Како да се (пре) живее во мегаградовите на иднината?
21 јуни 2016Веќе за 30 години три од четири жители од нашата планета ќе живеат во некој од градовите. На сите ќе им треба стан, работа, храна, вода и енергија. И истовремено ќе произведуваат голема количина отпад, канализациска вода и издувни гасови. Ако градовите уште во средината на овој век треба да бидат достојни за живот, мора веќе денес да се почне со поинакво размислување. Тоа е резултат на истражувањето кое го претстави Научниот совет на германската влада за глобални промени на околината.
„Потребен ни е сосем поинаков урбанизам отколку што денес го познаваме“, мисли Дирк Меснер од Германскиот институт за развојна политика во Бон. „Ако не се обидеме да управуваме со тој процес преку мудри стратегии и концепција на градовите, тогаш веројатно за десет, дваесет години во големи метрополи кои ќе изникнат, ќе живее дополнителна милијарда луѓе.“
Тој е еден од авторите на извештајот „Преселба на човештвото: трансформативна сила на градовите“, која на германската влада и‘ служи како стручно мислење пред конференцијата на ОН на тема домување, планирана за во октомври. На веќе третата конференција на ОН за домување и населување, наречена Хабитат III во Еквадор, ќе се зборува и за глобалните урбанистички планови на идните градови. Од почетокот на 2016. година важат нови, одржливи цели на развој како смерници кои ги застапува Светската организација. Во седумнаесетте цели јасно се споменува и потребата градовите да бидат поинклузувни, побезбедни, поотпорни и поодржливи.
Тоа ќе ни биде голем предизвик зашто првенствено мегаградовите во земјите во развој ќе бидат соочени со целосно недоволна инфраструктура, диви населби и сламови, криминал и насилство. „Мораме да го контролираме тој притисок врз урбанизацијата“, предупредува главниот секретар на Програмата на ОН за домување и населување, Јан Колинс. „Урбанизацијата напредува со голема брзина, а во многу земји тоа се случува со создавање сламови.
Се шири хаос
Веќе денес околу една милијарда луѓе живее во такви диви населби, никнати најчесто околу метрополите, каде сламовите ги нарелуваат „неформални населби“.Тоа пак значи дека тамошните жители едвај да уживаат некаква услуга од јавните служби - од водовод и канализација па до јавен превоз, но и полиција. Најчесто, сето тоа го нема. Секојдневието е обележано со криминал, здравствената заштита по правило е лоша и лесно се шират епидемии. Сепак, во такви населби од ден во ден доаѓаат нови луѓе.
Зашто, сите се надеваат да најдат работа во градот, да остварат приход, гледаат можност за образование на своите деца и животна шанса каква немаат ако останат да живеат на село или во провинција. Сите стручњаци се согласуваат дека едноставно не е можно туку-така да се запре доаѓањето на нови жители во градовите. Дотолку е поважно градовите однапред да се подготват за да ја поднесат ваквата принова.
Тоа се однесува и на проблемот заштита на околината и на климата. Тука не станува збор само за снабдување со енергенси кои нема да влијаат врз климата, туку германските стручњаци предупредуваат и на масовно користење на споредбено евтини, но исклучително енергетски и градежно - интензивни материјали како бетон, челик или алуминиум.
„70 проценти од издувните гасови кои предизвикуваат ефект на стаклена градина, се создаваат во градовите“, предупредува Меснер. „Ако уште сега градиме градови кои ќе ја штитат климата, тогаш можеме во голема мера да придонесеме кон значително намалување на ефектот на промена на климата.“
Потребни се големи инвестиции
Се разбира, заштитата на околината е само еден од проблемите на мегаградовите. Пред очи треба да се има и квалитетот на животот воопшто, станови кои ќе може да бидат финансиски достапни, здравствена заштита, училишта, работни места.. Сето тоа спаѓа во социјална одржливост како и квалитетот на воздухот и снабдувањето на населението со прехранбени производи и чиста вода. Сето тоа побарува големи јавни инвестиции, а токму земјите во развој мораат покрај тоа да се борат и со нестручни и поткупливи градски службеници.
„Во земјите од северна Европа околу 30 - 40 проценти од јавните издатоци одат во инвестиции во градовите, во претжен дел од земјите во развој средствата се во едноцифрени бројки, најчесто под 5 насто“, предупредува Дирек Меснер. Затоа експертите од овој владин научен совет предлагаат вклучување и на Меѓународната банка за обнова и развој и на институции за развојна помош, кои мораат да се свртат кон развојот на сиромашните населби во градовите.
„Приватните инвеститори се интересираат само за најразвиените 30 проценти од градовите“, вели Меснер. „Затоа е неопходна промена на политиката и соодветна промена на приоритетите во меѓународните организации.“