1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Како до современи депонии со европски стандарди?

Свето Тоевски22 март 2014

Стотици илјади тони отпад се наоѓаат на општинските депонии за смет во Македонија, но и расфрлани на отворен простор, на голем број „диви“ депонии во околините на градовите и селата, како отворени „еколошки жаришта“.

Депонијата Русино кај ГостиварФотографија: DW/S. Toevski

Согласно со важечката законска регулатива во областа на управување со отпад, градоначалниците на општините се обврзани да доставуваат годишен извештај за постапување со неопасен отпад во соодветната општина до Министерството за животна средина и просторно планирање.

Вкупното количество на собран и отстранет комунален и друг вид на неопасен отпад во 2012 година, пријавен од градоначалниците на 17 општини, изнесува околу 540 илјади тони, кои потекнуваат од подрачја со вкупно еден милион и 265 илјади жители. Пресметано во просек според еден жител за оваа година, секој жител создал и отстранил само 0,43 тони комунален и друг вид неопасен отпад. Шеесет и осум општини не ги исполниле своите законски обврски и не доставиле годишни извештаи за постапување со комуналниот и друг вид на неопасен отпад, односно околу половина од населението во земјата не е опфатено со извештаите.

Во поглед на преработката на комунален и друг вид на неопасен отпад, градоначалниците на Битола, Охрид, Македонска Каменица и градот Скопје пријавиле околу еден милион и 406 илјади тони преработен комунален и друг вид на неопасен отпад. Што значи, биле преработени само 0,26 отсто од вкупниот пријавен создаден и отстранет комунален и друг вид на неопасен отпад во 2012 година. Биле рециклирани околу 667 илјади тони хартија, картон, пластика и метали, а околу 739 илјади тони отпад биле компостирани. Колку и да се застарени, овие последни расположливи податоци доволно јасно ја покажуваат и големата финансиска немоќ на градовите и општините во оваа земја да се справат со планините од смет, кои со години ги задушуваат нивните жители.

Законот за отпад се реализира бавно и тешко

Во октомври 2012 година беа донесени измени и дополни на постојниот закон за управување со отпадот, со цел, покрај другото, да се засилат и да се поттикнат надлежностите на општините на овој план. На една неодамнешна средба на претставниците на локалните власти во земјата со претставниците на споменатото министерство, била изнесена констатација дека „бавно се спроведуваат надлежностите на локалните власти“, утврдени со измените и дополните на односниот закон. Како се гледа на активностите на општините од страна на ресорното министерство, дали локалните власти пројавуваат самоиницијативност, без да чекаат централната власт да ги реализира нивните надлежности, решавајќи ги комуналните проблеми поврзани со отпадот?

Депонијата Шапкар кај ВасилевоФотографија: Vanco Stojanov

Во врска со ова прашање Ана Каранфилова - Мазневска, раководител на Одделот за управување со отпад во тоа министерство вака одговара: „Законот за отпад и тие негови измени и дополни сѐ уште се реализираат бавно и тешко, но, сепак, бележиме извесен напредок. Сегашната состојба со управувањето со отпадот во Македонија може да се окарактеризира како подстандардна, неефикасна и попречена од сериозни организациски и технички недостатоци, што предизвикува многу негативни ефекти за животната средина и за здравјето на луѓето. Државата треба задолжително да го усогласи својот систем за управување со отпад со стандардите на ЕУ и да ги намали влијанијата од постојната практика на управување со отпад врз животната средина. Само за скопскиот плански регион има изградено стандардна депонија 'Дрисла'. Останатите региони се сѐ уште во постапка на донесување на планската документација. Источниот и Североисточниот регион веќе имаат подготвено нацрт-верзија на регионални планови за управување со отпад, а за Скопскиот, Пелагонискиот и Југозападниот се подготвува апликација за добивање средства од ИПА-програмата за финансирање на овие регионални планови“.

Странски компании заинтересирани за управување со отпадот

До 2019 година треба да се затворат постојните 54 општински депонии, бидејќи тие не ги исполнуваат стандардите пропишани со македонската еколошка законска регулатива. Кој ќе гради нови, регионални депонии за смет, согласно со стандардите, кога општините и градовите немаат пари за тоа, оти, сепак, се работи за суми од по 20 и повеќе милиони евра потребни за градба само на една таква депонија?

Каранфилова - Мазневска напоменува: „Постојат странски компании, кои постојано се нудат да инвестираат во овој сектор. Меѓутоа, целата постапка треба да се води согласно со законот за управување со отпадот и законот за концесии и јавно-приватно партнерство. Комуналниот отпад е обврска на општините, односно, сега веќе на регионите и тие треба да донесат одлука за тоа на каков начин ќе ги реализираат своите обврски. Најважните активности на министерството за животна средина и просторно планирање во овој период се фокусирани на спроведување на интегрираното регионално управување со отпадот во сите региони. Основани се меѓуопштински одбори за управување со отпад за Североисточниот, Источниот регион, Пелагонискиот, Скопскиот и Југозападниот регион. Југоисточниот регион и Полошкиот регион финализираа со постапките за доделување на концесии за финансирање, проектирање, изградба и управување со регионална депонија за комунален цврст отпад. Избран за најповолен понудувач, но има доцнење за склучување договорите.“

Извршната директорка на Заедницата на општини Душица Перишиќ се надоврзува: „Управувањето со отпад е скапа инвестиција – од набавка на садови за отпад, собирање и транспорт, претоварни станици и воспоставување депонии според европски стандарди. Имаме различни решенија зависно од тоа за кој плански регион станува збор: дел го одбраа јавно-приватното партнерство и веќе преговараат околу тоа, дел имаат веќе воспоставен систем, а трети се на ставот овој систем да се финансира преку грантови, кредити и донации. На пример, Југоисточниот плански регион се реши за јавно-приватно партнерство со странска компанија. Особено важно при изработка на регионалните планови за управување со отпад е тоа што ќе треба да се води сметка за примена на европската директива за намалување на количествата на отпад што ќе се носат на депонии, односно ќе треба да се води сметка да се постигнат стандардите и целите од европските регулативи за управување со отпад. Тука, во голем дел главна улога ќе има развиеноста на пазарот на рециклирање на отпад од пластика, отпад од пакување, батерии и акумулатори до отпад од електрична и електорнска опрема, за што веќе постои соодветна правна регулатива.“

Депонијата Шапкар кај ВасилевоФотографија: Vanco Stojanov

Во Североисточниот плански регион со вкупно околу 220 илјади жители, кој ги опфаќа општините Куманово, Крива Паланка, Кратово, Липково и Старо Нагоричане, годишно се произведуваат околу 70 илјади тони цврст комунален отпад. Градоначалникот на општина Куманово Зоран Дамјановски, кој е претседател на Североисточниот плански регион, нагласува за ДВ: „Општина Куманово веќе со години го одложува својот смет во месноста ’Краста’, на едно отворено ѓубриште, каде што не се запазуваат стандардите за една депонија, иако тој простор е ограден и урбанизиран. Таму немаме обработка на сметот. Имаме реакции од жителите од селата од Пчињскиот реон, кои одбиваат да се фрла ѓубрето во нивна близина. Другите општини од нашиот регион имаат свои локации за одложување на ѓубрето. Имаме направено студии, техничка документација, стратегија, ама немаме пари. Потребни се 25 - 30 милиони евра: ние како општини и како регион немаме доволно пари за вакви капитални инвестиции во градба на регионални депонии: ќе објавиме повик за јавно-приватно партнерство, а погледот го насочуваме и кон европските фондови и помошта на Владата на РМ.“

Југоисточниот плански регион има конкретно решение за проблемот со отпадот

Засега Југоисточниот плански регион со околу 200 илјади жители, кој ги опфаќа општините Струмица, Василево, Радовиш, Конче, Ново Село, Валандово, Богданци, Дојран и Гевгелија, е меѓу првите во државата, кој веќе конкретно и подолгорочно ќе го реши проблемот со цврстиот отпад на своето подрачје.

Одбран е идниот концесионер, австриската компанија „АСА, која ќе инвестира меѓу 20 и 25 милиони евра во изградба на современа регионална депонија на смет на површина од 12 хектари, со што ќе се решат проблемите на овој план за наредните 25 години. Депонијата ќе има и преработувачки капацитет за рециклажа на сметот.

Градоначалникот на Василево и претседател на Североисточниот регион Ванчо Стојанов вели за ДВ: „Целата постапка е во завршна фаза. Ние имавме објавено и во меѓународното гласило на Европската Унија јавен повик за привлекување и странски компании за градба на депонијата. Веднаш по завршувањето на годинашниве преседателски и парламентарни избори ќе стартува ефектуирањето на инвестицијата. Предвидено е уште од страна на самите семејства да започнува селекција на отпадот, кои ќе добиваат за тоа посебни контејнери. Капацитетот на депонијата ќе произведува и електрична и топлинска енергија.“

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми