1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Тероризам

Односот на Косово кон повратниците од ИД

Матијас фон Хајн | Естер Фелден | Бахри Цани
2 октомври 2019

Илјадници странски припадници на ИД се наоѓаат во курдските логори на северот на Сирија. Повеќето европски држави одбиваат да ги примат назад своите државјани од редовите на ИД. Косово пак постапи поинаку.

IS-Rückkehrerin Vlora
„Влора“, една од повратниците од Исламска државаФотографија: DW

Менсур Хоти пали цигара за цигара. Во едно приштинско кафуле, директорот на Секторот за јавна безбедност на Косово, зборува за тајната операција која е извршена ноќта помеѓу 19 и 20 април. Бил на должност кога под закрила на ноќта во Приштина слетал авион во кој имало 110 косовски државјани од пропаднатиот терористички калифат Исламска држава. Тие пред тоа биле заробеници во курдските логори на северот на Сирија. Ниту членовите на нивните семејства не знаеле ништо за нивното враќање.

Враќање во ноќта

Отпивајќи голтка кафе, Хоти се присетува на деновите кога не спиел, бидејќи морал да го координира враќањето на овие луѓе со сите страни кои учествувале во операцијата. Неговата земја нема официјални односи со Курдите од бунтовничкиот сојуз Демократски сириски сили (СДФ) кои контолираат големо подрачје на северот на Сирија.

Акцијата со повратниците на Косово ја овозможиле САД. Американците се во сојуз со Курдите и имаат стационирано војници на северот на Сирија.Никој не можел да се доближи до аеродромот во Приштина додека 32 жени, 74 деца и четворица мажи излегувале од авионот и се сместувале во автобуси со затемнети стакла.

Повеќе на темата:

-Балканот и натаму соочен со исламистичка закана

-Арапски држави го финансираат исламизмот на Балканот

-Косово- легло на исламизам?

Мажите се префрлени во затворот во Подујево, а жените и децата се однесени во Вранидол на медицински и психолошки прегледи. „Беа во многу лоша состојба, не само медицинска“, раскажува Хоти, и додава дека се гледало оти луѓето изгледале изгладнето и запуштено. Хоти, силен човек во своите 40-ти години со кусо потстрижена коса, нема илузии и многу добро знае дека најтешкиот дел од работата со повратниците од ИД допрва претстои. „Помислете само на иделогијата во нивните глави. Работата со сите овие луѓе ќе биде многу тешка задача“.

Менсур Хоти, директор на Секторот за јавна безбедност при косовското МВРФотографија: DW/M. von Hein

Калифат во главата

Тоа беше јасно при средбата со Влора. Како и останатите повратници, таа сега веќе речиси 6 месеци е повторно дома. Влора не е нејзиното вистинско име. Него никој не смее да го дознае. Како и останатите повратници, таа е под надзор и се наоѓа во домашен притвор на имотот на нејзините родители во едно мало косовско село. Седи во ладовината на една бука. Кокошките колваат, една мачка се шета наоколу, сончогледите се виткаат на ветрот. Сцената изгледа идилично. Но, скршените порозорци на куќата на нејзините родители укажуваат на сиромаштија. Останатите жени во семејството носат широки, шарени здолништа. Со Влора е поинаку. Од неа се гледа само толку колку што дозволува малиот отвор за очи. Витата 22-годишна девојка е во црнина од глава до пети. За време на разговорот постојано ги крши рацете. Таа живеела 5 години во терористичкиот калифат на т.н. Исламска држава. Не се открива ни во куќата. Религијата сѐ уште има многу важна улога во нејзиниот живот, вели, додека нејзиното двегодишно дете во преголеми чевли тапка по дворот. Семејството го замоли ДВ да не го открива полот на детето за некој да не се досети за кого се работи.

Влора и нејзините тројца сопрузи

Ова дете никогаш нема да го запознае својот татко. „Бев во близина кога загина“, вели Влора. „Претходно бевме само кусо заедно, излезе од куќата и го погоди ракета.“ Тоа бил вториот од тројцата борци на ИД со кои Влора била венчана.

За терористичката паравојска загинал и Косовецот со кого на 17 години отишла на подрачјето на ИД. Тогаш го излажала татко ѝ дека ќе оди на одмор во Турција. Нејзиниот трет сопруг е сѐ уште жив и курдските власти го држат заробен во еден логор на северот на Сирија.

Автобус со повратници од ИДФотографија: kallxo.com

Помеѓу каење и идеологија

Влора сега вели дека направила грешка што отишла во ИД. Но, не разбира зошто против неа и останите повратнички на Косово сега се подготвуваат обвинувања. „Ние бевме во куќите и ништо не сторивме“, се правда таа. „Немавме лоши намери и само ги следевме своите сопрузи“. Овој аргумент може да се слушне постојано од жените на ИД. Тврди дека ништо не знае за егзекуциите и другите злосторства на ИД. Но, видела воени уништувања. Влора себеси се гледа како жртва и се надева дека нема да заврши во затвор поради членството во терористичката организација. Вели дека сака да се интегрира во општеството, но и оти очекува „луѓето да ме прифатат онаква каква што сум. И да прифатат дека носам никаб“.

Психологот

Валбона Тафилај ја познава Влора и другите повратнички. Таа со тим од 20 психолози и психијатри ги следи повратничките и децата на нивниот пат на интеграција во косовското општество. Оваа ведра жена вели дека сите кога се вратиле биле трауматизирани: „Доаѓаат од воени подрачја. Доживеале ужасни злосторства и жестоки бомбардирања“. Тафилај смета дека нејзина главна задача е да ја освои довербата кај повратниците. Таа гордо пренесува дека сите деца постари од 6 години од септември се во училиште. Во рамки на подготовката за училишното секојдневие биле на излети, во забавни паркови и спортски сали за да се утврди колку се подготвени за новиот живот. Бидејќи мајките се во домашен притвор, и на децата им е ограничено движењето. Валбона Тафилај не сака да одговори на прашањето дали смета дека некоја од 32 повратнички од ИД е сѐ уште опасна. Тоа, како што вели, спаѓа под лекарскиот завет за молчење.

Ловец на терористи

Постои ли ризик за безбедноста? И ако постои, колкав е? За тоа интензивно размислува и Фатос Маколи. Овој брадест маж е највисок функционер на Косово за борба против тероризмот. Малата балканска земја нема ниту два милиони жители - но погледнато во однос на бројот на жители, ниту од една европска земја не заминале толку луѓе во ИД, колку од Косово. Се проценува дека биле повеќе од 400. 

За споредба: Германија има 82 милиони жители, а од оваа земја во редовите на џихадистите од ИД отишле околу 1050 лица.

Германија, Англија или Франција со сите сили се спротивставуваат на враќањето на нивните државјани од бившите подрачја под контрола на ИД во Сирија и Ирак. Исклучок понекогаш се прави за децата.

Маколи вели дека Косово има искуства со судењето на исламистичките екстремисти. Од 2014 година наваму, уапсени се повеќе од 150 припадници на Исламска држава. Повеќе од 80 од нив добија делумно долгогодишни затворски казни. 

Арапскиот фактор

Повеќе од 95 насто од Косовците се сунитски муслимани. Тие традиционално следат либерален ислам, а многумина живеат секуларно. Но по војната на Косово се зголеми влијанието на конзервативните струи. Маколи смета дека за тоа во прв ред се одговорни Саудиска Арабија и другите земји од Персискиот залив. Постоеше јасна намера - да се заживее исламот на Косово и да се политизира обуката на имамите, истакнува тој. Арапските организации за помош претежно работеа со деца, нагласува Маколи. 

ВранидолФотографија: picture-alliance/AP Photo/V. Kryeziu

Во средината на 2000-те години, ефектите од вахабистичката и салафистичката идеологија станаа видливи. „Одеднаш се појавија проблеми во семејствата. Децата веќе не сакаа да разговараат со жените или одбиваа да учествуваат на семејните веселби. Ги обвинуваа своите родители дека не се вистински муслимани“.

Големата невработеност, недостатокот на перспективи за иднината на младите и сеприсутната корупција го сторија останатото: Косово стана жариште на радикализацијата.

Примерот Косово?

Менсур Хоти, директор на Секторот за јавна безбедност признава дека сите Косовци не се воодушевени од акциите против повратниците. „Но, тоа е единствен начин да се соочиме со проблемот. Тие луѓе се наши граѓани. Нашиот устав ни пропишува да се грижиме за своите луѓе, без оглед каде се наоѓаат“.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми