1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Истите стари приказни

15 јуни 2022

Aко ги погледнете наративите на Милошевиќ и Путин ќе забележите многу непријатни, но очигледни паралели и сличности, со моменталниот мејнстрим на приказната на Бугарија кон Македонија. Пишува Петар Арсовски

Фотографија: Petar Arsovski

Дали сте забележале дека во повеќе наврати во историјата, особено оваа, подоцнежната, некои агресивни националистички наративи, се повторуваат како архетипска мантра, како исконска оска на приказни кои се исклучиво свртени сами кон себеси, како само-остварувачки тавтологии кои имаат смисла само во рамки на домашниот национален комплекс? Притоа, сите имаат релативно слични или исти елементи и се фокусирани на идентични мотивациски и патопсихолошки фактори, кои, во поново време, поврзани со популистички елементи, се скоро секогаш агресивно свртени кон надвор, но исклучиво наменети за внатре. Така, ако ги погледнете наративите на Милошевиќ со своите војни на Балканот, Путиновата мантра во војната со Украина, ќе забележите многу непријатни, но очигледни паралели и сличности, со моменталниот мејнстрим на приказната на Бугарија кон Македонија. Иако претходните примери се нужно поврзани, на крајот, со физичка агресија, основните постулати се загрижувачки присутни, и се очигледни во оваа вербална и дипломатска агресија на Бугарија кон Македонија. Единственото што недостасува се тенкови на граница, што можеби ќе беше во игра, да не бевме сојузници на хартија. 

Оттаму, можеби постои рецепт за дефокус на домашната јавност, поврзан со фабула за надворешна закана и популистичка мобилизација, во измислена одбрана на националните интереси? Ако е точно, тој најверојатно лесно се рециклира, се реплицира и може да се примени во слични ситуации? Да ги погледнеме паралелите, односно рецептот. 

Измисли го замислениот непријател  

Чекор 1: Измислуваш исконско зло и го поврзуваш со твојот замислен непријател, за да ти служи во стратегијата. Така, Милошевиќ тврдеше дека во Босна и Хрватска сеуште има фашисти, Путин мантра за денацификација на Украина, и, пази каква коинциденција, најголемите пропоненти на про-рускиот наратив и најголемите противници на евроинтеграцијата на Македонија во Бугарија, исто така, мантраат дека овде имало потреба од иста таква денацификација, која ја изедначуваат со „искоренување на македонизмот“. Таквата аргументација е дизајнирана за да се создаде, фиктивно се разбира, таканаречен морален комплекс, психолошки драјвер за космичка правда, за свет повик, кој има за цел да ја мобилизира и контаминира домашната јавност во илузорен транс, за да застанат зад протагонистите на овие приказни во одбрана на „повисока цел“. Има безброј историски примери, почнувајќи од Крстоносните војни, разни повици за џихад и слично, но патопсихологијата е скоро секаде идентична: демонизација во најава. 

Чекор 2: Измислуваш етно-национални жртви кои е неопходно да се одбранат. Милошевиќ тврдеше дека Србите на Балканот се загрозени, најпрво во Косово, потоа во Хрватска и Босна, Путин тврди дека Русите во Украина се жртви на терор и мора да ги одбрани, и се разбира, нашата оперетска варијанта: имало стотици илјадници Бугари во Македонија, кои се тероризирани и мораат да се одбранат од тиранија, и во нивна одбрана ора да се вклучи поголемиот брат, т.е. матичната нација. Скоро секогаш, овие паралели се наменети за повик кон некакво национално обединување, под архетипот на еден народ во повеќе држави, неправедно отсечени со некаква неприродна геополитичка поделба, кои сега мораат да се одбранат или, најдобро, да се припојат назад кон матичната национална свест и држава. 

Национална хипноза  

Чекор 3: Заклучуваш дека освестувањето мора да оди на сила, зашто локалните граѓани се под некаква национална хипноза. Откако ќе етаблирате морален комплекс и ќе го демонизирате таргетот, нужно е да се оправда сопственото агресивно поведение, да му се даде нота на оправданост. Оттаму, клучен дел во овој наратив е да се уточни дека единствената логична опција е агресивно, на сила, да се примора населението кај оние кои се ваша цел, низ процес на катарза, па ако треба и болна, да се освести и разбере што е најдобро за нив. Така, кај сите овие примери, пропонентите на агресијата, се подготвени, на сила ако треба, да ги врзат локалците во подрум, и да ги камшикуваат додека самите не разберат, дека некој друг подобро од нив знае кои се, од каде се, каде припаѓаат, и што е за нив најдобро. Ова е класичен социопатски пристап дека целта ги оправдува средствата, проектиран врз национален наратив за мобилизација. Се разбира дека звучи познато. 

Чекор 4: Измислуваш постојана закана од надворешниот непријател. Мобилизацијата на клучните национални емотивни ресурси, а особено дефокусот на домашната јавност, нужно зависи од капацитетот да се држи електоратот во состојба на висока „туража“, тензија и страв. Оттаму, клучен елемент на овој рецепт е да се измисли или оформи, некаква постојана закана која „виси над вратот“ на нацијата, за да се фокусира вниманието на надворешниот непријател, да се оттргне од домашните теми, но и за да се оправдаат потезите на агресија, претставувајќи ги како, всушност, потези на неопходна национална одбрана. Така, Милошевиќ постојано тврдеше дека кај и да е, околните земји ќе ги збришат Србите, Путин постојано тврди дека Русија мора да се одбрани од Украина, а Радев дека Бугарија е загрозена од Македонија и македонизмот, кој, ете, ако не денес, од понеделник, некако магично ќе станел доминантен во Европа, и потоа Бугарија ќе била „поразена“. Притоа, ако забележувате, секогаш оној кој тврди дека е под закана е: а) посилен, и б) оној кој всушност е агресорот.  

Надворешниот „проблем“

Чекор 5: Го изолираш домашниот наратив, со мантрата „не’ оцрнуваат пред светот и затоа светот не е со нас, но ние сме во право“. Така Милошевиќ имаше мантра за „зликовачка алијанса“, Путин за „измислени дезинформации и пропаганда“, а Бугарија за „постојан говор на омраза“, сите свртени кон нив, и како по правило, тие немаат разбирање кај светот зашто помалиот опонент бил подобар во пропагандата. Овој елемент е наменет за да ја изолира домашната политика од останатата меѓународна заедница, која по правило, нема разбирање за овој рецепт, со цел домашниот наратив да не зависи од влијанието на надворешни објективни фактори. Криењето од вистината е во основа приказ на слабост, на сознание дека локалната мантра е „тенка“, но е исто така, неопходен чекор кон ваквите и слични наративи.

Чекор 6: Беспоштедно го користиш наративот за домашна употреба. Секој домашен проблем всушност потекнува од неправедното оцрнување и измислениот надворешен непријател. Состојбите во твојата земја не се резултат на твојот капацитет, туку на ситуацијата некако предизвикана од надворешниот „проблем“. Така, Трифунов ја напушта коалицијата заради Македонија, а не заради фактот што рејтингот му е намален трипати. Состојбите во Русија се тешки заради Украина, не зашто економијата не е конкурентна. Србија без малку ќе банкротираше заради НАТО, не зашто владејачките гарнитури испумпаа милијарди на оф-шор сметки.

Рецептот е релативно едноставен, и лесно се детектира од малку поширока перспектива. Но, исто така, најчесто и епилозите на овие наративи се слични, и скоро никогаш не завршуваат добро за нивните пропоненти. За жал, ваквите процеси бараат време, и не се разрешуваат преку ноќ. Затоа, за потенцијалните тирани, подгответе се за тешка зима.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми