1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Тероризам

Како беше убиен еден од најдобро чуваните луѓе во Иран?

Шабнам фон Хајн
30 ноември 2020

Нуклеарниот физичар Мохсен Фахризадех беше еден од најдобро заштитените луѓе во Иран. Неговото убиство фрла лошо светло врз тајната служба на Револуционерните гарди во Иран.

Iran I Terroropfer Mohsen Fakhrizadeh
Фотографија: FARS

Бесот на социјалните мрежи е огромен – „Додека тајните служби и безбедносниот апарат се зафатени со следење и малтретирање на студенти, активистки, новинарки и неистомисленици, ни ги убиваат нуклеарните научници на сред бел ден,“ се вели во бројните Твитер пораки и коментари на Иранците по убиството на Мохсен Фахризадех.

Трет пат за помалку од една година иранскиот безбедносен апарат очигледно потфрли – токму оние кои се фалат дека сѐ им е под контрола во Иран.

На 27 ноември во близина на Техеран е убиен нуклеарниот физичар Мохсен Фахризадех, еден од најважните ирански нуклеарни научници. До тогаш речиси и да не можеше да се најде негова слика на интернет. Фахризадех, кој важи за татко на иранската атомска програма, беше еден од најдобро заштитените луѓе во Иран. Во 2008 преживеа еден обид за атентат. Тогаш моторџија му закачил бомба на неговиот автомобил, но Фаризадех успеал да излезе на време. Овојпат немаше шанса.

Научникот Фахризадех беше застрелан во автомобилФотографија: Tasnim

Министерот за одбрана Амир Хатами рече дека врз автомобилот на Фахризадех прво било пукано, а кратко потоа во близина од околу 15 метри експлодирал и пикап полн со експлозив. Набрзо потоа научникот им подлегнал на повредите во болница.

Пред две години Мосад украде документи од Иран

Фахризадех беше експерт за производство на ракети. Најдоцна од мај 2018., светската јавност го запозна како клучна личност на иранската атомска програма.

Тогаш за време на прес конференција израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху објави материјал кој израелската тајна служба Мосад го украла во Иран. Нетанјаху најави „жешки“ детали за иранската атомска програма и нагласи: „Запомнете го ова име – Фахризадех“.

Повеќе на темата:

Иран се заканува со жестока одмазда, ОН апелираат на воздржаност

Украинскиот авион соборен со две ирански ракети

Погреб на Сулејмани - ќерката се закани со „црн ден за Америка“

Убиството на иранскиот генерал - објава на војна

Според израелски извори, Фахризадех од пред дваесет години ја водел воената атомска програма под името „Амад“ (Надеж).

За време на една операција во 2018., Мосад украл над 55.000 страници документи на тајната служба во Техеран. Агентите на Мосад успеале со специјална опрема за режење метал да отворат неколку шкафчиња во складиште. Локацијата на документите не би била пронајдена без инсајдерска помош.

Операцијата на Мосад во Техеран беше голем срам за иранскиот безбедносен апарат, особено за тајната служба на Револуционерните гарди (ИРГЦ) која е одговорна за воениот дел на иранската атомска програма. За оваа програма се регрутираат луѓе од најблиските кругови.

Како можеше Фахризадех да биде жртва?

И 63- годишниот Фахризадех беше член на Револуционерната гарда и тоа од младоста. Беше под заштита на ИРЦГ, организација за заштита на информации – исто како и командатот на бригадата Ал-Кудс, Касим Сулејмани кој американската војска го ликвидираше во јануари годинава.

Информациите за тоа каде се наоѓа Сулејмани во Ирак на ЦИА и на Мосад наводно им ги дал преведувач од бригадата Ал-Кудс во Сирија. Извесен Махмуд Мусави Маџид кој беше погубен во јули. Тој наводно шпионирал за тајните служби на САД и Израел во „разни безбедносни области“ и за возврат добивал огромни суми пари, изјави портпаролката на судот во Техеран.

Фактот дека според официјалните информации Мусави е уапсен во октомври 2018 остава многу отворени прашања.

Најважното гласи: Како тој – две години подоцна во затвор – можел да прими и проследи информации за тоа каде се наоѓа генералот Сулејмани? Судството и ИРГЦ не дадоа одговор.

Постојано безбедносни дупки во системот

„Детали за атомската програма се украдени; се врши атентат врз најдобро заштитени лица; во атомските постројки се случува саботажа. А, безбедносните органи не можат да сторат ништо друго освен во најдобар случај да ги уапсат новинарите и да ги потиснуваат”, пишува Мехди Махдави Азад, ирански новинар. Во јуни 2020 атомската постројка во Натан беше предмет на саботажа.  Експлозија предизвика голема штета и го попречи производството на центрифуги за збогатување на ураниум. 

Во август портпарол на Агенцијата за атомска енергија, Бехрус Камалванди, на државната телевизија потврди дека „Експлозијата во Натанс е резултат на саботажни активности. Безбедносните служби за тоа во дадено време ќе ја објават причината.” 

Но, до денешен ден не се знае кој се крие зад тој акт. 

По убиството на Фахризадех командантот на Иранските револуционерни гарда, Хосеин Салами, се заколна на одмазда. Најава која на социјалните медиуми пред сѐ предизвика горки шеги: „Исто како и по убиството на генерал Сулејмани. Но, тогаш нападнавте празни бази на САД и истовремено соборивте патнички авион со невини лица”, пишува корисник на Твитер алудирајќи на украинскиот патнички авион кој беше погоден во јануари 2020 од страна на Иран со 176 жтрви.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми