот

Македонија на крстопат

Да се разбереме, се ова само по себе не претпоставува дека станува збор за обид за државен удар. Тоа е пред се тешко да се тврди поради самиот изглед и карактерот на напаѓачите, кои не делуваа дека имаат капацитет, ниту статура да извршат така софистицирана субверзивна акција. Поверојатно е дека станува збор за насилен протест кој преоѓа во упад поради негрижа на властите и безбедносните структури. Но, како и да е, станува збор за крајно антидемократски чин, кој е особено сериозен затоа што е директно поттикнат од властите, или во случајот од страна на Претседателот.

Последица на поделбите

Во случајот на САД упадот говори за една длабока и наталожена мачнина во американското општество која подолго време ги заразува или сквернави нивните институции. Потоа говори за поделеноста, не само партиска, туку пред се за расната поделба која од Диксиленд го освои и Вашингтон, и каде гледаме дека на белата англосаксонска популација и е дозволено насилно да ги екстернализира своите ниски импулси и страсти, додека на малцинствата не само што тоа не им е дозволено, туку и се убиваат или трпат насилства поради самото свое постоење. Покрај расната дискриминација, со нападот врз Конгресот и фактот дека голем дел од полицијата солидаризираше или беше премека со напаѓачите, говори дека и меѓу нивните редови постои огромно анти-естаблишмент расположение, пред се детерминирано од класните разлики и поделби.

Иако поразот на Трамп е готова и запечатена работа, не можеме со иста сигурност да тврдиме дека ерата на трампизмот е завршена. Напротив, поверојатно е дека допрва почнува. Да не заборавиме, 70 милиони Американци сепак гласаа за Трамп и не може таа маса на луѓе да ги третираме или опишуваме исто како и егзалтираните будали кои го нападнаа Конгресот. Коруптивноста и криминалното однесување на Трамп не ја загадија и загрозија само американската демократија и институции, туку успеаја да ги корумпираат и душите и умовите на луѓето. Со падот на еден режим, не паѓаат нужно и менталните структури кои режимот го дозволиле или потхранувале. Републиканската партија е сериозно поделена и веќе оформена според сликата и однесувањето на Трамп, киднапирана и инкорпорирана во неговото лудо политичко тело.

Затоа не се доволни само демократските победи, не е доволно клучни луѓе од Републиканската партија да му го завртат грбот на Трамп и во 5 до 12 да прејдат на страната на победниците. Потребно е законот да го следи својот пат, Уставот да биде почитуван, а тие кои го прекршиле или злоупотребиле, почнувајќи од Претседателот, да почнат да одговараат за своите постапки.

Затоа, прашањето е како да се казни Трамп?

Постапка за отповикување на Трамп

Изјавата на Бајден дека претседателот не може да е над законот и алузијата дека станало збор за обид за државен удар, навестува дека Демократите ќе направат се што можат со цел да го тргнат Трамп од позицијата, уште пред официјално да му заврши мандатот на 20-ти јануари. Демократските лидери на Парламентот и на Сенатот, Ненси Пелози и Чак Шумер, веќе и официјално побараа постапка за отповикување на Трамп повикувајќи се на 25-от амандман на Уставот.

Насилна побуна против САД, поттикната од страна на претседателот е главното обвинение според Шумер. Веднаш потоа и второто, за пропустот да се заштити Конгресот, каде Трамп намерно ги ослабнал и закочил безбедносните мерки околу двата дома.

Според 25-от амандман се предвидува претседателските овластувања да се пренесат на потпретседателот ако неговиот кабинет заклучи дека претседателот поради физички или ментални причини не е во состојба да ја извршува својата работа. За тоа да се случи неопходно е потпретседателот и мнозинството од владиниот кабинет да го прогласат претседателот за неспособен. Во овој случај се мисли на ментално неспособен. Доколку претседателот ги отфрли таквите тврдења, тогаш е непоходно 2/3 мнозинство од Парламентот и Сенатот да гласаат за негово отповикување.

За таа цел клучна е проактивната улога на потпретседателот Пенс, како и на мнозинството министри кои по упадот во Конгресот масовно си даваат оставки. Но, колку што Пенс жестоко го осуди насилниот упад, во ниеден момент не му ја препиша одговорноста за насилството на Трамп. Доколку Пенс одбие да ја собере Владата, нешто што повеќе не делува така невозможно, тогаш останува на располагање опцијата за брз импичмент, нешто што во тесните рокови не е најверојатно сценарио, но за што секако ќе биде направен обид.

Обвинение против Трамп

Останува и третото сценарио кое го споменав на почетокот, веднаш по инаугурацијата на Бајден и напуштање на Белата куќа од страна на Трамп, тој да биде обвинет по повеќе точки: поради уцената врз државниот секретар на Џорџија доколку не му обезбеди 11.748 гласови, или пак, за предавство и поттикнување на упадот во Конгресот. Или пак за бројните обвинувања за неплаќање данок, сексуални злоставувања, соработка со странски сили, корупција и криминал.

Затоа и не треба да не чуди фактот што Трамп изминатите недели размислувал и се консултирал со своите за евентуално самиот да си додели помилување. Веројатно таа мисла уште повеќе го интересира по настаните во Конгресот.

Тоа се опциите како да се казни Трамп за неговата злоупотреба на власта, за уцените, за хистеријата со која предизвика напад врз Конгресот каде загинаа 4 лица, а многу повеќе беа повредени. Сега прашањето преоѓа во една друга димензија, односно, како да се казни човек кој нема срам, кој живее и делува без чувство на вина или одговорност, човек кој ја одбива реалноста?

Тешко е да се казни и навреди луциден параноик кој секоја своја деструктивна одлука, секој свој пораз, секоја своја грешка, ги претвора во заговор против него и народот. Ризикот од импичментот или наглото отповикување е Трамп повторно да се претстави и да излезе како жртва, зајакнувајќи го уште повеќе убедувањето кај неговите следбеници дека нападот врз Трамп е заговор на Демократите, на Сорос, на „длабоката држава", а по најново и на Републиканците.

Можеби најдоброто сценарио е тоа да се изведе еднаш откако ќе замине од функцијата, се разбира, доколку не предизвика некоја нова лудорија или насилство во овие 2 недели што му преостануваат.

Како и да е, Трамп треба да биде казнет и понижен, не само поради неговите лични злоупотреби кои и сами по себе се доволни, туку затоа што ако опстане како лидер на опозицијата, неговите следбеници и неговите партиски струи ќе стануваат само поекстремни и се поопасни, трајно разјадувајќи го американското демократско ткиво и општество.

Таквата состојба дури и за една Америка би станала неиздржлива, и мачнината би можела да предизвика две последици од сосема различна природа: да ја блокира светската суперсила во една деструктивна домашна клима на секој против секого, или пак да ја примора својот домашен бес да го истури надвор, заглавувајќи во некоја нова крвава војна.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми