1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Како да се увери хрватската јавност дека местото на земјата е во НАТО?

23 октомври 2006

По отворената поддршка од американскиот претседател Буш за членство на Хрватска во Алијансата, пред политичкото раководство во Загреб сега претстои голема работа на убедување на противниците.

Логото на НАТО
Логото на НАТО

Што и носи на Хрватска и нејзините граѓани членството во НАТО сојузот? Ова прашање кое повремено се поставуваше во Хрватска сега е главна тема во земјата. Откако американскиот претседател Буш на хрватскиот премиер Санадер му рече дека лично ќе се заложи за членство на неговата земја во Алијансата, сега хрватската администрација е исправена пред голем проблем – како да им објасни на бирачите, кои во голем дел се против, дека членството во НАТО е добра работа.

На Хрватите кои се против членство во Алијансата сега треба да им се објасни дека Хрватска како членка на сојузот не би требало да испраќа војници во Ирак, бидејќи НАТО не е присутен во таа земја и дека е беспотребна загриженоста дека Американците за свои потреби ќе запоседнат некои места од јадранското приморје.

На бирачите треба да им се објасни и дека НАТО во 2003 го одби американското барање за воено учество во Ирак, а од кога САД префрлија дел од воените бази во Бугарија и Романија, воени упоришта на НАТО во Хрватска не им се воопшто потребни.

Засега е сигурно дека парите кои одат за хрватската војска - ако земјата влезе во НАТО - со тек на време ќе се намалат. Но, доколку Хрватска не влезе во сојузот, воениот буџет ќе мора да се зголеми за дури 4% од Бруто националниот доход.

Секако дека има и други предности со членство на Хрватска во НАТО, но политичкото раководство во земјата ќе мора тоа да им го објасни на граѓаните. Во овој момент, Хрватска се наоѓа пред широко отворени врати на НАТО, а причина за тоа е нестабилното соседство, пред се поради ситуацијата во Босна и Херцеговина, но и во Србија и на Косово. Сето ова води во ситуација во која НАТО и ЕУ бараат сојузници на кои може да се потпрат – а тоа е Хрватска. Со оглед на тоа дека САД ја препознаа Хрватска како сојузник, хрватското раководство сега тоа ќе треба да го искористи од една страна, а од друга ќе треба да ги увери своите граѓани во корист на членство на Хрватска во НАТО.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми