Како изгледаат продавниците на иднината?
23 декември 2015Само што ќе посегнете по тестенините, до полицата веќе се појавува соодветен рецепт за јадење. Oсвен тоа, се препорачува и соодветен пијалок.
Касата на која не седи никој ги скенира производите. Купувачот плаќа со својата кредитна картичка која е поврзана со клучот од автомобилот.
Така научниците си ја претставуваат трговијата во иднина. Во Центарот за истражување на вештачка интелигенција во Санкт Ведел, Саарланд, тие испробуваат начини на кои би можело да се купува.
Веќе сега прогнозите велат дека Германците секое четврто евро го трошат на интернет. Затоа, продавниците од истражувачите бараат совет - како би можеле да опстојат?
Герит Кал од Центарот за истражување на вештачка интелигенција оценува:
„Трговијата мора да тргне од тоа дека муштериите сакаат сѐ повеќе информации. Тие бараат транспарентност, бараат различни сервисни услуги кои им се познати од онлајн-трговијата.“
Со тоа расте и притисокот. Трговијата мора да се дигитализира за да стане брза и информативна. Преку електронски етикети се нарачува стока од магацин, притоа информациите од муштериите се сокриени. Потрошувачот на својот мобилен апарат добива информации за предизвикувачи на алергии или за попусти.
Тоа, меѓутоа, значи и дека муштеријата ќе мора да даде многу информации за себе.
„Муштеријата ќе мора да се регистрира, на пример преку отпечаток од прст, а потоа автоматски се прикажува неговиот потрошувачки профил. Се разбира дека тоа има и негативни страни, зашто се даваат многу податоци за себе. Затоа, направено е така муштеријата самиот да одлучи дали ќе ги даде податоците со што би добил и дополнителни информации кои му се од полза“, објаснува Кал.
Овде може да го поглeднете видеото:
Во супермаркет на денешнината во Саарбрикен: на касите седат луѓе, муштериите сами си ги бараат производите. На прашањето за предностите на интелигентениот живот, многумина реагираат скептично и велат:
„Сакам да можам да добијам препорака, да можам да прашам 'Каде е што'. Едноставно сакам нешто лично.“
„Плаќање со мобилен телефон или клуч - тоа не можам да си го претставам многу добро. Би ми било подраго ако се остане на вообичаеното - плаќање со пари или картичка.“
Сепак, истражувачите се единствени во ставот дека дигитализацијата не може да се запре. Таа почнува веќе во дневната соба, со производи кои може да се нарачаат директно од маса. Трговијата можеби нема да ги спроведе сите, но сигурно ќе спроведе многу идеи кои штедат време и трошоци.
Така, она што се рекламира на телевизија, веќе може да се стави на дигиталниот список за купување. Со него потоа повторно се враќате во иднината...