1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Како Западен Балкан да го совлада евроскептицизмот во ЕУ?

5 ноември 2011

Должничката криза во еврозоната го зголемува бројот противници на проширувањето на ЕУ. Земјите од Западен Балкан, за процесот на интеграција да продолжи, треба да ги следат препораките од ЕК, вели Николаус Ламбсдорф.

Николаус Гроф Ламбсдорф, надлежен за Југоисточна ЕвропаФотографија: picture-alliance/dpa

На прашањето за растечкиот евроскептицизам во ЕУ и шансите на земјите од Западниот Балкан сепак да ги минат пречките и да стекнат полноправно членство одговара Николаус Гроф Ламбсдорф, задолжен за Југоисточна Европа во германското Министерство за надворешни работи.

„Сега тоа се вика ’евроскептицизам’, се сеќавам на слични ситуации, кога тоа се викаше ’евросклероза’. Такво нешто има одвреме-навреме. Вистина е дека сега не е поедноставно да се стане член на Европската унија. А што се однесува до прашањето, што да се прави во ваквата ситуација, тоа не е тешко да се одговори. Неодамна беа објавени извештаите за напредок на Европската комисија и во нив има детални описи на сегашната состојба, но и јасни насоки што треба да се прави понатаму. Можеме само да и’ препорачаме на секоја влада внимателно да ги прочита овие извештаи и да се обиде она што таму од неа се бара, политички да го реализира. Таму има задачи за владите, за парламентите - има многу обврски!“ - појаснува Николаус Гроф Ламбсдорф, надлежен за Југоисточна Европа при Министерството за надворешни работи во Берлин.

Ромско семејство чека на одговор на барањето за азил во РостокФотографија: Picture-Alliance /ZB

Визна либерализација

Уште еден од проблемите со кои се соочуваат земјите од Западниот Балкан е злоупотребата на визната либерализација со ЕУ, поради која жалби и критики упатија повеќе членки на ЕУ. Што можат да сторат земјите од Западниот Балкан за да не дојде до заострување на визната либерализација или пак дури и до враќање на визите?

„Вистина е дека по воведувањето на визната либерализација се зголеми бројот на баратели на азил од повеќе земји од Западниот Балкан. Тука се вбројуваат барателите од Србија, кои доаѓаа не само во Германија, туку и во други членки на ЕУ. Ние, како и други влади од ЕУ, им порачавме на владите во регионот дека тоа мора да се смени и дека тие се одговорни за спречување на злоупотребите на визната либерализација. Потоа дојде до намалување на бројот баратели на азил. Го набљудуваме овој процес и понатаму, за што кај нас е задолжено министерството за внатрешни работи. Но, не гледаме потреба од промени во постојната визна либерализација за земјите од Западен Балкан“, појаснува Николаус Гроф Ламбсдорф од германското Министерството за надворешни работи.

Автор: Верица Спасовска / Горан Чутаноски

Редактор: Жана Ацеска

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми