1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Како да се помине најевтино поради Шешељ?

Ивица Петровиќ / Ж. Ацеска31 март 2015

Лидерот на Српската радикална партија и обвинет Војислав Шешељ ќе мора да се врати во Хаг на барање на Жалбениот совет на Трибуналот. Веста за враќање на Шешељ во Хаг наиде на остри критики на српската власт.

Фотографија: picture-alliance/dpa/A. Cukic

Враќањето на Војислав Шешeљ во Србија и неговото привремено пуштање на слобода своевремено беа оценети како обид за дестабилизација на српската влада и потег кој може да ја загрози политичката стабилност во Србија. Се очекуваше Војислав Шешељ, како поранешен шеф на сегашните челници на српската држава, претседателот Томислав Николиќ и премиерот Александар Вучиќ, да тргне во жестока политичка пресметка со довчерашните соработници. Се претпоставуваше дека лидерот на радикалите, како некој кој добро ги познава сите политички тајни на Вучиќ и Николиќ, може да ги загрози нивните позиции и рејтингот на сега владејачката Српска напредна партија. Тоа сепак не се случи.

Војислав Шешељ по враќањето од Хаг одржа еден релативно скромен митинг во Белград, како и еден уште помал протест по повод годишнината од бомбардирањето на НАТО и тоа би било отприлика се‘. Во јавните настапи во медиумите, како и на партиските конференции за новинарите, спротивно на очекувањата, не откри никакви компромитирачки податоци за Николиќ и за Вучиќ, па од таа страна може да се каже дека не им наштети многу. Настрана во целата приказна остана и здравствената состојба на Војислав Шешељ, иако тоа беше наведено како една од главните причини за негово привремено пуштање на слобода.

Најновото барање на Жалбениот совет на Трибуналот не наиде баш на одушевување. Повторно се активираа приказни за обид за дестабилизација на Србија, а кон тоа придонесе фактот што Војислав Шешељ го повтори својот став оти тој доброволно нема да се врати во Хаг. Дали притоа мисли да пружа отпор, каков и во колкава мерка, оставено е на проценка на српските власти. Премиерот Александар Вучиќ по тој повод веќе изјави дека „Шешељ не е тема, туку тоа што неговиот говор (на Вучиќ, н.з.) по повод 16 години од агресијата на НАТО, не наиде на симпатии во светот“, оценувајќи притоа дека „двете одлуки во врска со Шешељ се неморални.“ Српскиот министер Александар Вулин одлуката за враќање на Шешељ ја оценува како „насочена кон дестабилизација на Србија, соборување на владата и смена на премиерот Вучиќ.“ И српските правни експерти ја критикуваа одлуката на Жалбениот совет, истакнувајќи: „Кога некој ќе помине десет години во протвор, тоа веќе нема врска со владеење на правото.“

Александар Вучиќ: Одлуките во врска со Шешељ се неморалниФотографија: DW/B. Marx

Во насока на судска пресуда против Шешељ?

Директорот на Центарот за практична политика Драган Поповиќ во разговор за Дојче веле истакнува дека веќе нема дилеми околу оваа одлука на Жалбениот совет и дека Војислав Шешељ мора да се врати во Хаг.

„Тој мора секако да се врати таму, барем до следната одлука на Советот за претрес. Во секој случај, целото судење на Шешељ, според мое мислење, без оглед на неговото однесување, е кршење на човековите права на Шешељ, зашто станува збор за незабележана должина на притворот во овој дел од светот“, истакнува Поповиќ.

„Затоа мислам дека оваа одлука на Жалбениот совет веќе оди во правец на забрзување на донесување конечна пресуда. Тоа судење заврши пред повеќе од четири години и нема никакви причини да не се донесе пресуда.“

„Одлуката од Хаг не е изненадување“, оценува за Дојче веле новинарот Слободан Ступар , и „таа нема да биде пријатна за владата на Александар Вучиќ. Но, оваа влада направи море непријатни работи, така што не очекувам да се двоуми премногу и практично Шешељ повторно да го врати во Хаг. Доволно е само домашните медиуми да не пишуваат ништо за тоа и Шешељ ќе биде на аеродромот на пат за Хаг“, вели Ступар.

„Во Србија речиси веќе нема независни медиуми, па не може да се зборува за можноста медиумите да влијаат врз јавното мислење по повод Шешељ и неговото враќање во Хаг. Затоа мислам дека тоа нема премногу да влијае, како врз јавното мислење, така и врз политичката ситуација во Србија.“ Според Ступар, луѓето во српската влада сигурно веќе размислуваат како најевтино да поминат и да ја исполнат оваа обврска на враќање на Шешељ во Хаг.

„По враќањето од Хаг, се виде дека по толку години, тоа веќе не е истиот Шешељ, ја нема некогашната логистика, а балонот национализам во Србија прилично се истиши по бројните политички и воени порази“, констатира Ступар.

„Секако, најавата оти Шешељ нема доброволно да се врати во Хаг ја компликува ситуацијата“, оценува Поповиќ.

„Тоа значи дека тој може во свој стил да се обиде да направи од тоа политичка претстава. Од друга страна, полицијата мора да го уапси, тоа е просто наша законска обврска, тука веќе нема простор за каква било одлука на владата дали тоа сака да го направи или не. Сега ќе биде занимливо како тоа српската влада ќе го изведе политички, а притоа да предизвика што помалку проблеми“, вели Поповиќ.

Војислав Шешељ ја нема некогашната логистикаФотографија: picture-alliance/TASS/O. Toskich

Хаг ја намалува поддршката кон евроинтеграциите

Во поглед на предизвикувањето политичка нестабилност, тоа зависи од политичката сила на Војислав Шешељ, продолжува Поповиќ: „Верувам дека Шешељ е политички кловн, дека нема посебна сила и служи на различни, колоквијално така да кажам, различни газди во различни моменти, кога треба да се заврши некоја валкана работа. Полицијата секако е добро обучена за такво нешто, но да повторам, се‘ зависи од политичката мудрост на власта, како ќе го изведе тоа, а да не дојде до некои судири, иако не очекувам да се отиде толку далеку“, потенцира Поповиќ.

„Актуелната власт веќе долго се‘ што се случува го толкува како напад врз себе и државата, така што ако и ова продолжат да го користат за евтина пропаганда, тоа ќе биде лошо“, вели Поповиќ.

„Зашто, ако тоа продолжи така, тоа ќе ни отвори простор за теории на заговор, ќе се гледа како уште еден доказ на непријателство од Хашкиот трибунал и на крајот, бидејќи тоа често се поврзува, ќе има влијание и врз европските интеграции. А според најновите истражувања, се‘ е помала поддршката на српските граѓани кон ЕУ и мислам дека ова ќе влијае на нејзино натамошно топење“, заклучува Поповиќ.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми