1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Закон и правосудство

Како добитната „десетка“ стана позната еден ден порано?

23 април 2021

Ако сакаме поголема независност, треба да се остави јавните обвинители да имаат поголемо влијание врз изборот, вели претседателот на Советот на јавните обвинители.

Mazedonien Staatsanwaltschaft in Skopje
Фотографија: DW/K. Blazevska

Еден ден пред изборот на петте обвинители во Вишото, и уште пет во Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, еден медиум ги објави имињата на десетте кандидати кои се очекувало следниот ден да бидат бидат избрани. Медиумот се повика на неофицијални извори, според кои, „имињата на обвинителите биле доставени како свршен чин до Советот на обвинители“. За некои од кандидатите беше наведено дека биле на предлог на СДСМ, а за некои - на ДУИ.

Сите кандидати за кои медиумот неофицијално добил информации дека се очекува да бидат избрани, вчера и навистина без избрани.

Случајноста точно да се погоди „добитната десетка“ е мала, ако се има предвид дека станува збор за вкупно 46 кандидати, од кои 14 конкурирале за обвинители во ОЈО за гонење организиран криминал и корупција, и 32 конкурирале за обвинители во Вишото јавно обвинителство Скопје. 

Претседателот на Советот на јавните обвинители, Ацо Колевски, нема одговор како вчерашниот јавен избор на десетте кандидати, можел да биде познат еден ден претходно.

„Не знам од каде се таквите информации. Можеби некој член на Советот споделил лични сознанија за тоа кои од кандидатите имаат најмногу шанси да бидат избрани. Навистина не знам“, вели Колевски.  

Повеќе на темата: 

Јовески за ДВ: Ќе бидат санкционирани субјективните слабости кај обвинителите

СЈО замина во историјата- дали со него ќе заминат и предметите?

Љубомир Јовески за ДВ: Обвинителството ќе биде ослободено од центри на моќ

Запрашан - колкава е можноста за политичко влијание врз изборот, потсетува дека одлуката за избор не е само во рацете на јавните обвинители кои се членови на Советот.

„Во Советот има четворица членови кои ги делегира Собранието. Шест членови се од редот на јавните обвинители, а член по функција е и државниот јавен обвинител, кој исто така е избран од Собранието. Според тоа, одлуката не е само во рацете на јавните обвинители. Ако сакаме поголема независност, треба да се остави јавните обвинители да имаат поголемо влијание врз изборот", вели Колевски.

Но, за да се измени сегашната ситуацијата, според него, потребна е широка дискусија и длабока анализа.

Стажот им пресудил на високите оценки

Колевски смета дека вчера одржале успешна и транспарентна седница, на која ја исполниле главната обврска - избор на кандидати за двете обвинителства. Запрашан зошто нема никакво образложение за (не)изборот на кандидатите, кусо вели дека „не се давало образложение“, бидејќи право на членовите на Советот било да гласаат врз основа на веќе презентирани податоци за кандидатите - стажот, оценката за стручност и други податоци од извештаите за нивната работа. Колевски вели дека ни во писмените известувања за одлуката на Советот исто така ќе нема образложение, „затоа што образложение никогаш и не се пишувало“.

Но, токму тоа го бараат кандидатите кои не беа избрани, а тврдат дека имале највисоки оценки.

„Точно е дека поголемиот дел од кандидатите имаа мошне високи оценки и сите заслужуваа да бидат избрани. Но, кога бројката на кандидати е поголема од огласените места, нормално е дека сите не може да бидат избрани и дека ќе има незадоволни. Голем број од членовите им дадоа предност на кандидатите кои имаат поголем стаж како јавни обвинители“, објаснува претседателот на Советот на јавните обвинители.

Тој потенцира дека и натаму ќе има огласи, на кои обвинителите ќе може да се кандидираат за повисоки позиции.

Недостиг на јавни обвинители

И додека битката се води за повисоки позиции, во моментов голем дел од основните јавни обвинителства се соочуваат со недостиг од јавни обвинители. Во разговор за ДВ пред две недели, таквата состојба ја потврди републичкиот јавен обвинител Љубомир Јовески.

Љубомир Јовески: Нема ниту едно Обвинителство во кое систематизираниот број на јавни обвинители е целосно пополнетФотографија: DW/Petr Stojanovski

„Има обвинителства во кои нема ниту еден обвинител, како што е Крива Паланка, Свети Николе, или по еден или двајца обвинители како во Основните обвинителства во Берово, Ресен, Кичево, Гевгелија. Нема ниту едно Обвинителство во кое систематизираниот број на јавни обвинители е целосно пополнет. Состојбата не е подобра ниту во вишите јавни обвинителства, ниту во Јавното обвинителство на Република Северна Македонија. Постои и голем недостиг од јавно-обвинителски службеници, а особено од стручни соработници чија работа е значајна во постапките на јавното обвинителство. За ваквата состојба редовно сум укажувал и конечно пред еден месец Владата заклучи дека е неопходно да се преземат конкретни дејствија и да се обезбедат потребните ресурси за нормално и ефикасно функционирање на обвинителството“, изјави Јовески.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми